Интервју со Филип Михајлов: Momentarium ги собира свадбените моменти што фотографот ги пропушта

0 коментари 8 мин. читање

Во време во кое во џебот носиме супер камери, а брзиот интернет е достапен на секој чекор, навистина е чудно што сè уште не постои едноставна и функционална платформа која ќе ги надополни свадбените фотографи. Свадбите секогаш се исполнети со десетици спонтани моменти фатени од аголот на гостите, но штом ќе заврши прославата, тие драгоцени сеќавања обично завршуваат хаотично расфрлани по Viber групи, Messenger четови или исчезнуваат во меморијата на телефоните.

Токму овој проблем го поттикна Филип Михајлов да го креира Momentarium, приватна дигитална галерија која им овозможува на гостите преку обично скенирање на QR-код (без инсталирање апликации или правење профили) да ги споделат своите фотографии, а на младенците да го сочуваат целиот ден виден низ очите на сите присутни. Платформата е достапна како веб-апликација, а од неодамна е достапна и на Android.

Со Филип разговаравме за тоа како е да се гради инди-производ од лична потреба, какви беа искуствата од првите четири вистински свадби и како технологијата може да го сочува она што е најважно — автентичните моменти меѓу кадрите.

Што те поттикна да го креираш Momentarium? 

Momentarium почна од проблем што ќе го имам и јас самиот. На свадби и други настани сите прават фотографии, но после тие остануваат расфрлани по телефони, Viber групи, Instagram, WhatsApp и којзнае каде. На крај секогаш има некој што прашува „ај прати ми ги сликите“. Си реков: ова е проблем што јас би сакал некој да ми го реши. Наместо само да чекам да постои таков производ, решив да пробам да го направам сам.

Momentarium за мене е и еден вид инди експеримент. Да решам реален проблем што го имам јас, да го пуштам меѓу луѓе и да видам дали и други го имаат истиот проблем и дали производот навистина им носи вредност. Тоа ми е многу поинтересно отколку прво да смислам „бизнис идеја“, па потоа да барам проблем што ќе ја оправда.

Младенците, од друга страна, имаат свој простор од каде што можат да ги прегледуваат и организираат фотографиите, а по свадбата да ги преземат сите на едно место. Целта е за гостинот целиот процес да биде што е можно поедноставен и да трае само неколку секунди.

Креирањето на дигитални производи не ти е новост, но колку е различно чувството кога градиш ваков производ?

Доста е различно. Професионално најмногу работам со fintech производи, banking апликации, SDK-и и интеграции, каде што фокусот е на архитектура, стабилност, безбедност и решавање на доста комплексни технички проблеми.

Momentarium е различен затоа што вредноста прво ја гледам за себе. Тоа е проблем што јас лично сакам да го решам, а потоа да видам дали истиот проблем го имаат и други луѓе. Од друга страна, не го гледам само како хоби проект. Свадбите се реален и голем пазар и кај нас и пошироко, потенцијално и низ Европа. Луѓето трошат многу пари за свадба, а собирањето на сите фотографии од гостите е проблем кој и понатаму најчесто се решава прилично хаотично.

Мене ми е интересна токму таа комбинација: да решиш реален проблем со релативно едноставно и достапно решение, без да додаваш уште еден голем трошок во веќе скапа свадба. А кога градиш свој производ, одговорен си за сè. Од идејата и техничката реализација, до дизајнот, цената и тоа како вистински луѓе ќе го користат. Тој дел ми е веројатно и најинтересен.

Кои технологии ги користи Momentarium и како слики стигнуваат од телефоните на гостите до галеријата?

Momentarium е изграден со Kotlin и Compose, а backend-от во голем дел се потпира на Supabase.

Кога гостинот ќе го скенира QR-кодот и ќе го отвори линкот за конкретната свадба, може директно од телефонот да ги избере фотографиите што сака да ги сподели. Тие се прикачуваат во storage-от на Momentarium, се врзуваат со конкретниот настан и потоа се појавуваат во галеријата на младенците.

Однадвор тоа изгледа како многу едноставен процес, но во позадина има доста работи што треба добро да функционираат: повеќе фотографии одеднаш, големи фајлови, слаб или прекинат интернет, прогрес при прикачување, приватност и правилна контрола на пристапот.

Целта ми е корисникот воопшто да не размислува за тие работи. За гостинот процесот треба да биде само: отвори, избери фотографии и прикачи.

Еден од најинтересните потези во дизајнот на Momentarium е што гостите не мора да симнуваат апликација ни да прават профил, само скенираат QR-код. Како ја избалансира едноставноста за гостите со контролата што ја имаат младенците?

Тоа беше една од работите за кои бев прилично сигурен уште од почеток. Ако барам од гостин на свадба да симне апликација, да направи профил, да потврди e-mail и дури потоа да прикачи фотографии, веќе сум изгубил голем дел од луѓето.

Затоа страната за гости е намерно сведена на минимум. Скенираш QR-код, избираш фотографии и ги прикачуваш. Нема профил и нема дополнителни чекори.

Контролата е на страната на младенците. Секој Momentarium е приватен и врзан за конкретен настан, а младенците имаат свој профил и простор од каде што управуваат со него и со фотографиите.

На некој начин, се обидувам сложеноста да ја префрлам кај системот, а не кај гостинот.

Неодамна Momentarium за првпат се користеше на свадба! Какви беа првите импресии од младенците и гостите? Имаше ли некој неочекуван момент што веднаш ти даде идеја за подобрување?

