Минатата недела пишавме дека Google наскоро ќе ги објави партнерите со кои подготвува YouTube да го претвори во нова генерација на кабловска телевизија. Не поминаа ни неколку дена, а Google веќе најави неколку интересни партнери кои ќе бидат одговорни за креирање на оригинална содржина на YouTube. Моментално се најавени над 90 канали.
Роберт Кинцл, одговорното лице за YouTube партнерствата, изјави дека новите оригинални канали ќе се појават на YouTube веќе од наредниот месец и ќе функционираат цела наредна година. Тој исто така додаде дека овие канали ќе бидат достапни на сите уреди поврзани на интернет, било каде во светот, и ќе нудат содржина за сечиј вкус. Моментално каналите се поделени на пет категории: Спорт, Музика, Вести и Забава, Животен Стил и Поп Култура. YouTube веќе откри кои канали ќе бидат наскоро достапни.
Одговорни за овие канали, покрај славните личности, меѓу кои Ештон Качер, Мадона, Тони Хок, Реин Вилсон, Џеј Зи, ќе бидат и компании од разни области, меѓу кои Wall Street Journal, Machinima, IGN, TED, The Onion, InStyle Magazine, Lionsgate, WWE, и многу други.
Google има вложено 100 милиони долари во креирањето на оригинална содржина, и планира инвестицијата да ја врати преку приходот од маркетинг, кој потоа би се делел со договорените партнери.







