10 коментари 4 мин. читање

Зошто се потребни обуки за Android натпревар? Интервју со Наташа Петкова од ПСМ Фондација

Стартува нов, втор Android предизвик организиран од Vip оператор, а со него доаѓа и еден нова идеја да се едуцираат ентузијастите да креираат апликации кои ќе можат да продолжат како стартап бизнис. Идејата е одлична бидејќи, во теорија, ќе донесе поквалитени апликации овојпат дистрибуирани преку нова локалната продавница Vip Store за корисниците полесно да ги најдат. Но, тоа што ми се виде интересно е дали претставување на обуките ни кажува дека првите Android натпревари ја открија слабоста на македонската ИТ сцена, а тоа е дека нема доволно добри и квалитетни идеи?

Ја прашав Наташа Петкова од ПСМ Фондација, фондацијата ги води обуките, дали навистина македонските програмери не се доволно заинтересирани да развиваат апликации за најкористената мобилна платформа, да стартуваат стартап компанија или пак потребна им е подобра едукација? Еве што вели таа:

„Македонските програмери навистина имаат капацитет и солидни идеи за апликации, но она што честопати недостасува е реализација и особено локален фокус, локални апликации кои ќе бидат од бенефит за македонските корисници. Исто така, во голем број од случаите програмерите застануваат со изработката на една или повеќе бесплатни апликации, без нивно понатамошно развивање и трансформирање во профит генератор и основа за бизнис.  Токму затоа се воведени и бизнис обуките кои ќе бидат спроведени во ПСМ фондација.“

Дали очекувате на натпреварот да учествуваат само ентузијасти, или очекувате и професионални програмери? Во тој контекст имаат ли ентузијастите шанса против програмерите?

На овој Vip македонски предизвик очекуваме голем број на учесници: нови програмери- ентузијасти, програмери кои имаат долгогодишно искуство во областа на мобилните апликации, па дури и учесници кои немаат никаква програмерска позадина, но се здружиле со тим за реализација на нивната идеја.

За ентузијастите кои немаат доволно искуство имаме воведено посебна категорија „Дебитант на предизвикот“, во која ќе се натпреваруваат сите оние кои учествувале на бизнис обуките или обуките за развој на Аndroid мобилни апликации. Секако, ова не ја исклучува и можноста тие да ја освојат главната награда.

Може ли малку да ни објасниш за обуките, што ќе предава CodeWell и кои се гостите од странство? Што ќе предаваат тие?

Обуките за развој на мобилни апликации ги опфаќаат сите аспекти од основите на оперативниот систем, како да се изработи Android апликација, до како истата да биде прикачена на продавниците за апликации.

Што се однесува до гостите од странство, тоа се луѓе со долгогодишно искуство на клучни позиции во телекомуникациската индустрија, посебно во сферата  на мобилните апликации. Франческо Кароли е основач и сопственик на повеќе компании од ИТ и маркетинг индустријата во Италија и Македонија, меѓу кои и NetCracker; додека Стефан Пердал е извршен директор на Gobiva и работи како консултант за бизнис развој, менаџмент на ИТ проекти, ИТ стратегии, развој на продукти итн.

Нивната улога на Предизвикот ќе биде да одржат сесија во која ќе им помогнат на младите програмери да развијат бизнис модели за нивните Аndroid апликации. Г. Кароли ќе зборува за тоа како да се задоволат потребите на маргинални делови од пазарот, додека г. Пердал ќе го сподели своето искуство во изработката на апликации кои генерираат приходи.

Зошто го ограничувате бројот на учесници на само 50? Дали очекувате луѓе да учествуваат од други градови, или тоа веќе станува логистички проблем?

Бројот на учесници е ограничен на 50 од практични причини. Сакаме обуките да бидат квалитетни и бројот на учесници по група да не надминува 15, како би можело да се посвети соодветно внимание на секој учесник. Секако довербата за одржување на квалитетни обуки е ограничена со бројот на предавачи, па затоа и ги лимитиравме на просторниот капацитет и распоредот на предавачите од CodeWell.

Што се однесува до учесниците кои не се од Скопје,  многу од младите доаѓаат во главниот град поради своите студии, па веќе имаме и голем број пријавени учесници од останатите градови.

На ланските два вакви натпревари се појавија околу 300 апликации, дали очекуваш и оваа година повеќе апликации, или целта е да има поквалитетни?

Се обидуваме да постигнеме подобри резултати од изминатите Предизвици, па затоа и воведовме нешто ново. Сметам дека преку обуките ќе успееме да создадеме нови Android програмери, а со тоа ќе се зголеми и самиот број на поднесени апликации. Секако и нивниот квалитет се очекува да биде поголем, поради едукативниот дел во кој тие ќе добијат и практични совети за како да ги подобрат истите.

Сепак, за тоа каков ќе биде одѕивот и квалитетот на апликациите останува да видиме.

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

10 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top