Македонскиот тим оствари одличен резултат на 33. Балканска олимпијада по информатика, која од 14 до 20 септември се одржа во Тирана, Албанија. Сите четворица македонски натпреварувачи се враќаат со признание, освојувајќи еден сребрен и еден бронзен медал, како и две олимписки пофалби.
Сребрениот медал го освои Владимир Грчев од Кочани, додека Дамјан Давков од Штип освои бронза. Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица добија олимписки пофалби за постигнатите резултати.
Македонскиот тим беше предводен од Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, ФИНКИ.

Натпревар со учесници од 18 земји
Балканската олимпијада по информатика е еден од најзначајните регионални натпревари во програмирање за средношколци. Се организира секоја година од 1993 година, а домаќин на годинешното издание беше STEM Hub Center.
На БОИ 2026 учествуваа натпреварувачи од 13 земји членки: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Романија, Србија, Словенија и Турција.
Како гости настапија и претставници од Грузија, Киргистан, Саудиска Арабија, Туркменистан и Украина.
Учениците се натпреваруваа индивидуално во текот на два натпреварувачки дена, решавајќи сложени алгоритамски проблеми. Задачите на ваквите олимпијади не го проверуваат само познавањето програмски јазици, туку и способноста за логичко размислување, креирање ефикасни алгоритми и решавање проблеми под временски притисок.
Македонските претставници избрани преку целогодишен циклус
Членовите на македонскиот тим беа избрани преку целогодишниот циклус натпревари што го организира Здружението на информатичарите на Македонија, ЗИМ. Годинава циклусот се одржа по 37. пат.
Натпреварите се реализираат преку системот МЕНДО, кој е достапен во текот на целата година за сите ученици заинтересирани за програмирање и алгоритамско решавање задачи.
Организацијата на циклусот беше поддржана од ФИНКИ и од компаниите Сорсикс, Нетцетера и Семос Едукација.
„Секој медал освоен на овие натпревари е потврда за трудот што нашите ученици, наставници и ментори го вложуваат во текот на целата година. Владимир и Дамјан со своите медали, а Никола и Марко со освоените пофалби, покажаа дека Македонија продолжува да произведува млади информатичари способни да се мерат со најдобрите во регионот“, изјави претседателот на ЗИМ, проф. д-р Миле Јованов.
Според него, континуитетот на добри резултати е производ на долгогодишниот систем за подготовка и натпревари што ЗИМ го развива заедно со ФИНКИ.
Следен предизвик за македонските ученици е Јуниорската балканска олимпијада по информатика 2026, која ќе се одржи од 22 до 28 септември во Сараево, Босна и Херцеговина.
Следното, 34. издание на Балканската олимпијада по информатика ќе се одржи во 2027 година во Турција.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...