Здравствените установи ќе користат нов електронски начин на регулирање на листите на чекање, вели новиот министер за здравство, Никола Тодоров, најавувајќи дека овие листи ќе профункционираат од први јануари идната година.
Целта на воведувањето на новиот електронски систем е транспарентност и регулирање на работата на здравствените установу. Во пракса не би требало да има повеќе прегледи или снимања преку ред, туку секоја болница ќе биде задолжена електронски да ги објавува листите за закажување прегледи. Листите на чекање нема да се однесуваат на итните случаеви, кои веднаш ќе бидат третирани.
„Со новиот систем се регулира работата на установата и се штитат правата на пациентите, при што болниот уште од самото влегување во здравствената установа точно ќе знае дали веднаш ќе ја добие потребната здравствена услуга или пак ќе добие прецизна информација за колку време реално ќе може да се прегледа, со што се оневозможува практиката за прегледување преку ред и се оневозможуваат и други злоупотреби на пациентите со дополнителните прегледи.“, вели министерот Тодоров.
Здравствената установа е должна листата на чекање да ја објави на официјалната веб апликација, која ќе биде подготвена од Министерството, на веб страницата на соодветната ЗУ и да се постави на видно место во установата, со обврска дневно да се ажурира, се објаснува во соопштението. Личните податоци на осигуреното лице, содржани во листата на чекање се објавуваат како шифриран податок, кој осигуреното лице го добива во моментот на пријавување за користење на здравствената услуга.
Контролата на листата на чекање и користењето на здравствената услуга ќе ја врши Фондот за здравствено осигурување и Државниот санитарен инспекторат. За здравствените установи кои не водат листа на чекање, или не ја водат согласно критериуми утврдени со закон, се предвидени санкции.