Првите свадби ми беа многу повредни од десетици тестирања што можам сам да ги направам. Кога ти ја градиш апликацијата, точно знаеш каде треба да притиснеш и што треба да се случи. Кога ќе ја дадеш на вистински корисници, многу брзо гледаш дали нешто навистина е едноставно или само тебе ти изгледа така. Momentarium во тест фазата досега беше дел од четири различни свадби и практично сите поголеми промени во последниот дизајн произлегоа од тоа реално користење.

На пример, сфатив дека QR-кодот треба да биде многу повидлив и подостапен, затоа што тој е една од клучните работи за самиот настан. Исто така, „За преглед“, „Галерија“ и „QR-код“ сега имаат свои посебни табови, а целата навигација е многу појасна отколку во првите верзии. Тоа се работи што можеби не би ги препознал како проблем додека сам ја користам апликацијата, но стануваат очигледни кога ќе видиш како младенците реално се снаоѓаат со неа пред, за време и после свадбата.

Најкорисниот дел од овие четири свадби беше токму тоа – наместо да претпоставувам што треба да подобрам, вистинските корисници практично ми го покажаа следниот чекор.

Забележа ли некоја разлика кај фотографиите од гостите што можеби ја нема во тие од официјалниот фотограф?

Да, и всушност тука најмногу ја видов вредноста на идејата. Momentarium воопшто не се обидува да го замени професионалниот фотограф. Тој има сосема друга улога и ќе ги направи најквалитетните фотографии од свадбата. Но гостите фотографираат нешто друго. Има фотографии од масите, селфиња, моменти од подиумот, нечија реакција, фотографија направена пред да пристигне фотографот или од агол на кој тој едноставно не можел да биде. Можеби технички не се најдобрите фотографии од свадбата, но често се едни од најличните. На крај добиваш две различни перспективи на истиот ден – професионалната и онаа како свадбата ја доживеале луѓето што биле таму.

И мислам дека токму во тие спонтани фотографии има нешто посебно. После неколку години, можеби нема најмногу да ти значи совршено наместената фотографија, туку некој мал момент што не си ни знаел дека некој го фатил.

Како се справувате со модерацијата? Дали младенците ги одобруваат сите слики пред да станат дел од заедницата и колку тоа им е брзо и забавно за правење?

За мене беше важно младенците да имаат контрола, затоа што сепак станува збор за нивна свадба и нивни фотографии. Кога гостите ќе прикачат нешто, фотографиите прво одат во „За преглед“, а младенците одлучуваат што сакаат да остане во финалната галерија.

Тука многу внимавам процесот да не стане напорен. Ако имаш неколку стотици фотографии, не сакаш ден после свадбата да добиеш уште една обврска. Затоа целта ми е прегледувањето да биде што е можно побрзо и поинтуитивно, а „За преглед“ и „Галерија“ намерно се одделени како два јасни дела.

Следниот чекор е да додадам и автоматски слој на филтрација уште во моментот помеѓу прикачувањето и рачниот преглед. Тој би служел за препознавање очигледно несоодветна содржина, како голотија, експлицитни сцени или вознемирувачки фотографии, пред тие воопшто да стигнат до стандардниот процес на одобрување.

Но не сакам алгоритам да одлучува наместо луѓето што е вредно, убаво или важно. Некогаш баш некоја несовршена фотографија може да значи најмногу.

На крај, сакам технологијата да помогне со она што може да се автоматизира, а младенците сепак да го имаат последниот збор.

После свадбата, со еден клик младенците добиваат ZIP со сите одобрени слики. Планираш ли додавање на некои други функционалности во иднина?

Да, идеи има многу, ама се трудам секоја нова функционалност да решава реален проблем, а не само да ја прави апликацијата поголема.

Една од следните работи што сакам да ја додадам е безбеден линк за споделување на финалната галерија. Младенците ќе можат да го споделат со најблиските, на пример со семејствата од двете страни, и тие самите да ги прегледаат и преземат фотографиите.

На тој начин не мора прво младенците да симнат ZIP со стотици фотографии, па потоа повторно да ги качуваат на Viber, WhatsApp или некој cloud само за да ги испратат на фамилијата. Сакам и тој последен чекор да биде решен во рамки на Momentarium.

Momentarium стартува со фокус на свадби, но потенцијалот за родендени, деловни настани и фестивали е огромен. Каде го гледаш Momentarium за една година од сега?

Во моментов намерно сум фокусиран на свадби. Не сакам уште на почеток Momentarium да се обидува да биде решение за секој можен тип на настан. Кај свадбите проблемот е многу јасен, има голем број луѓе што фотографираат во исто време, а самите фотографии имаат огромна лична вредност. Сакам прво тука да направам производ што навистина функционира добро и што луѓето би го препорачале понатаму.

За една година би сакал Momentarium веќе редовно да се користи на свадби во Македонија, но и да почнам да проверувам дали истиот модел функционира и на поширок пазар. Од самиот почеток го гледам како производ кој потенцијално може да има публика и низ Европа, затоа што проблемот што го решава не е специфичен само за нашиот пазар.

Родендени, семејни прослави, корпоративни настани и фестивали се логично продолжение, но не би сакал да се ширам само затоа што технички можам да додадам уште една категорија.

За мене следната година е повеќе тест дали од проблем што прво го решавам за себе можам да изградам вистински indie производ што има свое место на пазарот. Ако луѓето продолжат да го користат и да гледаат вредност во него, тогаш има многу простор Momentarium да расте понатаму.

Напишано од

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед