Дури и најголемите технички компании имаат лоши периоди. Отпуштањата, кои иако забавија, не престануваат, се една од потврдите, но последниве неколку месеци Google, а сега и Apple плаќаат високи казни.
За казната која Apple треба да ја плати по одлуката на Европската комисија веројатно не треба никакво претерано претставување. Сепак, некако незабележано поминaа казните од над 1 милијарда долари кои Google ги плати во декември 2023 и јануари 2024 година.
Одделот за правда против Google
Спогодбите за Google во последните неколку месеци надминаа една милијарда долари. Компанијата се подготвува за четврта спогодба последниве неколку месеци. Главна причина за овие спогодби е спорот за злоупотреба на доминантната положба на пазарот и потенцијалното отворање на истрага за монопол од страна на Одделот за правда.
Првата спогодба во декември беше во спор во кој Google беше обвинет дека ги принудил развивачите на апликации да плаќаат високи провизии и им понудил лоши услови ако сакаат да ги објават апликациите на Google Play. За оваа спогодба компанијата во декември плати 700 милиони американски долари.
Само шест недели подоцна, во спор во кои беа обвинети дека неправилно ги споделуваат личните податоци на корисниците платија уште 350 милиони долари, пренесе New York Times.
Singular Computing vs Google
На почетокот на оваа недела Google се спогоди и со Singular Computing. Двете компании беа во спор за дизајнот на Tensor чиповиte. Singular го обвини гигантот дека ги украл нивните дизајни. Google ги користи чиповите Tensor за вештачка интелигенција.
Претставници на Google имале средби со основачот на Singular од 2010 до 2014 година. На овие средби разговарале за дизајни на чипови. Неколку години подоцна, Google ги претстави Tensor чиповите. Singular смета дека со тој чип се нарушени авторски права за два патенти.
Singular Computing во овој спор бараше оштета во висина од 1,67 милијарди американски долари. Засега нема податоци за сумата за која се договориле, но Google ќе ги лиценцира патентите. И покрај ова, компанијата негира дека овие патенти на било кој начин се искористени во Tensor чиповите.
Google Chrome Incognito Mode не е баш приватен
Google е блиску до спогодба и во уште еден случај. Во овој спор се обвинети дека погрешно ги презентирале нагодувањата за приватност на Google Chrome. Компанијата се обидувала да пронајде начин за подобро да ја рекламира оваа функционалност, а информацијата дека и покрај активирањето на инкогнито модот, корисниците може да бидат следени, нема баш добар призвук за маркетинг.
Корисниците беа наведувани да поверуваат дека во овој случај не се следени, но реалноста е сосем поинаква, а Google и натаму ја следи онлајн активноста и покрај користењето на инкогнито прозорец.
Споделување на податоци на корисниците на Google+
Помина долго време откако Google се откажа од идејата за друштвена мрежа. Со затворањето на Google+ на 2 април 2019 не престанаа сите проблеми за Google. Причина за ова е што друштвената мрежа им овозможуваше пристап на девелоперите до податоците на корисниците од 2015 до 2018 година. Google јавно не го објави ова протекување на податоци, па најпрво во 2020 година се спогодија со корисниците за 7,5 милиони долари, а сега се спогодија и со акционерите за 350 милиони американски долари. Со ова веројатно ќе можат во целост да ја заборават својата работа на неуспешната друштвена мрежа.
700 милиони спогодба со обвинителите
Компанијата беше обвинета и дека поради незаконски ограничувања за дистрибуцијата можела да наплати непотребно високи провизии за плаќањето во апликациите. Благодарение на спогодбата креаторите на апликации ќе можат во иднина да понудат сопствени системи на наплата и продавници за апликации на Android. Google го затвори спорот со јавните обвинители за сите 50 држави.
Ова се четири судски спора кој компанијата ги затвора во период од неколку месеци. Потенцијална причина за ова забрзано затворање се два случаи кои против Google ги најави Одделот за правда. Google е обвинет дека обезбедил доминација во пребарувањето со договори со Apple и Samsung. Компанијата имала договори со производителите со кои Google пребарувачот доаѓал како основен пребарувач на уредите. Во вториот случај, Google е обвинет за потполна доминација на пазарот за онлајн рекламирање. Компанијата ќе треба да покаже дека не ја нарушува конкуренцијата, иако има целосна контрола врз алатките кои се неопходни за продавање реклами и купување на рекламен простор.
Вториот случај би можел да биде исклучително тежок за компанијата. Одделот за правда веќе побара технологијата за рекламирање да биде одделна спиноф компанија.
Ниту Apple не е безбеден
Во Европа, Европската комисија оваа недела беше фокусирана на производителот на iPhone. Apple за прв пат е казнет од Европската комисија, а казната е ригорозна – 1,84 милијарди евра. Одлуката е донесена по жалбата на Spotify од 2019 година во која Apple е обвинет дека ги спречува креаторите на апликации да ги известат корисниците за алтернативни начини за плаќање надвор од App Store.
Најголемо изненадување е висината на казната за Apple. Првите вести од пред неколку недели беа за казна во висина од 500 милиони евра. Официјалната казна е речиси четири пати повисока, но сепак е единствено 0,5% од годишниот глобален обрт на компанијата.
„Денес, Европската комисија објави одлука со која тврди дека App Store е пречка за конкуренцијата на пазарот за дигитална музика. Одлуката беше донесена и покрај неуспехот на Комисијата да открие какви било веродостојни докази за штетата направена на потрошувачите и ја игнорира реалноста за конкурентен, просперитетен и брзо растечки пазар.“, вели Apple на својот блог.
Дополнително, Apple обвини дека одлуката е донесена под влијание на Spotify. Во периодот по жалбата, претставници на Spotify 65 пати се сретнале со претставници на Европската комисија. Apple уште веднаш објави дека ќе ја обжали одлуката. Веројатно пред конечната одлука нѐ очекува долгогодишен спор.
За најголемите технолошки компании вистинските предизвици во Европа започнуваат оваа недела. На 7 март завршува периодот во кој можеа да се прилагодат на промените кои ги донесе Законот за дигитални пазари (DMA). Секаква неусогласеност понатаму ќе биде подложна на ригорозни казни.