Ова е пeриодот од годината во кој најчесто со одбираат најдобрите, најзабавните, најмоќните, најпопуларните, најуспешните… Сепак популарниот магазин Inverse креираше листа на најголеми промашување во 2023 година. Веројатно листата не може да биде комплетна без отпуштањата во ИТ-секторот, кои иако со помал интензитет продолжија и оваа година, а секако мора да има простор за Елон Маск и промената од Twitter во X.
На листата на Inverse има 11 различни „номинации“. Иако најголем дел од листата е пополнет со хардвер, има простор и за неколку настани кои ја одбележаа 2023 година, а не може да кажеме дека ќе ни останат во добро сеќавање.
„Finewoven“ замената за кожа на Apple
Apple вообичаено заедно со хардверот преставува куп различни додатоци за своите уреди. Најчесто тоа се каивчиња за часовниците, заштита за телефоните, навлаки за iPad и слично. Компанијата во последните неколку години се обидува да биде „јаглерод-неутрална“ и често претставува додатоци од рециклирани материјали.
Презентацијата на iPhone 15 донесе и крај за сите додатоци изработени од природна кожа. Apple ја замени кожата со нов материјал кој го нарекоа „FineWoven“. Замената за кожа е изработена од 68 отсто рециклиран материјал, мека е, но не старее како кожа и се флека и гребе значително полесно. Поради ова, Inverse го смести „FineWoven“ на 11. место на листата најголеми промашувања за 2023.
Технологијата на Displace со која се прикачува телевизорот на ѕид
Displace на почетокот на годината претстави нов безжичен телевизор, заедно со „револуционерно“ постоље. Телевизорот доаѓаше со батерии, контрола со гестикулации, наместо далечинско, и нова технологија за закачување на ѕид. „Аctive-loop vacuum technology“ овозможува закачување на телевизорот без да има потреба од зашрафување на ѕид.
За нивна несреќа, иако тврдеа дека „active-loop vacuum“ ќе работи со секаков материјал, на презентацијата на CES не успеаја да направат успешна презентација. Компанијата продолжи да го развива ова, па денес може да се пофалат дека навистина функционира.
Surface Laptop Go 3
Microsoft има серија на Surface уреди со кои се обидува да погоди идеален уред за секој корисник. За жал во оваа брканица некако не успеваат да креираат соодветен поевтин лаптоп кој ќе биде навистина корисен. Забелешките се дека Surface Go 3 не само што има батерија која не е доволна за подолго работење, туку и перформанси кои не се импресивни.
Креаторот на Windows се обидува да заштеди на сѐ. Почнувајќи со спори чипови, и екрани со никаква резолуција, завршувајќи со уште полоши камери. Дури и со вакво штедење, уредот чини 800 долари. Веќе се појавија и гласини дека Microsoft го префрла фокусот од хардвер кон вештачката интелигенција, што секако не е изненадување.
Никој не сака да стрима преку мобилна конзола
Razer се обиде со Razer Edge 5G да убеди дел од корисниците дека иднината на гејмингот преку стримање на видеоигри е преку 5G мрежа. Станува збор за таблет со 2 контролери од страна. Уредот наликува на секоја стандардна рачна конзола, која е достапна денес. Може да се користи за играње на Android игри директно од уредот, или стрим преку некој од популарните сервиси како Xbox Cloud Gaming, GeForce Now и слично. Како што покажаа првите прегледи на уредот, контролерите не се доволно добри, но ова и не е единствениот проблем.
За жал времето за стрим на игри на таблет преку 5G не е дојдено. За ова секако не е виновен Razer, но можеби направиле лоша проценка. Сега имаме прескап уред, во околина во која за жал сѐ уште нема доволно брз интернет, и кој не прави ништо повеќе отколку подобар паметен телефон.
Dyson Zone – слушалки и филтер за воздух
Dyson Zone е хибриден уред кој требаше да биде корисна комбинација на noise-canceling слушалки и персонален филтер за воздух. Производителот на правосмукалки за жал не успеа да импресионира никого со Dyson Zone. Главна причина за ова е високата цена на слушалките уредот.
Иако звукот и active noise-canceling се и повеќе од соодветни, има значително подобри слушалки за истата цена. Филтерот за воздух, освен што придонесува да заличите на стрип злосторник помага батеријата да се испразни супер брзо. Без филтер слушалките работат 50 часа, со филтер помеѓу 1 и 4 часа. За 950 долари мора да биде многу подобар уред.
