Во Македонија има услови за креирање видео игри, велат организаторите на Global Game Jam 2013

Од 25 до 27 јануари за прв пат во Македонија, ќе се одржи Global Game Jam, во организација на Македонска асоцијација за развивање игри –  МАГДА. На настанот, кој ќе се одржи во Скопје и Битола, се поканети сите ентузијасти преку работилница да научат како да креираат видео игри.

Global Game Jam е најголем светски настан од овој тип. Идејата зад фестивалот е развој на иновативни концепти во видео игрите, но пред се промоција на меѓународна соработка и тимска работа. Годинава се одржува во 62 држави на 290 локаци, а учесниците и организаторите пред себе имаат предизвик во 48-те часа да направат повеќе игри од лани кога беа креирани околу 2.200 видео игри.

На почетокот тимовите добиваат тема, на пример, измама (2010), истребување (2011), или слика на Ouroboros (2012). Присутните тимови треба да направат видео игра за 48 часа. Настанот не се однесува единствено на програмерите, туку на сите гранки кои влегуваат во индустријата и на едно место собира ентузијасти кои цртаат, прават музика или пишуваат сценарио заедно со програмерите.

„Убавината на индустријата на игри е што е многу отворена, базирана на постојани контакти и комуникација, споделување на информации, идеи, знаење. Мислам дека таа комотност доаѓа од фактот дека за сите кои што работат во оваа индустрија има доволно место и цел свет е пазар. И девелоперите од Македонија се такви, и затоа мислам дека ќе има убаво дружење.“, велат одранизаторите.

Global Game Jam во Македонија е во рацете на четворица ентузијасти – графичката дизајнерка Даниела Спасовска, основачот на Kamaj Media, Петар Котевски, актерот Гораст Цветковски и ко-сопственик на KnapNok Games од Копенхаген, Дајана Димовска. Eве што велат тие за настанот и за индустријата на видео игри во Македонија.

Во најголем дел, сите настани поврзани со видео игрите кај нас се оставени на ентузијазмот на поединци. Која е вашата мотивација за организирање на ваков настан?

Даниела (графички дизајнер): Најмногу сакаме да ја раздвижиме сцената. Луѓето кои веќе развиваат игри подобро да се поврзат, а многу повеќе да се приклучат. Како што сцената ќе расте ќе има место за сите да си го најдат местото. Игрите се светска, креативна и иновативна индустрија која генерира огромни профити и за секого има пазар. Македонија со толку многу луѓе кои играат игри од секаков вид и одлични идеи за „gameplay“, реално има голем потенцијал кој само треба да се поттикне и правилно да се насочи. Затоа го правиме овој настан на кој сакаме да ги споиме професионалците (во фирми, студија и независни) со оние кои уште учат и со ентузијастите.

За овој настан да не биде организиран од една-две фирми, ја оформивме Македонската Асоцијација за Развивање игри – МАГДА. Така настанот доби независност а лесно секоја друга фирма или поединец да може се придружи. Покана до сите фирми, студија, поединци, ентузијасти…  апсолутно сите кои развиваат или сакаат да развиваат игри да се вклучат во МАГДА. Членството е бесплатно.

Петар (основач на Kamaj Media): Настаните поврзани со видео игрите се секогаш организирани од ентузијазмот на поединци, не само кај нас туку и во светот. Индустријата за видео игри е прицврстена врз ентузијазмот на поединци кои добиле идеја за интересна игра, за интересен визуален изглед или за интересна тематика.

(Атмосферата на Nordic Game Jam, ко-oрганизиран од Дијана Димовска; автор Клаус Кункел)

Покрај тоа што сакаме да ги ставиме на едно место сите ентузијасти за видео игри и да им овозможиме да се запознаат и да разменат искуства, сакаме и да го подигнеме нивото на разбирање за индустријата за видео игри во Македонија. Кај нас се уште постои некоја стигма дека доколку некој се занимава со видео игри, тогаш си го губи времето непродуктивно. Нашата цел е да покажеме дека индустријата за видео игри во светски рамки е една од најпрофитабилните индустрии, и дека е една од најотпорните на светските финансиски кризи.
Ако успееме да убедиме барем еден родител дека неговото дете гејмер има каде да ги користи вештините кои ги добива играјќи, програмирајќи, цртајќи – тогаш сме ја исполниле нашата цел.

Кои ќе бидат придобивките за македонските студија за дизајн на видео игри?

