Неодамна беше донесен Законот за аудиовизуелни медиумски услуги кој за среќа не ги опфати порталите и интернет телевизиите во првичниот предложен опсег. Законот во голем дел опфаќа усогласување со Директивата на Европската Унија за аудиовизуелни медиумски услуги, но во дел е осврнат на иден развој и следните чекори во телевизијата како „видео по барање“ (on demand) или интернет ТВ.
„Член 2, Целта на овој закон е во Република Македонија особено да се обезбеди… Техничко-технолошки развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, конвергенција со електронските комуникации и услугите на информатичко општество… Поттикнување и развој на конкуренцијата во аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и реемитувањето на програмски сервиси преку јавни електронски комуникациски мрежи…“
Настрана од критиките дека новите Закони за медиуми ќе цензурираат или дека ги правдаат финансирањата на селектираните медиуми преку владини реклами, тоа што е проблем за овие закони е што ќе се обидат да го регулираат медиумскиот простор во време на дигиталната транзиција. Традиционалната телевизијата изумира и полека, но сигурно ќе биде заменета со нова подобра интернет телевизија која на гледачите ќе им овозможи да ги гледаат содржините кои ги сакаат, кога ќе посакаат. Делови од законот се наменети за регулирање и дефинирање на услугите, но и можните последици кои сепак поради непостоењето на вакви медиуми е тешко да се предвидат, па во Законот се замени искуствата од државите членки на Европската Унија.
„Член 3, Алинеа 21
Телевизиско емитување e линеарна аудиовизуелна медиумска услуга која ја обезбедува радиодифузер со цел да овозможи истовремено гледање аудиовизуелни програми врз основа на однапред утврден хронолошки редослед на програмите (програмска шема).Телевизиското емитување особено вклучува дигитално телевизиско емитување, пренос во живо (live streaming), емитување преку веб (webcasting) или обезбедување на медиумска услуга приближна на видео по барање.“
Интернет телевизии во Македонија нема, па можеби е добра идеја да се остави времето да покаже на недостатоците кои можеби и ќе треба да се регулираат. За почеток не е лошо овие медиуми да се остават да функционираат целосно отворено за да можат да се изборат на пазарот, за да не дојдеме во ситуација во која телевизиите од надвор ќе бидат ви подобра позиција од интернет телевизиите кои се основани во Македонија. Иако уредниците на традиционалните телевизиите кои се подолго време застапени бараат да има исти правила за сите, факт е дека овие телевизии дваесетина години опстојуваат во „нерегулиран“ простор што им овозможи да опстојат. Поседувањето на камери со кои ќе се снимаат содржини и оставањето на рекламен простор, сепак не прави еден интернет медиум да може да се оквалификува како телевизија, што се чини дека или не им е баш најасно на дел од нив или намерно избираат ваков наивен пристап.
(BBC iPlayer е вистинска интернет телевизија која ја немаме во Македонија)
Најблиску до интернет телевизии во Македонија може да бидат Makedonija24.mk или Нова TВ, иако тие се поблиски до онлајн весник, отколку да телевизија. Вистина имаат камери и снимени содржини, но засега се далеку поблиски до Huffington Post кој што е одличен пример за тоа како треба да изгледа современ интернет портал кој објавува мултимедијални вести. На нашите интернет телвизии засега нема ниту филмови, ниту музика, а ниту серии кои во иднина можат да бидат проблем, па дури и конкуренција, затоа можеби подобар избор ќе беше да бидат изоставени од законот, а подоцна да бидат опфатени со негово дополнување.
Покрај плаќањето за пренос, проблем со кој се соочуваат интернет телевизии е контрола на содржините, односно одделување на содржините кои не се погодни под оддредена возраст. Дел од нив нудат опција за „родителски надзор“ и заклучување на содржините или предупредување пред истите да бидат емитувани. Секако кога станува збор за пренос не може да не биде спомнат и самиот пренос, традиционалните телевизии емитуваат во определени региони, но интернет телевизиите нудат можност за достапност низ целиот свет, без разлика дали станува збор за пренос до телевизори кои имаат можност за приклучување на интернет, десктоп и таблет компјутери, па дури и паметни телефони. Дел од интернет телевизиите се хостирани во држави каде што не постои регулација, што доведува до проблеми со правата за пренесување и секако до поголема конкуренција за македонските телевизии кои ќе бидат регулирани. Поради ова иако Членот 49 e усогласување со европската легислатива ќе предизвика конкуренција со која нема да можат да се изборат домашните телевизии. Единствено средство кое им останува на телевизиите е купување на правата за програмата, пред се филмови и серии во краток период по нивните премиери.
(Hulu.com е уште еден пример за интернет ТВ со содржина „on demand“)
Треба да биде јасно дека традиционалната телевизијата полека но сигурно ќе биде заменета со нова подобра интернет телевизија која на гледачите ќе им овозможува да ги гледаат содржините кои сакаат да ги следат кога ќе посакаат и преку кој уред сакаат. Но, можеби во Македонија каде немаме вакви телевизии, ниту имаме тренд да се гледа видео соджрина преку таблет компјутери, што е голем фактор во оваа ТВ еволуција, можеби треба да се остави целосно слободен простор во кој овие медиуми ќе се развијат и ќе бидат конкурентни. Конечно интернет телевизиите, па дури и самиот интернет ќе одземат дел од гледачите од традиционалните телевизии, единствено прашање е дали тоа ќе бидат домашни или телевизии од надвор. Доколку ова не е доволно предупредување можеби некој ќе треба да се размисли што ќе стане со националните телевизии доколку наскоро се појави телевизија која наеднаш ќе ги понуди сите епизоди од сите „турски серии“ и колкава ќе биде нивната гледаност во овој случај. Колку за пример BBC iPlayer е достапен од 2007 година, а законската регулација е предложена две години подоцна во 2009 година.


Коментари
Нема коментари. Отвори форумска тема и започни ја дискусијата.
8 постари WordPress коментари