0 коментари 4 мин. читање

Што е SWIFT и зошто е важен за Русија

Државите членки на Европската Унија, САД, Велика Британија донесоа одлука со која голем дел од руските банки ќе бидат исклучени од Swift системот. Ако останавте помалку збунети и се прашувате како сега Русите ќе кодираат за iOS, потребна ви е за кратка пауза од ИТ теми. Популарниот програмски јазик Swift развиен од Apple го дели името со најголемиот платежен систем кој го користат илјадници финансиски институции ширум светот.

На почетокот на руската воена инвазија во Украина исклучувањето од Swift беше споменувано како најригорозната мерка која може да ја донесат западните земји за да ја спречат воената акција.

На трансакции од и кон Русија отпаѓа 1% од вкупниот број на платежни трансакции. Како последица од санкциите руската рубља е падната на најниско ниво досега, а руската берза остана затворена. Руската централна банка ги удвои каматните стапки на 20%. Воениот конфликт се очекува да има и поголемо влијание врз ИТ индустријата, особено врз сегментот на производство на чипови, за тоа може да прочитате во текстот кој го објавивме пред два дена во кој го погледнавме конфликтот преку ИТ перспектива.

Што е SWIFT?

Swift е кратенка за Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunications, огромна мрежа која банките и другите финансиски институции ја користат за брз, точен и безбеден трансфер на пари преку државните граници. Swift е своевиден систем за испраќање на пораки кој ги информира корисниците за тоа кога некоја трансакција е испратена и кога е пристигната. Ова овозможува значително побрз начин за трансфер на пари од она што се користеше претходно.

Наједноставно кажано, Swift е мрежа за праќање пораки за финансиски трансфери. Мрежата е дел од глобалниот платежен систем и е креирана во 1973 година, со седиште во Белгија. Денес во системот учествуваат над 11.000 банки во 200 држави, а мрежата е во заедничка сопственост на над 2.000 банки и финансиски институции. Системот е под контрола на Националната банка на Белгија, во партнерство со големите централни банки ширум светот – вклучувајќи ги Федералните резерви на САД и Банката на Англија.

Првенствено започна за едноставни инструкции за плаќање, но сега испраќа пораки за широк спектар на дејства, вклучувајќи безбедносни трансакции, трезорски трансакции, трговски трансакции и системски трансакции. Извештајот од декември 2021 година, покажува дека скоро 45% од сообраќајот на Swift сè уште е за пораки за плаќање, а 49% претставуваат безбедносни трансакции. Преостанатиот дел од сообраќајот е кон трезорски, трговски и системски трансакции.

Секој ден во просек се разменуваат 42 милиони пораки, а во период од 2020 до 2021 бројот на пораки имал пораст за 11,4%.

Како изгледа една SWIFT трансакција

Секоја од организациите кои се дел од Swift поседуваат единствен идентификатор/код. Овој код е познат како идентификационен код на банката (bank identifier code – BIC), SWIFT-код, SWIFT ID или ISO 9362 код. Кодот е составен од 8 задолжителни и 3 дополнителни карактери.

Еве како на примерот на НЛБ Банка во Скопје изгледа SWIFT кодот: TUTNMK22XXX. Првите четири карактери TUTN се однесуваат на кодот на институцијата. Следните 2 карактери MK се државата, во случајов MK за Македонија. Последните 2 карактери од задолжителниот код се однесуваат на локацијата, во случајов 22. Последните 3 карактери се однесуваат на филијалата на банката, и не се задолжителни.

Со овие кодови корисниците можат лесно да прават финансиски трансакции од една до друга банка без разлика во која држава се наоѓаат. На пример некој корисник може да влезе во Commonwealth Bank of Australia во Сиднеј и да му испрати пари на својот роднина во Скопје корисник на НЛБ Банка. Commonwealth Bank of Australia ќе испрати SWIFT порака за трансфер на пари до НЛБ во Скопје. Штом пораката пристигне во НЛБ, банката во Скопје ќе ги кредитира парите на сметката на роднината во Скопје.

Пред Swift се користеше Telex. Најголем недостаток на тој систем беше бавноста, но и проблемите со небезбедноста и непостоењето на стандардизирани формат на пораките. Во пораките требаше да се опише трансакцијата во реченици, а погрешното толкување од човекот кој ги составува овие реченици, но и од оние кои ги читаа носеа многу грешки.

Како ќе влијае отстранувањето на Русија од Swift

Иако државите се договорија за отстранување на Русија од Swift, засега не е објавено кои руски банки ќе бидат дел од забраната.

Сепак банките кои ќе бидат исклучени нема да можат да го користат Swift и глобалните трансакции ќе бидат отежнати. Ова ќе ја отежни и наплатата за енергенси како природен гас и нафта. За трансакции ќе бидат потребни алтернативи, па и времето за трансакции ќе биде подолго, а со ова ќе се отежни и приливот на средства за властите во Москва.

Од друга страна, Русија нема да биде единствена жртва на овие санкции. Ова е една од причините што дел од државите не сакаа веднаш да ја исклучат Русија oд Swift. Италија, Франција и Германија како главен енергенс ги користат природниот гас и нафта од Русија. Исклучувањето од Swift може да ја отежни размената, иако ќе зависи од тоа кои банки ќе бидат зафатени од исклучувањето.

Дел од компаниите кои имаат побарувања од руските компании или од Русија ќе мора да пронајдат алтернативи за исплатата, вели BBC.

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Мени
Заедница
Изглед
To top