Петар: Нашата целна група не се студијата и фирмите, туку поединечните индивидуи кои работат во нив, како и поединци кои аматерски се занимаваат со развивање игри. Ние сакаме да оформиме заедница на девелопери на игри, во која искуствата и знаењата слободно ќе се разменуваат. Доколку постои таква платформа на меѓусебна поддршка, тоа ќе биде од корист и на студијата и фирмите во кои луѓето работат.  Крајната цел е да се крене нивото на индустријата за видео игри во Македонија и да се охрабрат девелоперите за да почнат да се занимаваат со авторски проекти, а помалку со аутсорсинг.

На промотивната страна има податок дека во Р.Македонија има дваесеттина студија за развој на видео игри. Дали некои од учесниците веќе го најавија своето присуство?

Даниела: Јас со истражувањето најдов точно 17 фирми, студија и проекти од областа. Верувам дека има уште затоа што мобилните апликации се во подем. Сите тие се поканети на настанот, а некои веќе го потврдија своето присуство. 4Virtus кои изработуваат едукативни мобилни игри и сега добија награда од ВИП, потоа ITgma кои исто така изработуваат мобилни игри, потоа Ein-Sof кои се пионери во областа во Македонија, потоа незaвисното студио Wootra Games. Денеска се регистрира и авторот на Бабини игри. Надвор од тоа има луѓе кои самостојно се пријавуваат.

За сите пред се е најважно создавањето на контакти, дружење со луѓе кои имаат исти интереси, разменување на идеи и искуство, но и развивање на одлични игри. Овој настан се покажал како одлично место за почеток на некои многу добри игри, па потоа тимовите си ги доработиле. Ние не очекуваме на овој настан дека ќе добиеме комплетни игри. Тоа најчесто ќе бидат игрички кои ќе ја прикажуваат идејата. Најважно е идејата да кореспондира со темата, но и да биде јасно прикажана. За таа цел во петок 25 јануари во 13 часот ќе има предавање од страна на Дајана. Дајана веќе држи предавања од овој вид, баш последното и беше сега скоро во Стокхолм и таа ќе објасни се.

(Атмосферата на Nordic Game Jam, ко-oрганизиран од Дијана Димовска; автор Клаус Кункел)

Со оглед на тоа дека гејминг индустријата има приходи од 65 милијарди долари во 2011 дали сметате дека во Македонија не и се посветува доволно сериозно внимание и кои се вашите искуства од светот?

Даниела: Јас не би кажала дека не и се посветува внимание. Сите фирми и студија во Македонија се неверојатно сериозни за својот бизнис. Сите работат турбо и сметаат дека има потенцијал за понатамошно проширување на дејноста – други платформи, жанрови.Тоа е доволен доказ дека иака сè уште малубројни овие фирми и студија посветуваат сериозно внимание на развивањето игри.

Универзитетите исто. Тоа најмногу се гледа во факултетите по инфирматика. Студентите сакаат да изработуваат игри, и убаво е да се види дека има професори кои ги подржуваат. Во Македонија има и 3 медиуми (колку што јас знам) кои сериозно ги подржуваат игрите. Мислам дека работите ќе стануваат само подобри.

Имајќи во предвид дека оваа индустрија е токму она што и треба на нашата држава – „eco-friendly“, современа технологија и целосно извозно оријентирана, нели е време државата повеќе да инвестира во вакви собири, но и во студијата за развој на игри, без разлика дали со даночни повластувања или поврат на вложените средства?

Петар: Во Македонија индустријата за видео игри ја дели судбината на останатите креативни дисциплини, како уметноста, музиката, филмот итн. Имаме многу работа пред нас за да ја афирмираме, и се надеваме дека ваквите настани ќе помогнат. Една од долгорочните цели на Македонската асоцијација за развивање игри (МАГДА
) е да работи со академскиот и политичкиот сектор за создавање подобри услови за развивање на индустријата за видео игри.

Ние сме цврсто убедени дека оваа индустрија е она што му треба на нашата држава – ние имаме огромен број млади луѓе кои се неверојатно креативни и работливи. Пазарот за видео игри не е воопшто регулиран како пазарите за другите видови роба – единствено е важен квалитетот на производот. Не се потребни големи инвестиции во потрошен материјал или машини, а додадената вредност на крајниот производ е огромна.

Македонија веќе има одлични услови за развивање игри – пристап до хардвер по конкурентни цени, добра интернет покриеност и голем број на високо-образувани кадри кои само треба да се насочат на вистинскот пат. Секако дека иницијативи за охрабрување на развитокот на оваа индустрија се добредојдени, но ние мислиме дека сега за сега, поважно е да се направат првите чекори во развивање игри: да се разработат првите студија, да произведат производ кој ќе донесе профит. На тој начин, цела оваа бучава која ја генерираме ние нема да биде само на муабет, туку ќе има и потврда на исплатливоста на бизнисот на креирање игри.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
trackback

[…] пет години, група ентузијасти организирани како МАГДА излегоа со […]