Уште во далечната 2005 година пишував за наметнувањето на софтвер од определен производител за да може софтверот за плати да работи (ФПИОМ може ли да ми подариш 60 евра + ДДВ?), а во февруари 2010 год. се навративме на темата преку ЦРМ (Централен регистар на Македонија = Комплетна зависност од еден понудувач).
Во врска со првиот случај, софтверот за плати, Слободен софтвер Македонија заедно со фондацијата Метаморфозис испрати допис до надлежните институции (Соопштение до медиумите за софтверот од ФПИОМ. Одговор никогаш не добивме, а софтверот сѐ уште се користи. Во меѓувреме направивме и вики страница каде што секој може да ги прибележува ваквите примери.
Неколку ИКТ политики, стратегии и акциски планови подоцна, еве сме на истата точка, овој пат за друга електронска услуга што ја нуди извршната власт во Р. Македонија. Според (ограничените) информации што се достапни, софтверот што треба да го користат лекарите во Македонија работи само на оперативни системи на Microsoft, и тоа не на сите оперативни системи направени од овој производител. Како доказ еве слика од страницата на Фонд за здравствено осигурување на Македонија.
Секој што малку следи што се случува на пазарот на оперативни системи знае дека Windows XP повеќе не се продава, така што сите се принудени да купат верзија на Windows 7, чија професионална верзија се продава за речиси 150 евра.
Мразам да ја правам оваа математика, но ете, вие сте лекар, имате пациенти, тие имаат електронски картички, вие мора да имате читач, а имате стар компјутер на кој Windows 7 не може да работи, или користите GNU/Linux или Mac OS X или… и морате да потрошите куп пари за лиценца за Windows 7 и можеби за хардвер за тој да работи.
Најлесната споредба на зависноста од еден понудувач со не ИКТ светот е оваа: сите имаме здравствени книшки од хартија. Зависност од еден понудувач во случај со нив би бил кога лекарите би морале да користат пенкала од само еден производел за да напишат тоа што треба да напишат во здравствената книшка.
Никој не би помислил дека вакво нешто може да се протне во хартија-и-пенкало светот. Но, во дигиталниот свет сѐ е можно…

Коментари
30 коментари
Коментарите се затворени.