Book of Travels е TMORPG игра со уникатна основа и невообичаена перспектива

Book of Travels е една од најчудните игри што ги имаме играно годинава. Етикетирана како TMORPG, раниот пристап на играта на Might and Delight нѝ дозволува да се втурнеме во мини ММО верзија на уникатна RPG игра со невообичаен графички стил и перспектива.


Истражувајќи преубав и рачно нацртан свет, ќе пробате да запознавате најразлични ликови и да откривате локални легенди, притоа наидувајќи на вистински луѓе и започнувајќи најразлични интеракции со нив. Бројот на таквите лица е сведен на минимум, поради што и произлегува жанрот Tiny MMORPG, но секоја интеракција со нив е замислена да биде уникатна и да пружа можности за интересни исходи, нешто што сеуште не е имплементирано во моментната верзија на играта.

Како што кажавме, сè во играта Book of Travels е невообичаено и поразлично изведено од другите игри. Имено, за ликот одбирате позадина, карактеристики на личноста и вештини кои, иако не се соодветно објаснети поради желбата за експериментирање, диктираат различни начини со кои ќе стапувате во интеракции со светот околу вас. Во моментот кога несигурно ќе го создадете вашиот лик, започнувате патување од невообичаена графичка перспектива и исклучително бавни гејмплеј механики. Book of Travels нуди тродимензионална навигација во дводимензионални панорами. Нема кампања. Нема компаси или сигнализации кон интересни случки. Она што има е силна мотивација за истражување. По првите неколку минути од вашето втурнување во светот, лесно би можеле да помислите дека ова е уште еден walking simulator каде целта е на максимална визуелна и аудио имерзивност преку споро напредување.

NPC ликовите на кои наидувате имаат интересни работи да кажат за светот околу вас, а покрај тоа што ќе ве наградат со искуствени поени, можат да ви дозволат и размена на материјални работи. Од друга страна, кога ќе се случи да наидете на вистинските лица интеракцијата се сведува на разменување најразлични emotes, како и разменување на вашите белешки што сте ги правеле за време на авантурите. Читање низ дневниците на другите играчи беше исклучително забавна механика и даваше уникатни увиди за нивното оригинално искуство.

Низ мапите кои ги истражувате, можете да наидете и на различни интересни работи, како и валутата која ви дозволува да купувате опрема или да отклучувате нови вештини. Времето во светот е врзано со времето во вистинскиот свет и доколку играта ја играте во ноќните часови, тогаш и во играта ќе биде ноќ, и обратно. Одредени NPC ликови ќе излегуваат само во одредено време, а настаните кои се случуваат околу вас се засновани на случаен избор. Ова е меч со две острици и доколку имате време за гејминг само во ноќните часови, откривате само еден дел од играта. Од друга страна, пак, знае да биде значително интересно кога ќе имате ретка прилика да ја истражувате играта преку викендот.

Покрај истражување и запознавање, имате на располагање и систем со борби, но сега-за-сега, сметаме дека тука не лежи срцето на Book of Travels. На располагање имате бројни непријатели, но секојпат се трудевме да одиме со некаква опција за избегнување на битките, особено поради фактот што играта има permadeath, а битките повеќе се со фрустрирачки отколку наградувачки елементи.

Како игра на која допрва ќе се работи, и тоа во период од најмалку две години, Book of Travels не нуди нешто повеќе од ова што го опишавме во горните параграфи. Спорото напредување низ невообичаената перспектива, како и ограничените интеракции со популацијата, оставаат многу работи за посакување. Онаму каде што играта навистина сјае е во огромната имерзивна моќ, нешто што е продукт на одличен рачно-нацртан свет и феноменална музичка подлога.

Првите неколку денови од излегувањето на играта, Book of Travels беше апсолутно пренатрупана од багови, некои од нив ја правеа играта или неигрива или апсолутно ја кршеа единствената светла точка со која се одликуваше – имерзивноста. Но, работите сега се значително подобри, барем од техничкиот аспект, што сведочи дека Might and Delight не седат со скрстени раце и точно знаат каде им лежат приоритетите и како да надминат предизвици на брз и ефикасен начин. Останува да видиме како ќе еволуира играта низ месеците и дали ќе успее да се запамети како пионир во еден нов под жанр или пак како пропаднат експеримент.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments