
Rogue-lite и Souls-like жанрот се одликува со бројни поджанрови, често пуштајќи и испреплетувајќи корени едни со други. Секој девелопер ја презема основната формула, ја подсредува од една или од друга страна со суптилно поразлични елемени и нуди на играчите предизвикувачко искуство кои едноставно бара од вас да бидете подобри. Witchfire никако не е исклучок од ова и, како игра која е во раниот пристап на Epic, многу работи допрва ќе се менуваат. Но, она што веќе го има, е доволно за впечатлива забава.
Кои стои зад Witchfire?
The Astronauts e независно полско студио составено од дваесетина вработени. Основано во 2012 година, би можеле да помислите дека студиото веќе има неколку игри како дел од нивниот репетоар, но единствената игра која има произлезено од студиото е критички признаената The Vanishing of Ethan Carter. Оваа авантуристичка игра, која пушта длабоки корени во паранормалното, излезе уште во 2014 година и успеја да го сврте вниманието на бројни критичари со преубавата графика, но и со уникатните начини за раскажување интригантната приказна. Како резултат, студиото ја доби наградата за најдобра иновација во игра на настанот British Academy Games Awards, од 2015 година.Нивната втора игра, Witchfire, беше откриена на јавноста во 2017 година и студиото е конечно спремно да покаже дел од нивната петгодишна работа!
Огнот на вештерките
Иако се работи за игра во раниот пристап на Epic Store, Witchfire веќе остава впечаток на стабилен продукт, со многу мал број значителни багови кои би можеле да го нарушат севкупното искуство. The Astronauts се имаат погрижено да понудат графички преубава игра – фото-реалистички предели кои го одземаат здивот и одлично дизајнирани и анимирани суштества. Згора на ова, системот во водење битки е исклучително добар и целосно инспириран од Destiny 2, почнувајќи со начинот на кој оружјата ги чувствувате во вашите раце, преку начинот на кој како се нишани и пука, па сѐ до задоволството кое произлегува од одлично темпирани хедшатови.

Секој од непријателите се истакнува не само во начинот на кој изгледа, туку и во начинот на кој се движи и оружјата и магиите кои ги поседува. Поради ова, за многу брзо време ќе научите да препознавате со кого си имате работа. Ова не значи дека непријателите имаат предвидливи шеми на движење и напади. Често пати ќе отскокнуваат на една или друга страна и ќе користат можности да ви се приближат или да ве нападнат кога најмалку го очекувате тоа.
Од една страна, движењата и потенцијалните напади се визуелно прикажани на мапата и имате ограничена представа за движењето на непријателите и нивните напади. Од друга страна, кога ќе се присобере поголема бројка непријатели, тоа што има показатели станува слаба утеха, а пресметките потсетуваат на жонглирање десет топки додека возите трицикл и свирите усна хармоника. Witchfire вооштто не е лесна игра и бидете спремни да умирате. Многу!

Мали чекори, големи достигнувања
Во моментот кога ќе умрете, пленот што сте го собрале го губите, но ќе добиете шанса да пробате да си го повратите при вториот ран. Моментно, на располагање имате две мапи (Scarlet Coast и Iron Gate Castle), а за финалната верзија на играта се очекува листата да се зголеми на шест мапи. Целта во играта е да навлезете во една од понудените мапи, да истражувате и убивате сѐ додека не ги најдете и елиминирате клучните босови.
Откако ќе направите успешна екстракција ќе можете да работите на вашата надградба така што ќе го реорганизирате пленот што сте го собрале и ќе ја трошите вредната валута која се вика Witchfire. Со пленот можете да надградувате оружја и да создавате корисни алатки, а со валутата можете да се надградувате самите себеси.

На почетокот, се ограбрува да одите со скромни цели, да не се задржувате премногу низ мапата и да одбирате помалку предизвикувачки мети. Бидејќи сте исклучително ранливи и ограничени во способностите и алатките, почетните ранови ни беа кратки, но ефикасни. Подоцна, работите станаа значително различни и со секој иден ран, станунувавме сѐ похрабри и похрабри. По секој ран, трошевме Witchfire на зголемување на нашата изфрживост и сила, a и вршевме бројни истражување за отклучување оружја и магични способности, а со дел од материјалите крафтавме корисни пијалаци.
Ова не значи дека ранот ќе е полесен, туку само поразличен. Тоа што вие сте се подновиле со нова опрема и способности само значи дека непријателите ќе бидат двојно поспремни за вас и ќе пробаат да понудат значително поголем предизвик. Како што кажавме, Witchfire е сѐ само не лесна.

Пеколно (добро) патување?
Сево ова допринесува до исклучително забавна формула која највеќе ќе им се допадне на FPS гејмерите кои сакаат предизвикувачки пресметки во преубава викторијанска околина. Но, оваа забавна формула има исклучително мал рок на траење и откако ќе го искусите она што го опишавме во горните редови, новината исчезнува, рановите стануваат еднолични, а, на моменти и здодевни, со што лесно ќе се најдете себеси посакувајќи нешто повеќе од она што го има на понуда. На Witchfire ќе се работи најмалку една година, што значи дека многу работи допрва ќе се менуваат или прошируваат. Но, како за почеток, чедото на The Astronauts ветува многу!




Повеќе детали за играта
- Произведува: The Astronauts
- Издава: The Astronauts
- Жанр: FPS Shooter
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 20 септември 2023







