Македонски стартап има амбиција да биде следниот GitHub за инженерските тимови

0 коментари 9 мин. читање

Роберт Марковски веќе повеќе од една деценија работи како софтверски инженер, но во последните месеци вели дека практично престанал рачно да пишува код. Токму оваа промена е основата на неговиот нов стартап Прилог, кој сака да реши еден од најстарите и најдосадните проблеми во софтверскиот развој: што се случува кога во кодот има багови, а инженерите немаат време да ги поправат.

Марковски е основач и извршен директор на Прилог, но зад него веќе има едно претприемачко искуство. Пред осум години во Келн, Германија ја основал Мозок, компанија која започнала како софтверска и консултантска фирма, а подоцна отвора претставништво и во Македонија. Компанијата работела со клиенти како Mercedes и MediaMarkt, а фокусот бил на full-stack развој, cloud инфраструктура, фронтенд, бекенд и бази на податоци.

„Претходно Мозок беше компанија каде што продававме софтвер и мозок, продававме знаење, аутсорсинг, консултантски услуги. Идејата беше да не е чисто аутсорсинг, туку да направиме тимови кои работат за тој клиент и да направиме сè што треба за тој клиент со највисок квалитет“, вели Марковски.

Од аутсорсинг до сопствен продукт

Во основата на Мозок, сепак, отсекогаш постоела идејата еден ден да се направи сопствен продукт. „Цела идеја на Мозок и тогаш, а и сега, е самите да правиме продукти. Истиот тим кој ќе работи со клиенти, потоа да работи и на интерни продукти“, објаснува тој.

Направиле пет продукти, но ниту еден не стигнал до сериозен успех. Причината е прилично позната, е пробем со кој се соочуваат речиси сите сервисни компании: клиентите се секогаш поважни. „Со продуктите не стигнавме никаде бидејќи практично целиот фокус беше на клиентите.“

Потоа доаѓа 2025 година и пазарот почнува да изгледа поинаку. ВИ алатките веќе не се само помош при пишување код, туку почнуваат да преземаат цели инженерски задачи. За Марковски токму ова носи и целосна промена на економијата зад софтверскиот развој.

„Аутсорсингот е бизнис модел кој оди надолу, бидејќи таму каде што беше човекот во тој модел сега е ВИ агентот“, вели тој. Промената ја искусил и директно кај своите клиенти во Германија, а според него, ова отвора многу пошироко прашање за тоа како ќе изгледа софтверската индустрија во следните години.

Баговите се проблемот што останува

Промената во аутсорсингот била една од причините за фокусирањето кон нов продукт. Во периодот на рецесија компанијата губи клиенти, а Марковски почнува да размислува што следно може да се изгради врз основа на искуството стекнато со Мозок.

Одговорот бил проблем кој го гледал практично насекаде: софтверските багови.

„Во таа рецесија, изгубивме и клиенти и одлучивме дека иако моделот беше добар, си имаше граници. Врз основа на искуството, 13 години сум софтверски инженер, видов различни искуства од разни фирми и видов дека сите го имаат тој проблем – сите имаат багови, а немаат време да ги решаваат“, раскажува Марковски.

Тоа е проблем кој лесно се губи зад приказните за нови модели, агенти и автоматизирано пишување код. Компаниите можат да создаваат софтвер побрзо, но софтверот и понатаму може да се расипе. А кога ќе се појави проблем, некој мора да го најде, да разбере што се случило, да го репродуцира, да го поправи и да провери дали поправката не создала и нови дополнителни проблеми.

„Баговите не носат пари, туку тоа е трошок кој што се смета како одржување. Сега ВИ е тука, може тоа да го решава, па затоа решивме да изградиме систем кој во реално време автоматски ќе ги решава баговите“, објаснува Марковски.

Првиот прототип на Прилог е изграден во ноември 2025 година. Оттогаш идејата поминала од тестирање во производ кој веќе се користи, а компанијата моментално има околу 20 потенцијални клиенти, меѓу кои има и стартапи и ентерпрајз компании.

