32 коментари 5 мин. читање

Интервју со Invideous, британско-македонскa компанија која работи на монетизација на видео содржини

Колку е тешко да се направи транзиција од докажана компанија во стартап? Разговараме со Калина Зографска и Ненад Чубриновски кои ја направија таа преселба – од Телеком во британскиот стартап Invideous чии канцеларии во Скопје се „моторот на компанијата“. Стартапот работи на платформа на монетизација на видеото и искористување на платежни ѕидови пред содржината.

Што е Invideous Limited? На Facebook се вртат доста реклами за тоа дека барате програмери, а сајтот зборува за некоја платформа за заработување преку видеа. 

Калина: Invideous e компанија чиј што главен продукт е Video Paywall, продукт кој овозможува монетизација на видео содржини. Но видеото е само еден дел од сложувалката. Планираме да ги примениме истите принципи на in-content-checkout и за други типови на содржини, плановите и соништата целат многу повисоко.

Како од работа во Телеком, преминавте во една таква компанија? Како помина процесот на правење еден таков чекор, од заминување од една голема корпорација (каде што нели старите велат работата е најсигурна) во помала компанија како Invideous?

Калина: Хах :) Јас работев во ИТ развој, додека Ненад работеше во менаџмент на продукти, што се два различни света. За себе можам да кажам дека Телеком е одлична компанија за растење на знаењето и професионалноста, ако не и најдобрата за некој тазе излезен од факултет. Но во одреден момент се почувствував дека можам да постигнам повеќе, па се заинтересирав за малата приватна компанија која беше во сродна дејност од она што јас го работев. Би рекла дека е мешавина од околности, среќа и стремеж кон успех.

Ненад: Како што веќе спомна Калина, јас бев дел од продукт тимот на MaxTV во Телеком и да бидам искрен мислам дека не постои подобар почеток на една професионална кариера од Телеком. Искуството кое што го стекнавме и двајцата во два различни тимови (ИТ и менаџирање на продукти) во многу ситуации ни помага во новите проекти и контакти во Invideous. Мојата одлука да се префрлам во помала компанија, беше највеќе поради желбата да видам како е да се работи претежно со странци и во една многу подинамична средина и трансферот го разбрав како еден голем (натпреварувачки) предизвик.

Invideous има канцеларии во Лондон и во Скопје? Дали е компанијата британска која се реши да отвори аутсорс канцеларии во Скопје, или пак е некоја британско-македонска мешавина уште од самиот старт?

Ненад: Invideous е целосно британска компанија чиј што комплетен топ-менаџмент тим е сместен во Лондон. Канцеларијата во Македонија е на почетокот отворена заради развој на целокупната платформа, но во моментов тука, освен сите девелопери имаме и тим за продажба/маркетинг, како и продукт менаџмент тим кој ги води проектите од самиот почеток до нивното завршување. Со други зборови, „моторот” на целата компанија е во Скопје, каде се 80 отсто од вработените.

На што работи Invideous? Исклучиво продукти, или нудите и услуги?

Kалина: Invideous има константно множество на клиенти кои ги користат продуктите и платформите за монетизација; но секако има и клиенти кои сакаат решение од тип клуч на рака. Имаме тим за професионални и OVP услуги кој почнува од идеја и план, па прави целосна имплементација на продуктот и содржините на клиентот. Најдобриот дел од оваа работа е дека чифт на талентирани млади луѓе од Македонија одушевуваат со квалитетот и проникливоста кај високорангирани менаџери на огромни фирми од светот. На крајот на денот, најголемата награда е признанието на работата од клиентот.

Што ќе ни кажеш за вашиот главен продукт? Како се роди идејата за такво нешто?

Ненад: Да бидеме искрени, ни јас ниту Калина не сме во Invideous од самиот почеток, па оттука не знаеме во детали како се родила првичната идеја. Калина пристигна во Инвидиус кога се започнуваше со првата фаза на ширење на платформата и збогатување со голем дел од функционалностите кои денес многу се користат, накратко кажано беше главна за финалното шминкање на продуктот. Јас се приклучив 2 месеци подоцна со главна задача да се прикажат сите можности на нашиот главен продукт (Paywall) на сите заинтересирани клиенти и да се менаџираат поголемите проекти. Paywall како продукт е наједноставно да се објасни како плагин преку кој што на едноставен начин може да заработите пари од вашите видеа. Нашиот продукт содржи можност за поставување различни тарифи на видеата (Single Pay per view или Subscription) и тој е задолжен за целокупниот процес на плаќање, од регистирање на корисникот, самото наплаќање, до овозможување на корисникот да продолжи со гледање откако го извршил плаќањето. Секако ова е само мал дел од функционалностите кои што ги има продуктот, а се со цел корисниците брзо и лесно да можат да купат видеа или преноси во живо, а сопствениците на видео контент да заработуваат милиони :) 

Дали продуктот е достапен на сите пазари, вклучувајќи го и нашиот локален пазар?

Kалина: Секако; тоа му е една од најприменливите катактеристики. Една од најголемите лекции кога се работи во стартап е дека решението што ќе го смислиш денес за одреден клиент, претвори го во продуктна опција, за да тоа стане опција и за сите следни клиенти.

Кои се културните разлики меѓу работењето со менаџмент од Велика Британија и од Македонија?

Калина: Најголемата разлика е посветеноста кон крајниот резултат и менаџирањето на очекувањата на клиентите. Многу кратко научивме дека изговорите се бескорисни, што ќе направиш во врска со пречката, како ќе дојдеш до решението? Исто така, во однос на работата со клиентите, искреноста и чесноста во однос на очекувањата. Нпр. ако касниш со рок, не се криеш и не смислуваш оправдувања, него точно објаснуваш каде настанал проблем, како ќе се реши и кога. Таквата извесност е таа што создава доверба и трајни парнерства. Во однос на ова, нашиот комерцијален во Македонија е рамо до рамо со најголемите професионалци во светски рамки. Тоа е прашање на тренинг и mindset а не географско потекло.

На неколку места спомнувате awesome team и тимска работа во огласите. Тимот на прво место?

Калина: Точно! Тимската работа, почитта и работењето заедно е една од најголемите продобивки кои може да ги изгради една компанија. Поминуваме 8 часа од денот заедно, и ако сакаме да си извадиме очи и да газиме едни преку други, ниту ќе сработиме нешто во вистинската насока ниту ќе се чувствуваме како да сакаме да дојдеме на работа. Секој од тимот придонесува со својата улога, но заедно сме многу посилни од сумата на секој посебно.

Ќе приметите, бараме и генералисти. Тоа е една голема филозофија но начелно, бараме луѓе кои ги интересира се, и кои не се плашат да побараат решение и надвор од својот основен домен на работа. Јас на пример, се гордеам дека сум една од првите што наоѓа грешен response и bugs на нашето API во Firebug!

Напишано од

Дамјан е иницијатор и еден од ко-основачите на IT.mk, а исто така и основач на ИТ компанијата IWM Network и на Aqtos, бизнис оперативен систем за компании. Има повеќе од 20 години искуство во развој на дигитални производи, дигитална трансформација, веб-развој, UX/UI, SEO, брендирање и е-трговија.

Коментари

32 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top