Веб страните на општините најчесто се копии една на друга, со речиси идентичен дизајн, малку интеракција со граѓаните и повеќе информации за градоначалниците и советот на општината отколку за самата општина. Иако речиси сите општински страни имаат опција за контакт со граѓаните, најголем број од нив се премногу општи и граѓаните можат да го видат телефонскиот број, адресата или електронската пошта, но не и да направат нешто повеќе. Недостигот за интеракција со граѓаните е сериозен недостаток и општините во блиска иднина би требало да го имплементраат ова на своите страни.
Како е во Македонија?
Како пример ќе ја земеме општина Гази Баба, чиј сајт е убедливо најдобар, иако и во тесна конкуренција беше и општина Виница која има своја општинска страна за фан клуб на Манчестер Јунајтед. Но, иако најдобар, сè што е кажано погоре за официјалните веб сајтови на македонските општини, важи и за сајтот на Гази Баба.
Откако ќе ни го покажат грбот на општината, во низа збутани сегменти се поставени повеќе информации и соопштенија од општините. Гази Баба можеби го има најдобриот сајт, но тој е исто толку комплициран како и сите други. Има премногу менији кои отвараат куп други менија и уште едно мени, за на крај да стигнете до бараната информација. Скриени во грдите менија од десна страна може да пронајдете информации за парковите и просторот за рекреација, а има и сервис кој корисниците може да го искористат за пријавување на проблем во општината. Жителите можат да пријават дефекти во уличните осветлувања, оштетување на патиштата, па се до непријатна миризба. Иако изведбата на оваа директна комуникација со граѓаните е далеку од совршена, Гази Баба е една од ретките веб страни која го овозможуваат ова. Покрај Гази Баба и општините Центар и Велес го нудат овој сервис за пријавување на проблеми. Гази Баба има и QR код на сајтот, што ни остави добар впечаток се додека не сфативме дека го отвара истиот тој сајт.
Зошто им треба редизајн на општинските сајтови?
Одличен пример од кои би можеле да црпат идеи нашите општини се Лос Анџелес и Њујорк кои од неодамна имаат нови сајтови. Веб сајтот на Лос Анѓелес има навистина одлично интегриран сервис за пријавување на проблеми, па граѓаните лесно може да го пријават проблемот кој го имаат. Покрај тоа општината овозможува и онлајн плаќање на казните за непрописно паркирање. Сајтот на Њујорк пак има поддршка за голем број јазици помеѓу кои е и македонскиот јазик, а интересно е и објавувањето на работните места кои се под ингеренција на градот се на сајтот. Тоа што е иновативно на NYC.gov е што барањата од граѓаните се распроделени според популарност, односно колку повеќе граѓани ги пријавуваат така тие биднуваат се поголем приоритет за градот.
[youtube]ADDxvPDG-ZQ[/youtube]
Како што може да се види од видеото, NYC.gov е дизајниран да се користи и на мобилните уреди, односно на телефоните и на таблет компјутерите. За жал, македонските општини немаат мобилни верзии, иако лани 30 отсто од населението користело интернет на мобилен телефон, а 3 отсто на таблет компјутер, според извештаите на Заводот за статистика. Тие проценти ќе растат се побрзо во следните години.
Сајтот на градоначалникот на Лос Анџелес е одличен пример за како со едноставен дизајн се ставаат граѓаните на прво место. Менијата за помошта за граѓаните и помош за бизнисите се наоѓаат над биографијата на градоначалникот, односно им е дадено приоритет на корисните услуги пред ПР-от. Градот е инволвиран и на Twitter со хаштаг #lamayor за граѓаните да пријавуваат проблеми директно преку друштвената мрежа.
Можеби е нефер да се споредуваат македонските општини со метрополи како Њујорк и Лос Анѓелес, но тоа што е важно е што овие метрополи ги ставаат граѓаните и услугите во преден план, пред ПР-от за градоначалниците и општи информации за општината. Може и да ги оправдаме општините бидејќи тие го следат примерот на државата која ги владее, чии сајтови се преполни со информации и ПР, не со услуги за граѓаните. Но, тоа треба да се смени посебно во „земјата на информатичари“.
[…] Што се однесува до општинските веб-страници тие за жал не се многу променети од 2013 година, или барем она што важеше тогаш за најголем дел од страниците е ак…. […]
Точно дека е нефер да се споредуваат, посебно затоа што правите рецензии на сајтови кои воопшто не сте ги користеле, ниту тестирале. Стегнете на било кој од јазиците на сајтот од Њујорк да видете за што станува збор, дали станува збор за коректен превод или за интегрирање на трети страни, пример Google Translate.
Епа зарем ќе плаќа градот со градски пари за десетици преведувачи кога има технологија која го прави тоа без пари.
Никаде не реков да плаќа преведувачи градот, туку вие тоа во колумната го спомнавте како нешто неверојатно, па затоа сте го болдирале. Прочитајте некоја вест на страната дали ќе ја разберете (но, не да влечите контекст од неа) чим имало технологии што можат да ги користат.