Креаторите на најинтересниот паметен телефон кој сме го виделе во последните неколку години – Nothing, најавија решение за (Android) проблемот со iMessages. Производителот на Nothing Phone ќе се обиде да пронајде решение за „текст пораките во сини и зелени балончиња“.
Проблемот со iMessage и не е преголем надвор од САД, каде поголем дел од корисниците на паметни телефони користат Android или куп различни алатки за комуникација. Сепак, во САД, iMessage е една од пречките за замена од еден во друг екосистем. Со оглед на тоа дека пазарот во САД за iPhone е значително поголем од останатите Apple ги користи сите средства за да ја заштити својата положба.
Најавата за iMessage за Android е интересна, пред сѐ поради притисокот во Европа да се овозможи интероперабилност. Наместо да чекаат на решение на проблемот кој ќе го примора Apple да воведе RCS за пораките, Nothing се решија да си изработат свое решение.
Sunbird и Nothing ги најавија Nothing Message
Во соработка со Sunbird компанијата работи на Nothing Messages, апликација за Nothing Phone (2) која ќе им овозможи на корисниците кои имаат Apple ID да ја користат апликацијата за исто искуство како iMessage. Покрај „сините балончиња“ корисниците ќе имаат пристап и до дел од другите функционалности, на пример, нотификациите кога некој од учесниците во пораките пишува порака во моментот. Она што веројатно им е поважно на корисниците е дека пораките се целосно заштитени со „end-to-end“ криптирање. Дополнително сѐ се случува на телефонот, па нема опасност од „протекување“ на пораките.
Освен претворањето на зеленото во сино балонче, Nothing Message доаѓа со најголем дел од функционалностите на iMessage. Достапни се групни разговори, нотификации кога некој испраќа пораки, аудио пораки, а сликите и видеата се испраќаат во оригиналната резолуција. Ова се дел од најголемите проблеми во меѓусебната комуникација помеѓу Android и iPhone корисници преку пораки.
Една од причините поради која Nothing е фокусирана на пораките е тоа што iMessage е идентификувана како една од бариерите за замена на iPhone со друг телефон. Анализата на продажбата на компанијата забележала дека најголем дел од нивните слушалки ги купуваат iPhone корисници. Сепак, кога е во прашање продажбата на телефони, најголем дел од купувачите се сопственици на Android уреди.
Размислувањето на Nothing е дека на луѓето им се допаѓа дизајнот, но пречка се разликите во дел од апликациите и оперативниот систем.
Ќе дозволи ли Apple iMessages имитација на Android
„Нема ништо илегално во начинот на кој што работиме. Мислам дека сѐ што работиме ќе биде прегледано во Купертино, но толку сме малечки што ќе изгледа навистина лошо ако Apple преземе акција“ , вели Дени Мизрахи, директор на Sunbird.
Иако во Sunbird не им изгледа веројатно дека Apple може да го забрани сервисот, производителот има причини да го направи ова. За веројатно најголемите проблеми со Sunbird и iMessage на Android пишува и Ars Technica. Ова не е првпат Sunbird да го најави овој сервис. Првата најава ја имаше во декември 2022 година и веќе го пропушти периодот за кога првично го најави сервисот.
Веројатно некои од најинтересните прашања се „Како функционира испраќањето пораки?“ и „Зошто некој би го споделил својот Apple профил надвор од екосистемот на Apple?“. Sunbird објаснува дека има целосно криптирање на пораките и дека пораките не се собираат и чуваат на ниедно место.
Единствено што е познато за безбедноста на акредитивите за логирање на Apple доаѓа од Џејн Нхо од Nothing која објаснува дека iCloud акредитивите на корисниците се чуваат како токен во криптирана база која е поврзана со Mac Mini во САД или во Европа. Ова зависи од локацијата на корисникот. Потоа овој уред се користи како посредник во комуникацијата со iMessage. Ако корисникот остане неактивен повеќе од две недели податоците за профилот се бришат.
Како точно ќе изгледа целиот систем за комуникација, според најавата ќе видиме во петок (17 ноември) за кога е најавено официјалното излегување на апликацијата.