Nothing Chats не донесе iMessage до Android
На крајот на годината дознавме дека производителот на Nothing телефоните работи на нова функционалност. Компанијата ветуваше дека ќе испорачаат текст комуникација помеѓу сопствениците на Android телефон и iPhone која ќе ги надмине недостатоците на iMessages. За жал ова не се случи. Среќна околност е што истата недела со најавата, Apple објави дека од 2024 година ќе воведе поддршка за Rich Communication Standard на iPhone.
Неуспехот на Nothing е заборавен. Апликацијата Nothing Messages беше достапна 24 часа на Google Play Store, по што беше отстранета. Причината за отстранување е што методот кој го користеа за комуникација не е со end-to-end криптирање.
Robocop на улиците на Њујорк
Полицијата во Њујорк започна со тестирање на роботи полицајци. За жал името не е Robocop, туку K5 robot. Ова веројатно е прво промашување =). Второто е што голем дел од буџетот на Њујорк се троши на полицијата. Со додавање на роботот ќе биде потребен уште поголем буџет, а за сметка на ова се кратат финансии од други сектори, на пример библиотеки.
К5 се користи како помош на полицијата за време на патролите. Роботот е опремен со камери и микрофони, и може да го покрие просторот во целост, функционира автономно, a сите податоци од камерите и микрофоните ги препраќа на обработка во полициските станици.
Покрај К5, полицијата во Њујорк користи и четириножен робот Digidog.
Tesla Cybertruck е тука, ама не за 40 000 долари
Кога Елон Маск во 2019 година го најави пикапот Cybertruck многумина беа импресионирани од футуристичкиот аглест изглед на камиончето. Оригинално испораките требаше да започнат во 2021 година, но две години подоцна, само се потсетуваме дека Елон баш нема чувство за време. Ова беше точно и за Starlink и за прогнозите за први колонии на Марс.
За жал доцнењето не е единствената лоша вест за обожавателите на камиончето. Наместо 40 000 американски долари, Cybertruck чини 60 000, или 20 000 долари повеќе.
Neuralink не е безбеден за животните
Компанијата која е поддржана од Елон Маск и работи на чипови кои ќе можат да се „приклучат“ директно во мозокот сепак повредила животни за време на тестовите. Neuralink оваа година претстави дел од својот напредок. На пример можевме да видиме како мајмунот „Pager“ со помош на чипот игра „Pong“. Играта ја играше без никаков контролер, и управуваше единствено со помош на мозочните сигнали. Ако го гледате видеото може да слушнете и дека првиот контролер кој „Pager“ го користи, не е приклучен.
За жал не сите операции за поврзување на чиповите биле успешни. Неколку мајмуни се успиени поради грешки што довеле до медицински компликации, јави Wired.
Европа 1 : 0 Американски технолошки монополи
Со официјалното стапување на сила на Законот за дигитален пазар (Digital Market Act) Европа значително им го отежни животот на неколку големи американски компании. Можеби почетокот изгледа помалку симболичен, и не можеме да ја видиме комплетната слика, но некои мерки веќе беа применети. Apple мораше да додаде нов приклучок за своите телефони и таблет компјутери, но користењето на USB-C генерално сега важи за сите. Уште еден пример е прифаќањето на RCS протоколот, откако Google, и неколку големи телеком оператори во Европа, започнаа да притискаат iMessages да биде додаден на листата на „Gatekeeper“-компании. Понатаму, Microsoft ќе мора да овозможи деинсталирање на Edge и промена на Bing како пребарувач во Windows. Google и Apple ќе мора да овозможат алтернативни системи за наплата, а ова се чини ќе биде само почеток…
AI демоа
На првото место на листата најголеми промашување во 2023 година на Inverse се презентациите на демоата на вештачката интелигенција. Вештачката интелигенција Bard и ChatGPT беа ѕвезди на 2023 година, но тоа не значи дека се беше баш мазно.
Интересно е што сите, ама баш сите, големи играчи во секторот имаа барем по некоја грешка. Microsoft со Copilot прикажуваше грешни податоци за ресторани во Мексико за време на презентациите, Bard на Google презентира погрешни информации, а и ChatGPT има свои проблеми.
Еве дел од грешките кои може да ги прочитате и тука. ChatGPT на пример не може да препознае дека има држави во Африка на буквата „К“. Bard на Google имаше грешка која беше дел од демото на вештачката интелигенција. На прашањето „Кои се новите откритија на телескопот Џејмс Веб за кои можам да му раскажам на 9 годишно дете?“. Bard одговори дека „телескопот James Webb направил прва фотографија од планета надвор од нашиот сончев систем“. Овој одговор е погрешен. Првата планета надвор од сончевиот систем е фотографирана од Chauvin во 2004 година.
Без разлика на овие проблеми вештачката интелигенција е „ѕвезда“ на 2023 година.