Скопје добива нова иницијатива насочена кон поврзување на универзитетите, истражувачите, стартапите, компаниите, инвеститорите и јавниот сектор околу една цел: научното знаење и deep tech технологиите полесно да стигнат од лабораторијата до пазарот.
Лансирањето на Skopje Innovation District беше претставено за време на конференцијата Startup Revolution AI, во рамки на проектот TECHSIGHT, европска иницијатива која работи на зајакнување на капацитетите на универзитетите и регионалните екосистеми за развој на deep tech иновации и претприемништво.
Зад идејата стои професор Радмил Поленаковиќ, кој смета дека брзината со која се развиваат вештачката интелигенција, роботиката, адитивното производство, новите материјали и зелените технологии бара поинаков пристап кон иновациите.
„Во моментов сме сведоци на големи и брзи технолошки промени. Вештачката интелигенција, дигитализацијата, адитивното производство, роботиката, новите материјали и зелените технологии се развиваат со толкава брзина што традиционалните иновациски системи потешко го следат ваквиот развој“, вели Поленаковиќ.
Според него, проблемот не е во тоа што Македонија нема знаење или луѓе кои можат да создаваат технологии.
„Имаме знаење, имаме истражувачи и научни работници, имаме талентирани студенти, имаме проактивни компании и успешни претприемачи. Но прашањето е како да ги поврземе сите овие елементи така што знаењето навистина ќе може да се претвори во иновација, а иновацијата во економско и општествено влијание?“
Од технологијата што ја имаме до технологијата што допрва доаѓа
Проектот не се фокусира само на моменталната состојба во технологијата. Еден од неговите клучни елементи е стратешкото предвидување, односно обидот да се идентификуваат технологиите и промените што можат да станат важни во иднина.
„Не можеме да се натпреваруваме само со тоа што ќе се обидуваме да правиме повеќе од она што веќе го правиме. Треба да идентификуваме и каде можеме да изградиме нови капацитети, особено во областите каде што се поврзуваат технологијата, истражувањето и претприемништвото“, додава Поленаковиќ.
Иницијативата е инспирирана и од искуствата на други европски екосистеми, вклучително и Innovation District Copenhagen, а TECHSIGHT ги поврзува партнери од различни европски локации, меѓу кои Магдебург, Даугавпилс, Истанбул, Белград и Гуарда.
Дополнително, целта не е Скопје едноставно да копира некој од овие модели. „Целта е да ги искористиме искуствата од овие примери и да размислиме што има смисла за Скопје и Македонија“, вели Поленаковиќ.
Во Скопје веќе постојат универзитети и истражувачки организации, стартапи и спиноф-компании, етаблирани компании и МСП, инвеститори, организации за поддршка, јавни институции и граѓански организации.

Предизвикот што доаѓа сега пак, е овие делови од екосистемот да работат подобро заедно. „Иновациите најчесто се создаваат помеѓу организациите, а не само во рамките на нив. Иновацискиот дистрикт треба да помогне во создавањето токму на тие врски“, вели тој.
Забрзување на процесот и развојот на deep tech иновациите
Во проектот учествуваат екосистеми со различни карактеристики, од Скопје и Белград, до Истанбул и региони во Летонија, Германија и Португалија. Марјан Николовски, иновациски експерт, партнер од Данска и еден од луѓето зад иницијативата, вели дека токму оваа разновидност е важна за пристапот кон Deep Tech.
„Имаме повеќе екосистеми, како македонскиот во Скопје, српскиот во Белград, турскиот во Истанбул, но и региони од провинција во Летонија, Германија и Португалија“, вели Николовски.
Длабоката технологија (deep tech), според него, има специфичен проблем: за развојот на ваквите технологии е потребно време, а традиционалниот стартап пристап често очекува резултати многу побрзо.
Затоа, иницијативата користи футуристички методи и принципи на стратешко предвидување со кои различните актери треба да изградат капацитет за долгорочно размислување и планирање.
„Идејата со проектот не е да гледаме кон Силиконската долина, Копенхаген или Њујорк, туку да најдеме сигнали тука во регионот и да сфатиме дека и ние нешто можеме. Да добиеме самодоверба во процесот“, вели Николовски, додавајќи дека лансирањето на повеќе Innovation Districts, меѓу кои и Скопје, е кулминација на работата што партнерите ја правеле досега.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...