Самоглас е првата платформа за аудио книги на македонски јазик, алатка која и тоа како нѝ се допаѓа, и ја препорачуваме доколку често сте во движење и сакате да си слушате книги на македонски.
Но, од Самоглас мора да решиле дека е време за одредена експанзија, затоа што со следниот чекор планираат да запливаат и во води на подкасти каде целта е да се промовираат млади културни дејци.
Нивниот проект „Подкасти на Самоглас“, ќе трае до крајот на месецот мај и е за сите млади автори кои сакаат да креираат подкаст во областа на културата.
Подкастот треба да претставува серијал од минимум шест епизоди во времетрање од минимум триесет минути по епизода. Приоритет ќе им биде даден на автори/авторки кои работат на локалната независна културна сцена и кои се невработени т.е. не се во постојан работен однос со јавна институција од областа на културата. Истите ќе имаат целосна слобода врз содржината што ќе ја креираат, а од тимот на Самоглас ќе добијат креативна, техничка и финансиска поддршка во процесот на изработка на материјалот.
Доколку сакате да се пријавите потребно е да пополните електронска форма и да доставите кратка аудио снимка која не треба да е подолга од 2 минути, а која треба да звучи како најава за подкастот. Избраниот креатор на подкастот ќе може промотивно да ги објавува авторските содржини и на мобилната апликација и на веб платформата на Самоглас.
Мислите дека го имате она што е потребно? Среќно!