По повод 10 години од формирањето, Слободен софтвер Македонија организира настан Слободни филмови во Кинотека на Македонија кои „ја раскажуваат приказната за слободниот софтвер и авторските права во дигиталното доба, но и ја прославуваат слободната култура“. Настанот ќе се случи од 4 до 9-ти мај. Влезот е слободен. Во Кинотеката ќе биде поставен и експериментот со лед коцката направен во Хаклабот КИКА.
Еве што вел Слободен софтвер Македонија за својата работа во овие десет години:
„Кога во 2002 година ја формиравме Слободен софтвер Македонија [2с.мк], светот беше поинакво место. Македонија, исто така. Оперативниот систем GNU/Linux беше генерално непознат. Софтвер на македонски јазик речиси и да не постоеше.
Целта што ја поставивме тогаш е во најскоро можно време да направиме комплетен оперативен систем на македонски јазик што ќе може да се користи за секојдневна работа. За околу половина година, тоа и го сторивме и веќе во 2003 година оперативниот систем GNU/Linux заедно со други десктоп апликации беше локализиран и преведен на македонски јазик.
Тоа не беше професионален превод; беше направен од луѓе кои во просек имаа 20 години и кои воглавно студираа технички факултети. И покрај се, тоа беше огромен придонес за развојот на информациското општество. Можен беше единствено поради тоа што софтверот што беше предмет на работа е слободен.
Велиме дека еден софтвер е слободен кога се исполнети четири услови: да може да се користи за било која намена, да може да се чита и проучува неговиот изворен код, да може да се прават промени и на крај да може тие промени да се објават јавно. За да бидат создадени и објавени преводите на македонски ги искористивме токму овие услови.
Денес голем дел од тие преводи се вклучени во локализираната дистрибуција на GNU/Linux што се користи во сите училишта во Македонија. Нашиот младешки преведувачки ентузијазам се претвори во мала успешна приказна.
Но, тоа е само почетокот. Во изминативе 10 години 2с.мк ја прошири својата дејност и направи уште многу работи кои ја помагаат локалната компјутерска, истражувачка, програмерска и хакерска заедница….”