Роберт Марковски (во средина) и тимот на Прилог

Тимот е мал, со тројца луѓе кои работат постојано и уште неколку инженери кои помагаат според потребите, додека голем дел од работата ја извршуваат софтверски агенти. Амбицијата, сепак, не е само да се направи уште една алатка за програмери која ќе ја користат неколку тимови, потенцира Марковски. „Нашата амбиција е да сме следниот GitHub, да сме продукт со кој секој инженерски тим на светот ќе нема багови“, вели тој. 

И токму тука моделот на Прилог се обидува да се разликува од останатите. Наместо клиентите да плаќаат за број на токени или за користење на одреден модел, компанијата сака да наплаќа за резултатот. „Со Прилог, ние наплаќаме кај клиентите за решен проблем, а не за токени. На нас останува колку ќе нè чини тоа што го решаваме проблемот“, објаснува Марковски.

Името е, секако, инженерска игра на зборови. „Името е тоа што спојуваме GitHub со pull request и log, и на крај Прилог затоа што ви оди во прилог.“

Следниот голем предизвик 

Следниот голем чекор за младиот стартап е добивањето на инвестиција. Компанијата е блиску до затворање на pre-seed рунда, а веќе разговара со повеќе инвеститори. Целта е да се соберат околу (или повеќе од) еден милион при проценка од десет милиони.

Марковски вели дека се отворени за SAFE инструмент, но и за priced equity модел. Најголем дел од разговорите се со американски инвеститори, иако има интерес и од Германија, Хрватска, Бугарија и други европски пазари.

За Марковски, добивањето на инвестиција е во моментов еден од најтешките делови од работата. „Со секој основач што зборев го потенцираше истиот проблем, треба многу среќа, да се погоди тајмингот, добар продукт, и сето тоа да се вклопи.“

„Ако првпат поминуваш низ процесот на добивање инвестиција, во секоја фаза дознаваш нови работи. Како да правиш интервју за работа кое трае три месеци, а CV-то ти е цела компанија. Дали продуктот ти е валидиран, дали имаш решение, добар тим, кој е тимот, добар timing – тоа се илјадници параметри што треба да се спојат за инвеститорот да одговори позитивно“, вели Марковски.

Покрај инвестицијата, Прилог сака да овозможи нешто што стартапите често го бараат, но ретко го добиваат: раст преку продуктот (product-led growth). Продуктот е поставен така што корисникот може сам да направи профил, да го тестира и да помине низ onboarding без прво да разговара со основачот или sales тимот.

„Секој може да направи профил, да го тестира, onboarding, не мора да разговара со мене или некој од тимот“, вели Марковски, додавајќи дека тука тој гледа потенцијал за нешто што го нарекува „black swan“ момент. „Мислам дека ќе нè донесе до таа виралност, да имаме милион корисници за една недела и ако можеме тоа да го одржиме. Тогаш инвеститорите те бараат тебе, а не ти нив.“

За да стигне до таа точка, пак, компанијата планира средствата од рундата да ги вложи во експанзија, маркетинг и продажба. Досега целиот продукт е самофинансиран, а тимот работел во stealth режим. „До мај тестиравме со наши луѓе за да се убедиме дека продуктот функционира“, вели Марковски. „Целосно влегувам со пасија и лично сакам да го решам тој проблем, и тоа е нешто што ме води напред.“

Марковски, сепак, знае дека добар продукт сам по себе не е доволен. Тој моментално го води и продажниот дел, иако по професија е инженер. Со растот на компанијата очекува таа улога да ја преземе друг човек.

„Сега го водам и делот со продажба покрај тоа што сум основач, по титула сум инженер, но тоа ќе морам да го дадам на некој CTO (технички директор) и да продолжам со продажбата“, додава тој.

Една од неговите лекции од Мозок е токму потребата основачот да биде подготвен за нешта кои не може да ги контролира. „Главните лекции од Мозок ми беа дека тоа што го планираш не се случува и дека не го контролираш надворешниот свет.“

Мозок во еден момент имал тим од околу 20 луѓе и достигнал околу милион долари годишен приход. Тоа искуство денес му служи како основа за новиот проект, но и како потсетник дека стартапот и сервисната компанија се различни игри.

