(Ова е гостински текст на Дарко Булдиоски, првично објавен на Комуникации.нет)
Spark.me ја најавија уште во јануари и тоа ни помалку ни повеќе туку со единствениот Рамон де Леон. Но мене тоа не ми беше новина затоа што знаев дека ќе доаѓа уште од лани, па си реков ајде ќе почекам уште некое име за да пишам колку сум возбуден за овогодинешното издание на најдобрата конференција во регионот.
Потоа го објавија Марвин Лиао и си реков, ќе чекам уште. Па го објавија менаџмент гуруто Џ. Б. М. Касарјан и знаев дека ќе има уште добри имиња особено од области поблиски до мојот интерес, па си реков ќе си чекам јас уште. Па го објавија Тимо Вуренсола, и тука малку се подзамислив, но не се предадов. Ќе чекам. Тине Тугесен и Стели Ефти се од светот на стартапите, а јас си ветив дека ќе чекам некој од маркетинг светот. И не дочекав.
Питер Сунде доаѓа на Spark.me
Не е од маркетинг светот, ама е толку многу важен и добар што решив да не чекам веќе. Денес сабајле Spark.me го најавија својот следен говорник. Станува збор за еден од основачите на Pirate Bay. Питер Сунде е скандинавски хакер/активист кој работи на проекти кои имаат потенцијал да го променат општеството. Посебен интерес му се прашањата околу авторските права во дигиталното доба, приватноста на Интернет и слободата на информациите. Тој вели: „Само слободниот пристап до информации и знаење може да го унапреди нашето општество“.
Сунде исто така е основач на Flattr, првиот сервис за микроплаќања и ко-основач на Heml.is Messenger, апликација за анонимна размена на шифрирани пораки преку интернет. Секако многу повеќе детали за ликот и делото на овој херој на дигиталното доба има кај тетка Вики: Питер Сунде
Јас до сега знам најмалку 10-тина македонци кои ќе одат на Spark.me, ако уште се мислиш, знај дека конференцијата е на 31 мај и 1 јуни и крајно време е да се одлучиш. Картите се по намалена цена од 150 евра, односно 70 евра за студенти. А верувајте настанот вреди за сите пари. И повеќе.







