Guild Wars 2 отсекогаш се истакнувала како една од најпопуларните MMO игри. Тоа е затоа што играта има исклучително многу уникатни режими и секој може да најде нешто интересно. Можете да го истражувате огромниот свет, да ја искусите огромната приказна, или да навлезете во најразлични PvP пресметки. Вашето слободно време се почитува, а скоро сите механики имаат органска подлога која лесно се прилагодува на вашиот стил на играње, независно од тоа дали сте по соло или заеднички активности.
Со исфрлување на првата експанзија, Heart of Thorns, се воведоа бројни новитети, а новите мапи, потпомогнати со можноста за лебдење, допринесоа и до вертикално истражување, нешто што беше ретко видено во другите ММО игри. Оригиналност на ArenaNet не застана тука. Втората експанзија нѝ ги донесе долго очекуваните животни за јавање и секое од нив понуди интересна димензија при истражување, а изреката joy of movement, стана заштитен знак за тимот. Дојде време и за третата експанзија, но дали и таа се истакнува со револуционерни механики, или пак се гуши во сенката на претходните два браќа?
Во секој можен поглед, Guild Wars 2: End of Dragons е чистокрва и квалитетна експанзија со новитети кои се достојни на новитетите кои не размазија во претходните две експанзии. Во EoD имате четири огромни мапи, епска приказна која нема да ве остави рамнодушни, ново животно за јавање, нови masteries, Jade асистент, можност за релаксирачко ловење риби, управување со бродови, нови страјк мисии, нови елитни специјализации и многу многу повеќе. Ниедна од овие механики не се полупечени и се чини дека ArenaNet вложиле максимум за испорачување комплексна и квалитетна експанзија.
Крај на змејови?
Приказната во EoD се надоврзува на претходната Living Story и, по стотици години, конечно можете да се вратите во Канта. Но, Канта е значително поразлична и на нејзина територија цвета технолошка иновативност која ги засенува и најголемите Асура умови. Набргу дознавате дека за таквата иновативност Канта морала да плати висока цена, а оно што ќе откриете во длабочините на Безкрајниот Океан ќе го смени животот на командирот и на сите околу него засекогаш.
Нема да лажеме, приказната во основната игра не нѝ се премногу допадна, а на исто мислење бевме и со првата експанзија – Heart of Thorns. Иако глумата е ок, заплетот нѝ оставаше впечаток дека е набрзина скоцкан и полн со клишеи. Path of Fire, меѓутоа, понуди застрашувачки добра приказна, а третата, она која ќе ја најдете во End of Dragons, е апсолутно феноменална! За време на огромната кампања ќе се сретнете со бројни стари, но и нови крајно каризматични ликови, на кои им позајмуваат гласови одамна докажани актери како Ерика Иши, Кели Ху, Сара Соколович, Рина Хоширо и Рај Чејс.

Запрепастувачка разноликост
На мирните брегови на Шинг Џеј островот ќе ги направите вашите први чекори, а набргу ќе ја добиете можноста да ловите риби и да управувате со ваш личен брод. Seitung Province е огромна и детална мапа опкружена со водени површини, расцветани дрвја, импозантни храмови и манастири, како и бројни технолошки достигнувања. За брзо време сфаќате дека островот на кој се наоѓате е всушност културниот центар на историјата на Канта и можете да започнете во натпревар во ловење риба, да спречите напади на ѕидините на Daigo Ward, да ги лоцирате и уништите скриените етерблејдс, да ставите крај на злобни духови или да си ги пробате рефлексите во нова загатка со скокaње.

Се работи за бројни активности кои нема така лесно да ви здосадат, но она што нас највеќе не импресионира, не само во оваа туку и во останатите три мапи, е огромната посвета на детали. Каде и да погледнете, каде и да отидете ќе видите нешто интересно, особено доколку со години се дружите со играта и уживате во релаксирачко, територијално истражување и градење лор. Се чини дека ArenaNet решиле малксимално да го пополнат секој метар квадратен од мапите со пријатни визуелни изненадувања, почнувајќи со водопади и полјани, движејќи се кон симпатични продавнички со тестенини и холографски проекции, па се до скаменети шуми и тешнолошки асистенти. Нема што нема во EoD, особено кога во сево ова ќе почнат да се случуваат најразлични динамични настани и органски да ве собираат со останатите играчи.