„Стартап светот е нешто друго, знаеш до кога имаш пари, кога имаш нова рунда, треба да чуваш пари, да инвестираш во луѓе, маркетинг итн. Сите тие лекции сега ми даваат некаква предност.“ потенцира Марковски.

ВИ нема да ги замени програмерите, но ќе ја смени професијата

Тимот зад Прилог е целосно македонски, но работи remote. За Марковски, локацијата е помалку важна од способноста на човекот да се вклопи во тимот. „Битно ни е човекот да е добар, да се вклопи во културата.“

Неговото искуство во Германија, каде што живее и работи, исто така влијаело врз начинот на кој ја гледа компанијата. „Од животот во Германија најважна е дисциплината, многу поразличен живот од Македонија. Таму научив дека мора работите да ги правиш како што треба, на пример со даноци и останати административни задачи.“

Марковски има и искуство од Нов Зеланд, каде што пораснал, па вели дека тоа му дало уште еден поинаков поглед на светот. Слично гледа и на своето образование на ФИНКИ. „ФИНКИ нуди доста квалитет на студии и не е лесно да завршиш, а тие работи потоа те учат како да размислуваш логички, да најдеш решенија за проблемите со кои ќе се соочиш.“

Ако има нешто околу кое нема многу дилема, тоа е дека програмерите ќе мора да научат да работат со вештачката интелигенција. „Секој програмер ќе мора да работи со ВИ, стигнавме доста далеку и мислам дека нема назад.“  Тоа, сепак, не значи дека програмерите ќе исчезнат. „ВИ е секако уште една алатка, нема да го замени човекот и се прават многу нереални коментари во таа насока, дека ВИ ќе ги замени сите.“ 

Дополнително, Марковски прави споредба со тоа како дигитализацијата влијаеше врз повеќето професии во минатото.  „Да се вратиме назад во 70-ти, 80-ти кога немаше компјутери. Имаше книговодство кое се правело рачно итн. Тогаш сите мислеле дека ако има компјутер дека тоа нема да постои, а сега гледаме сето тоа се работи на компјутер. Слично е и со ВИ сега.“

Според него, вистинскиот предизвик можеби нема да биде дали ВИ може да го направи она што човекот го правел, туку дали човекот ќе знае што да прави со времето што ВИ ќе му го ослободи. Ова особено се однесува на новите инженери и практиканти кои ќе влезат во професијата во свет во кој можеби нема да мораат да поминат часови пишувајќи основен код.

„Еден од предизвиците и за новите јуниори и практиканти е како да бидам подобар со ВИ, а не помрзлив или полош“, објаснува Марковски.

Тој дава едноставен пример: ако инженерот работи на проблем и ВИ агентот му требаат 20 или 30 минути за да ја заврши задачата, тој има избор што ќе прави во тој период. „Во тие 20-30 минути можеш да одлучиш да скролаш на TikTok или да отвориш нова сесија каде ќе учиш нешто повеќе. И мислам дека тука се делат две насоки за тоа каде води ВИ.“ вели тој.

Тоа може да го промени и начинот на кој младите инженери ќе бараат работа. Според Марковски, класичното CV постепено може да стане помалку важно ако кандидатот може директно да покаже што знае да изгради. „Светот се смени, треба да најдеш друг начин за тоа како да аплицираш за работа. Можеш да направиш и продукт наместо CV, резиме, и на тој начин да аплицираш.“

Во меѓувреме, Прилог се соочува и со глобална конкуренција. Марковски вели дека има околу пет компании низ светот кои се обидуваат да решат сличен проблем, од кои некои веќе имаат затворено инвестициски рунди. Но тој не смета дека во оваа индустрија ќе остане само еден победник. 

„Прашањето е кој ќе победи, но и пазарот е доволно голем за да има неколку алатки кои ќе работат паралелно и кои ќе се натпреваруваат.“ заклучува Марковски.

Напишано од

Бојан е фриленс новинар кој повеќе од една деценија обработува теми од областите на технологијата и бизнис во земјите од Западниот Балкан. Неговите стории се објавувани во глобални медиуми како што се Foreign Policy, Wall Street Journal, ZDNet и Oxford Analytica.

Дискусија

Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...

Мени
Заедница
Изглед