Skopje Casual е можеби најуспешниот македонски блог, и не затоа што стана популарен поради лежерната мода, знаеме дека модните блогови земаат замав; туку стартуваше спонтано, без план за бизнис, и по три години стана еден од ретките блогови кои имаат професионални соработки со локални дизајнери и странски брендови. Покрај My:Time, блогот од неодамна соработува и со шведскиот бренд за часовници Daniel Wellington.
„Се разбира дека не ни се веруваше на очите! По размена на неколку пораки, еден часовник веќе беше на пат за Македонија, а ние го поминавме денот со кренати веѓи и подотворена уста!“, пишува на блог постот.
Блогот е стартуван и воден од три блогерки заљубени во модата – Ива Дујак, Калина Зографска и Александра Христов. И покрај различната професија што не е баш поврзана со модата – Ива е маркетинг специјалист, Калина е проект менаџер, а Сандра е веб дизајнер – сепак сите три се инспирирани од лежерната мода, сите три се посветени на блогот, и сите три најдоа време заедно да одговорат на ова интервју. Eдно од прашањата е што ги прави различни од другите блогери?
„Нашата мисија – ширењето на лежерна мода во Скопје и Македонија е првото нешто кое нè одделува од останатите блогови. Веројатно тоа што трите сме нетипични блогерки е нешто по што се разликуваме – една веб дизајнерка, еден проект менаџер и еден маркетинг специјалист или 2 магистри и еден скоро доктор на науки… и не се баш стандардна екипа за моден блог :) Лежерноста е тоа што нè издвојува, љубовта и другарството нè прават нас и го прават Skopje Casual тоа што е :)“.
A како реагира нивната публика на соработките?
„Реакциите се одлични. Се трудиме со секоја соработка на читателите да им понудиме нешто поинакво и интересно. Никогаш не сме прифаќале да правиме само реклами или да поддржиме нешто што не ни се допаѓа, веројатно токму затоа читателите ги гледаат соработките како уште една нова содржина која не отскокнува премногу од нашата стандардна комуникација“.
Соработката со шведскиот Daniel Wellington e круна на досегашниот труд на Skopje Casual, посебно бидејќи брендот е тој што го направи првиот контакт. Ова можеби не би се случило ако Skopje Casual не објавуваше двојазични постови, на македонски и на англиски. Според девојките, англискиот текст им помага да се претстават на поширока публика.
„Да, неретко ни се случува преку аналитиката да забележиме дека нè читаат од најразлични локации. Веројатно најголемата потврда за двојазичноста на блогот беше кога англиската стилистка и блогерка Ребека Рој ни кажа дека пред да дојде во Македонија ја запознала македонската модна сцена читајќи го нашиот блог :) Се трудиме преку блогот да ја претставиме лежерната страна на Скопје на секој што сака да ја запознае, па пишувањето на англиски некако само по себе стана составен дел од нашето блогирање“.
Нема сомнеж дека Skopje Casual е успешен македонски блог, но не е без ограничувања. Во моментот не може да се живее од блогот, иако девојките веруваат дека „со посветеност и напорна работа секој блог може да стане и професија и извор на живеачка“. Велат дека иако има светски примери каде со блог може да се направи кариера, засега во Македонија тоа останува теорија. Но, тоа не значи дека не треба да се поттикнат другите супер блогери и да се „навива за сите што ќе се обидат!“. За крај, Ива, Калина и Сандра ни ветија дека со Skopje Casual ќе направат нешто офлајн, но засега „сè е тајна додека не ви кажеме повеќе…“









