Додека состојбата со иселувањето од Македонија е загрижувачка, во последниве 15 години се иселиле околу 230.000 граѓани, тоа што претставува поголем проблем е што засега државата не успева да ги задржи амбициозните и талентирани кадри кои се заинтересирани за истражувачка дејност.
Бојан Мавков, 25, студиите на Факултетот за електротехника и информациски технологии ги заврши со 9.70 просек, но компаниите од индустријата и истражувањето не беа заинтересирани за неговите вештини, па мораше своите интереси да ги побара во странсво. Сега е докторант на Универзитетот во Гренобл каде работи на истражување за спојување на електричната енргија со нуклеарна фузија.
„Во Македонија немав никаква конкретна понуда за работа, ниту во истражувачката дејност, ниту во индустријата. Додека аплицирав за мастер програмите во странство, паралелно и аплицирав на неколку места во Македонија за работа. Но навистина за да се започне со квалитетна инженерска кариера за млад инженер, истражувач е многу тешко кај нас со оглед на малата побарувачка на млади кадри и недоволно развиената истражувачка дејност“, вели Бојан в за Фактор.мк
Докторската тема на Бојан е поврзана со производство на електрична енергија со нуклеарна фузија и е поврзана со TOKAMAK проектот кој се гради на југот на Франција. Негова задача за докторатот е развој на модел кој ќе ги опфати температурата и магнетното поле во центарот на магнетното поле кое се користи како сад во кој се „чува“ плазмата и соодветно решение за управувањето со состојбите за моделот. Нуклеарните електрани кој би работеле на принцип на фузија ќе произведуваат повеќе електрична енергија, а со тоа би го решиле проблемот со нејзиното производство, но и проблемите кои доаѓаат со нуклеарниот отпад.
„За жал, во Македонија мојот избор на работа е прилично ограничен. За разлика од развиените европски држави каде што има развиено истражување во технологијата и во индустријата, во Македонија истражувањето е најчесто концентрирано само во високообразовните институции кои се ограничени со средства и имаат недоволно развиена истражувачка дејност. Развојот на технологијата треба да е приоритет на било која држава која сака да просперира и да се развива во правилна насока“
Бојан Мавков како и повеќето млади иселеници, мотивиран од истражувачките можности кој ги нудат развиените држави, сега веќе иднината се помалку ја гледа во Македонија. И покрај носталгијата, сепак условите за подобар живот, кариера и наука, по се изгледа ќе направат Бојан својата професионална иднина да ја продолжи во странство.