Фановите на table-top игри имаат што да најдат во Dark Quest 3 – симпатична инди игра со уникатен графички стил, едноставен концепт, но непредвидливи и длабоки механики.
Приказната во DQ3 е фрлена во спореден план и силно се потпира на генеричен заплет каде тим од четири херои, од максимум дванаесет, треба да стават крај на злобен волшебник. Патот до него е исполнет со бројни предизвици. Првиот предизвик доаѓа во форма на уникатниот графички стил со кој се воведуваат механиките.
Во духот на table-top игрите, тимот зад DQ3 се има потрудено да понуди што е можно поверодостојно искуство, како во поглед на дизајнот и претставување на мапите, така и во поглед на движењето и способностите на хероите. Благодарение на ова, се овозможува подлабоко ниво на имерзија во еден непредвидлив rogue-lite фантазиски свет.
Низ светот често ќе се наоѓате во бројни ситуации и непријателски средби за кои апсолутно не можете да бидете сигурни како ќе поминат. Со тоа што сите одлуки се подлежни на системот со фрлање коцка, во секоја дадена ситуација можете или да имате (голема) среќа или да произлезете како невиден баксуз. Имено, понекогаш ќе фрлите коцка со висока бројка и среќата ќе биде на ваша страна, а, понекогаш, коцката ќе ви даде 1 и вашиот претходни среќни исходи ефикасно ќе пропаднат во вода.
Со оглед на тоа дека се работи за turn-based ситем на битки, се запазува кој е на ред во користење основни напади или уникатни способности. За да излезете како ултимативните победници, потребно е да водите сметка за тоа како ги употребувате хероите, какви надградби и опрема користите. За повисок фактор на забава, ваквата стратешка организација допринесува до уникатни битки кои се секогаш различни и непредвидливи, особено кога ќе стапи на сцена некој од бројните босови. Босовите се појавуваат по случаен избор, но нивната елиминација ве наградува со руни. Секоја од руните се одликува со можни пасивни надгадби кои се клучни за вашето понатамошно напредување.
Секој од уникатните 12 херои со кои управувате имаат основен напад, но и по четири карти за способности и четири нивоа на атрибути, како сила, интелигенција, перцепција и агилност. Ова не значи дека се работи за само статична статистика бидејќи често ќе можете да ги надградувате основните напади и способностите. За дополнително привремено зголемување на способностите, односно атрибутите, помага и опремата која ја носите, со што се создаваат органски можности за импровизација и тактизирање. Иако имате верзии за конзолите, ова е игра која се најдобро игра со глувче; многу работи се значително поспори и понеприродни со контролерот.
Бидејќи има многу херои и секој од нив е со уникатни способности и атрибути, Dark Quest 3 е игра од која зрачат најразлични комбинации за арсенал од стратешки имплементации. Тука е и најголемата предност во овој наслов. Она што почнува како едноставна мала игра полека, но сигурно, слој-по-слој, открива механици за длабоко тактизирање и висока вредност на преигрување. Дури и да не сте фанови на table top, turn-based игри, насловот на Brain Seal Ltd, ја има прилагодено формулата за поширока публика и нема да се покаете доколку и пружите шанса.