Како што напоменавме, секоја од новите четири мапи е независна една од друга во поглед на уникатниот изглед. Имено, на секоја мапа работеле посебни тимови и нивната задача била да ги направат што е можно поразлични едни од други, како би можело да се уништи секоја можност за монотоно истражување. По дво-неделно дружење и откривање на сите територии, можеме со сигурност да кажеме дека ArenaNet успеале во мисијата и, како резултат на ваквата разноликост, EoD е значително подобра експанзија.
Уникатни изненадувања
Во поглед на механики кои ги отклучувате во EoD и можете да ги користите низ целиот свет имаме ново животно за јавање, ново возило, нов асистент, ловење риби, отклучување легендарни оружја и, секако специјализации.
Siege Turtle е огромна ратна желка која може да биде управувана од двајца играчи во исто време. Навистина е чудно како концептот за мултиплеерско животно за јавање до сега не е реализиран до овој степен, особено во светот на ММО игрите каде ваквото нешто е повеќе од добредојдено. Siege Turtle е феноменално суштество и ги ценевме моментите кога ние управувавме со него користејќи млазни мотори, додека друг играч управуваше со деструктивните џејд топови и активираше штит во критични ситуации. Нешто што пријатно не изненади беше кога откривме дека животното е одлично и за истражување на водените длабочини.

А доколку сте по истражување водени површини, имате на располагање таканаречени скифови или бродчиња кои можете да ги возите и во кој било момент да ловите риба од нив. Во вашето бротче можете да поканите уште четворица други пријатели и да ги одведете на вашето омилено место за ловење риби.
Иако повеќето би го лесно отфрлиле концептот со ловење риби, во EoD е навистина добро осмислен и ви дозволува преку мини игри да фаќате најразлични риби кои, потоа, ги употребувате во најразлични рецепти. Меѓутоа, соло играчите би можеле да размислат за ловење во групи затоа што само тогаш се отклучуваат корисни бонуси.
Искрено, доколку го имате отклучено подводното животно, а не сте премногу по риболов, не гледаме постојана употреба на овие две механики, иако има интересни masteries врзани за нив. На крајот на денот, риболовот сепак е мини игра маскирана во релаксирачка механика, а скифот, иако забавен, не може да се споредува со воденото животно кое е одлично и за површинско и длабинско истражување на водените простори.
Девет елитни специјализации

Токму поради тоа, она што ние најмногу сакавме е да ги отклучиме новите специјализации. Секоја од новите специјализации ви дозволува да употребувате оружје кое претходно било заклучено за класата. Паралелно со оружјето имате на располагање нови моќи и способности кои даваат целосно нова перспектива на начинот на кој ја играта играта. Новите специјализации се најдоброто и најсвежото нешто во играта. Иако нема да можете така лесно да ги отклучите, тие ја менуваат сржтта на целата игра и даваат целосно нови и уникатни начини за преигрување. Па така, елементалистот сега може да повикува елементални духови за да ги зајакнуваат сојузниците, додека месмерите користат психички сечила материјализирани од вашиот ум. Секоја од специјализацијата нуди нешто нови и интересно. Како резултат, апсолутно ја заслужуваат секоја ваша временска инвестиција.

Како последно интересно нешто кое произлегува од експанзијата се таканаречените џејд ботс – симпатични мали асистенти и сопатници кои ви помагаат при битките или при преминување одредени пречки низ светот. Како ги надградувате ботовите, така ќе можат тие да ви помагаат во најразлични начини. Откако ќе ги отклучите по петтото подглавје од главната кампања и ќе ги видите нивните корисни способности, нема да можете да го замислите понатамошното напредување без нив. Ботовите се тука за да ве излечат, да ја зголемат кондицијата на вашите животни, да стапат во интеракција со најразлични технологии за брз премин или деструктивен напад, како и многу повеќе.

Почеток на едно феноменално патување
Доколку стигнавте до тука, тогаш сигурно заклучивте дека ние сме апсолутно одушевени од експанзијата. Првиот ден помина глатко и без никакви проблеми, а денеска, како за вториот ден од животот на експанзијата, забележавме значително повеќе играчи, а напредувањето низ бројните групни активности е уште позабавно.
ArenaNet успеаја одново да ревитализираат децениски стара игра со нудење бројни и крајно интересни механики и впечатлива приказна. А, во моментот кога ќе завршите со сево ова, пробајте да направите едно од новите легендарни оружја, да ја отклучите новата GH или пак да заиграте некој од четирите нови страјк мисии. Guild Wars: End of Dragons е пример за тоа како треба да изгледа една експанзија. Пружете ѝ шанса и вратете ѝ се на Канта уште еднаш. Шансите се дека нема да сакате лесно да ја напуштите.