6 коментари 5 мин. читање

За претплатата на Вест и дигиталните изданија на Дневник и Утрински

Неодамна Вест ја сокри својата содржина зад платежен ѕид и започна да наплаќа претплата за своето дигитално издание. Вакво „автентично“ дигитално издание имаат сите весници на Медиа Принт Македонија (МПМ), но само Вест одбра да ја сокрие целата содржина. Дневник ќе сокрие само дел од содржината која ќе е достапна само во дигиталнотно издание кое се плаќа, додека Утрински весник воопшто нема да наплаќа за содржина, сите нивни вести ќе бидат и на сајтот и во .pdf изданието, барем засега.

„Секоја редакција одлучува за себе. Ним им беше овозможен канал за дистрибуција и наплата на дигитални содржини, преку проектот во развој – ePress, и им беше предложена варијантата со дигитален весник, како едноставен дериват од .pdf, што беше брзо прифатено.“, објаснува советникот за нови медиуми во МПМ, Зоран Ричлиев.

„Во однос на тоа зошто електронско издание во флипинг бук формат, а не HTML варијанти со платени текстови може да кажам дека идејата беше да не се затвораат содржините туку да се понуди услуга плус, со различна ергономија и време на излегување, сепак некои од медиумите избраа варијанти затворање и со најави.“

Причината за прифаќање на ваков модел е што МПМ забележал дека голем дел од публиката на овие три весници е „цврсто врзана“ за содржината од печатеното издание, затоа се и симулира вакво автентично издание. Друга причина е бидејќиу процесот на оптимизација и дигитализацијата на содржините е едноставен.

„Кај овој модел, не мора да значи дека има PayWall, туку само додатна премиум услуга, која се наплаќа. Некои од медиумите сепак решија да ја искористат можноста да затворат содржини, делумно или целосно. Вест се реши за најрадикален пристап со две дигитални платформи, онлајн издание, кое има свои содржини и најави од печатеното, и електронско издание. Тие и претходно копијата од печатеното издание ја публикуваа на утредента на пладне. Сега имаат онлајн варијанта која континуирано објавува содржини, т.н. портал и електронско издание кое се наплаќа. За детали и стратешки одлуки во однос на нивните модели, би ве насочил да ги прашате нив. Дневник затвора само некои содржини од печатеното издание. Утрински немаат план за затворање на содржините, засега.“, вели Зоран.

„Премиум услугата електронско издание е наменета само за тие што им се допаѓа оваа дигитална варијанта со „човечка димензија“, односно тие се верни се кон печатеното издание, но не се во можност да го купуваат (не можат секојдневно да пристапат до трафика, живеат во странство, сакаат да го имаат веднаш штом ќе излезе…) или едноставно немаат време. Со повеќе од двојно поевтина претплата отколку за печатеното издание, секој бизнисмен може да го има весникот пред себе, токму во моментот кога се појавува на трафика, што е голема предност.“

Какви се првичните реакции? Дали веќе имате претплати?

Првичните реакции се повеќе од позитивни, иако од луѓето кои се разбираат во дигитални платформи има разочараност, бидејќи очекувале повеќе. Едноставно продуктот не е таргетиран кон луѓето кои се на дигиталните платформи, тие ги користат веб страниците пред сè, туку за оние што се верни кон печатеното издание и сакаат едноставен медиум со доволно зум за да може да го читаат без наочари. Во однос на минималната цена од 10 денари накратко ќе кажам дека во неа е вклучена и цената на SMS пораката, па сега… Со претплатите има значителни попусти.

Задоволни сме од продажабата, имајќи предвид колку од нас „повлекле“ картичка на интернет. Задоволни сме и од SMS продажбата која е повеќе од едноставна. И самиот јас, кој сум длабоко навлезен и „навивам“ за дигиталните продукти, очекував многу послаб одзив. Очигледно, сме го погодиле моментот и платформата.

Според тебе, како го проценуваш македонскиот пазар, односно навиките на македонските читатели?

Ние постоиме за публиката. Правиме истражувања и гледаме да и излеземе пресрет, во исто време креирајќи продукти кои соодветствуваат на условите на пазарот. Повеќе го гледам како важен сегмент екосистемот во кој функционираат медиумите, разбирањето на дигиталните платформи и новите начини на комуникација, и вложувањето во нив, од страна на самите новинари, уредници и менаџери кај сите медиумски куќи во Македонија. За мојата фирма можам да кажам дека има слух за развој на дигитални проекти, но често во пракса се појавува реален генерациски и дигитален јаз, кога во дигиталните активности треба да се вклучат луѓе кои никогаш не претпоставувале дека тоа ќе биде дел од нивниот професионален ангажман.

Јас би сакал и конкуренцијата сериозно да се вклучи во играта, да се појавуваат дигитални канали со високо ниво на кастимизација на телевизија, радио станици со говорни содржини и вредни подкастови, весници кои ќе направат вистинско таблет издание, односно апликација и соодветно ќе ја одржуваат…

Потребно е подигање на нивото на дигитална култура, во сите сегменти на општеството. Тоа најдобро се прави со дела, и тоа чекор по чекор. Треба време, трпение… и храброст.

Дали ќе има некои идни интерактивни решенија? Очигледно е дека .pdf ќе може да се искористи за таблет компјутери, но како би јас пристапил до останатите изданија?

Во однос на понапредни дигитални изданија, идеите се тука, но едноставно се чека да созреат условите. Вреди ли во моментот да вложите десетици илјади евра во развој и имплементација, а да добиете одговор дека 10 денари се многу? Реалната цена на чинење на примерок на таквите дигитални изданија би била десетина евра, земајќи ја во вид големината на пазарот. Ќе го купи некој тоа, па нека е и најубаво на свет? Сè во свое време.

(сликата e на Kate Ter Haar/Flickr)>

Напишано од

Виктор Дано е уредник на IT.mk уште од самите почетоци на порталот. Верува дека новите и традиционалните медиуми треба да соработуваат, и дека е најважно вистинската информација да стигне до публиката. Страствен фан на Liverpool FC и зависник од Discovery и National Geographic.

Коментари

6 коментари

Коментарите се затворени.

Мени
Заедница
Изглед
To top