Со години наназад, IObit Advanced System Care се труди да вдахне нова свежина во вашето PC и да проба да ги забрза секојдневните рутини, од чистење на системот, преку зголемување на перформансите, па се до заштита на вашата приватност. Единаесеттата верзија ја продолжува истата мисија и, преку суптилно променет кориснички интерфејс, ви дозволува да кликнете на копчето Scan за да започне серија од проверки за моментното здравје на оперативниот систем. Се мисли на тоа кои програми автоматски се покренуваат со системот, дали хард дискот се оптоварува со непотребни фајлови и кратенки, како и дали има одредени безбедносни дупки кои се кобни по вашата приватност. По прелиминарните проверки, можете да изберете и дали сакате да се активираат дополнителни опции како подобра брзина при сурфањето, напредна оптимизација и слично.
Бесплатната верзија на IObit Advanced System Care 11 ве послужува со бројни алатки, но доколку сакате да го забрзате сурфањето, чија ефикасност е отворена за интерпретација, да извршите поправка на оперативниот систем или да го исчистите дискот, потребно е да се претплатите на професионалната верзија. За 20 евра годишно, ви се отклучуваат понапредни алгоритми или дополнителни алатки, како тие за дефрагментација на дисковите, автоматско чистење на RAM или отстранување инфекции.
Единаесеттата верзија се чини дека е упатена во вистински правец. Според авторите, брзината на целиот процес на чистење е зголемена за 150%, споредено со претходните верзии. Дополнително, Advanced System Care 11 се одликува со целосно нов енџин за интелигентна оптимизација на дисковите, а забележителен е и ре дизајнот на алатката за надгледување на перформансите. Како што споменавме, корисниците имаат на располагање и безбедносни опции кои дијагностицираат и поправаат системски пропусти и манипулации во вашиот прелистувач.
Во случај да сакате само ефикасно бришење програми, проверете ги потенцијалите на IObit Uninstaller 7.