Јапонските интернет корисници кои симнуваат пиратска содржина може бидат казнети со 25.000 долари парична казна и до две години затвор, стои во новата регулатива која се воведе во земјата. Корисниците кои закачуваат пиратска содржина се соочени со 10 години затвор и над 50.000 долари парична казна.
Иако пиратеријата е нелегална во Јапонија веќе подолго време, сепак ова е прв пат да бидат воведени вакви драконски казни кои, како што пишува BBC, се воведуваат по лобирање на јапонската музичка индустрија која е втора во светот по приходи, веднаш зад САД.
Според истражување од 2010-та година, во Јапонија се симнуваат 4,36 милијарди музички и видео фајлови годишно, а легално се купуваат 440 милиони. Според јапонската Асоцијација на музичката индустрија, со законот ќе се обезхрабри пиратеријата и ќе се мотивираат продажбите.
Јапонија се приклучува на се подолгата листа на земји кои воведуваат драстични мерки да ја спречат пиратеријата. Од апсење на основачите на Pirate Bay во Шведска, до гасење на Megaupload во Нов Зеланд и воведување на HADOPI во Франција, гасење на Demonoid во Украина, апсење на основачот на британскиот SurfThechannel и обиди за воведување на SOPA и PIPA во САД, се чини дека властите, под притисок на индустријата, се се порешени да стават крај на пиратската содржина.







