Не сме големи фанови на авантури со загатки. Би можеле да кажете дека мразиме игри со загатки. Но, Viewfinder, исто како и Portal 2, се исклучок на оваа правило. Причината за тоа е што и двете игри воведоа нови, револуционерни и крајно забавни механики. Viewfinder го прави истото што и Portal 2. Воведува целосно нова димензија и начин за играње; до-сега-невидени механики кои го фасцинираат играчот како прв поглед преку телескоп…
„Фотографиите се само светлина и време“ – Аза Холмс
Viewfinder е прва игра за која ни требаше време да го процесираме тоа што го гледаме на екранот. Во играта навлеговме без да знаеме нешто за неа и очекувавме дека се работи за уште една авантура. Арно ама, впечатокот брзо се смени, особено откако ја зграпчивме првата полароидна фотографија. Со притискање на соодветни копчиња, просторот кој се прикажува во фотографијата се наметна во просторот во кој нашиот лик се наоѓаше. Да пробаме да објасниме уште еднаш. Дводимензионалната, црнобела фотографија буквално „оживеја“ во шареноликиот простор во кој се наоѓавме и можевме без проблем да „влеземе“ во фотографијата и да се движиме низ неа.
„Во фотографијата има реалност која е толку суптилна да лесно станува пореална од самата реалност“ – Алфред Стифлиџ
Добри десет секунди, мозокот одбиваше да процесира што се случи и како е изводливо едното со другото. Механички, навистина не ни беше јасно колку едноставно, лесно и флуидно изгледа целата транзиција, збунети сме (и крајно импресионирани) дури и откако завршивме со целата шестчасовна кампања. Sad Owl Studios имаат осмислено нешто револуционерно и крајно интересно – освежителни механики кои ги истакнува авантурите со загатки на едно целосно ново ниво и пружаат можности да се одведе овој жанр во нови, непознати правци.
„Фотографијата зема дел од времето, го менува животот така што го држи во суспензија“ – Дороти Ланг
Камерата која ја гледате на горната слика ви дозволува вие да сликате нови слики и истите да ги користите за наметнување нови димензии во просторот низ кој се движите. Така да, не сте врзани да користите само фотографии кои ги наоѓате низ просторот туку можете и вие да си правите нови. Дополнително, во одредени места можете да направите селфи и таа слика да ја искористите за инстантна телепортација од една до друга точка. Онаму каде ќе потфрлат овие начини за манипулација со просторот имате и можности за активирање скриена реалност така што ќе погледнете од одреден агол. Погледнете на што мислиме…
Импресивно, нели? Одредени места бараат да соберете одреден број батерии. Да кажеме три. Можете со камерата да ја сликате батеријата, а потоа да ја фотокопирате сликата. На тој начин, ќе ја добиете потребната бројка од батерии! Но, немаат сите слики некоја скриена функционалност. Некои слики ќе ги прилепите за да се уништи еден ѕид и за да можете да влезете во одредена зграда. А, други слики? Други слики може да се само празник за очи – интересен визуелен стил како DOS инспирирана зандана или скициран пејзаш – замислени да ја разбијат секоја можна монотонија така што ќе понудат малку поразлична перспектива.
„Фотографијата е инстантна реакција, цртањето е медитација“ – Хенри Картие – Бресон
Некои од загатките знаат да бидат предизвикувачки и да ве замислат. Viewfinder ве запознава со бројните механики етапно. Без брзање и без ризик од фрустрации, полека, но сигурно се запознавате со можностите на играта и како да се искористат во ваша полза и за преминување од точка А до точка Б. Но, понекогаш лошо поставени и прилепени фотографии нема да вродат позитивни резултати и ќе ви се чини дека излезот е надвор од вашите раце. Во случај да имате погрешно прилепена некоја фотографија, можете да го вратите времето назад. Како да сте уредник на одредено видео, во кој било момент можете да паузирате и да го премотате времето назад, со што ефикасно го поништувате вашето влијание во играта. Ова е можно затоа што, технички, вие не сте во вистинскиот свет туку користите напредна виртуелна реалност за манупулација на просторот околу вас.
„Една од предностите на фотографијата е тоа што е визуелна и може да го надмине јазикот“ – Лиса Кристин
Читајќи други рецензии, општиот впечаток на останатите рецензенти е дека приказната не е ништо посебно, но ние никако не се сложуваме со ова. Нам ни се допадна ем глумата ем бројните белешки на кои наидувавме низ мапите. Иако ова беше суптилно, сметаме дека одлично се вклопува со лорот и со мистеријата која стои зад сите овие експерименти за преобликување на реалноста. Преостанатите пофални зборови ги насочуваме и на музичката подлога која допринесува до градење релаксирачка атмосфера која ги поништува сите можности за фрустрации при решавање на загатките.
„Денеска, сè постои за да заврши во фотографија“ – Сузан Сонтаг
За нас, Viewfinder беше едно од најпријатните изненадувања годинава. Единствена забелешка која ја имаме е за должината на играта. Без проблем ќе продолжевме да ја играме уште десет дополнителни часови. Шест часа едноставно не се доволни и се надеваме дека Sad Owl Studios планираат екпанзија во иднина – дефинитивно има простор за дополнителни нивоа. Во меѓувреме, преигрување на играта строго се препорачува затоа што секогаш има поразлични начини за пристигнување до целта. Но, ако нешто научивме до Viewfinder тоа е дека поентата не е да се стигне до целта туку да се ужива во патувањето.
Ние уживавме со Viewfinder, се надеваме и вие!
Повеќе детали за играта
- Произведува: Sad Owl Studios
- Издава: Thunderful Publishing
- Жанр: Авантура, загатки, прво лице
- Платформа: PlayStation 5, Microsoft Windows,
Оценка
- Вкупна оценка: 8.75
- Приказна: 7
- Гејмплеј: 10
- Графика: 9
- Звук и музика: 9