Игри како Banishers: Ghosts of New Eden се вистинска реткост. Од првите минути, па сѐ до последните, бевме преплавени од чувството дека се работи за ремек дело во кое е вложено многу знаење, љубов и време. Во моментот кога видовме како бројните гејмплеј механики се испреплетуваат со квалитетната глума и пуштаат корени во паметно осмислениот наратив, сфативме дека Banishers: Ghosts of New Eden е дигитален хибрид кој спектакуларно скока не само помеѓу жанрови, туку и помеѓу различни форми на интерактивна забава.
Многу повеќе од игра!
Ако нешто не сакаме да правиме во една рецензија, тоа е да зборуваме за приказната. Понекогаш, сметаме дека дури и најситните детали знаат до некаде да го расипат севкупното искуство на играчот. Но, во оваа ситуација, тешко е да не се зборува за одредени наративни аспекти бидејќи дел од нив се директно врзани со гејмплејот.
Banishers: Ghosts of New Eden е игра чија приказна е сместена во Њу Идн, во 1695 година. Во овој универзум, меѓутоа, духовите се честа појава и луѓето не преминуваат лесно на другиот свет, особено доколку имаат незавршена работа. Со оглед на тоа дека местото на духовите не е во светот на живите, засегнатите луѓе бараат помош од протерувачи (banishers, анг. прев.), елитни ловци кои користат магии и специјални тактики за да откријат одредени детали поврзани со духовите, а потоа и да ги протераат истите.
Антеа Дуарте и Ред мек Рејт се двајца протерувачи кои доаѓаат во Њу Идн да помогнат на пријател да протера навидум несопирливо зло. Во низа неочекувани ситуации, Антеа, љубовта на Ред, умира само за да се врати подоцна како дух и да му помогне на Ред во нивната мисија да го вратат телото на Антеа. Сево ова доаѓа со дополнителна цена и наметнува потреба за донесување исклучително тешка одлука: Дали Ред да ѝ помогне на Антеа мирно да премине во другиот свет, дали да ја болно протера од светот на живите, или пак да лаже, да ја извртува вистината, да обвинува и убива во нејзино име како би можел да го оживее телото на неговата љубов?
Проблематични, болни избори
Banishers: Ghosts of New Eden е долга игра која се завршува по 35-40 часа. Светот е огромен, полн со впечатливи настани и споредни квестови.
За сето тоа време, за секое протерување кое ќе го направите константно ве прогонува мислата што да правите. Иако на почеток не сте емоционално врзани со Антеа, како поминува времето така се повеќе и повеќе паѓате во искушение да ја гледате лошата страна во луѓето, да го одмерувате секој нивен збор и да барате (не)рационално причини кои би го оправдале убивањето во нејзино име.
Но, прогонствата што ќе ги вршите никогаш не се едноставни и луѓето се комплексно изградени индивидуи со лоши и добри страни. Како резултат, никогаш нема да бидат лесни одлуките кои ќе мора да ги донесете.
Танц на човекот и духот
Покрај истражување на детално-осмислениот свет и водење разговори, потребно ќе биде да водите истраги кои ќе откријат детали за луѓето кои се поврзани со духот, како и вршење одредени ритуали и одреди за повикување на духот, или пак реанимирање на одредени настани од минатото.
Со оглед на комплексноста на вашата работа, светот во кој сте втурнати е полн со опасности. Дел од духовите и астралните тела се злобни суштества кои можат да поседуваат животни, да влегуваат во неживи тела и да ги користат за напади. За среќа, Ред успешно се справува со сѐ што ќе се осмели да го нападне.
Користејќи меч и факел (подоцна и пушка), нападите на Ред се одмерени, силни и реалистично изведени. Направете доволно напади и ќе можете да искористите магичен потег со кој ќе пробате да го протерате духот. Со само едно копче, Ред дозволува и Антеа да го води шоуто. Како астрална проекција, девојката ги напаѓа непријателите со тупаници, но и користи дополнителни движења и способности за поефикасни пресметки.
Како поминува времето, така отклучувате дополнителни способности и за Ред и за Антеа. Она што првично се чини како едноставен борбен систем, за брзо време ќе премине во комплесни движења од дефанзивен и офанзивен карактер. Како резултат, често ќе се чувствувате како да сте дел од борбен танц кој дозволува флуидно преминување помеѓу човек и дух.
Па така, можете да се затрчате кон непријателот како Ред, во последен момент да се префрлите како Антеа за да нападнете со силен, неочекуван удар. Или пак, доколку непријателот е далеку, можете да се телепортирате до него со Антеа, а потоа да продолжите да го напаѓате со Ред. Ваквите транзициони моменти се чести, различни и крајно задоволителни. Често ќе се наоѓате како скокате помеѓу Ред и Антеа и користите најразлични комбо движења за поефикасно елиминирање на непријателите. Иако Антеа користи само тупаници, ќе можете да и давате корисна опрема која ја прави поефикасна за време на битките.
Уште една одлична игра од француското развојно студио DON’T NOD!
Кога ќе земете сѐ во предвид, Banishers: Ghosts of New Eden е феноменално дигитално остварување кое го поставува развојното студио DON’T NOD на врвот. По феноменалната Jusant, авторите уште еднаш успеаја да понудат феноменална наслов, овојпат акциона RPG игра која се одликува со детален свет, одличен борбен систем и ликови кои долго ќе ги паметите.
Поголемиот дел од гејмерите се чинат подеднакво импресионирани како и нас, доделувајќи ѝ на играта 88% позитивни рецензии на Steam и 8.1 оценка на Metacritic.
Кои се DON’T NOD?
Don’t Nod Entertainment SA e француско студио со седиште во Париз. Основано во 2008 година, студиото првично се прослави со уникатната Remember Me во 2013 година, а подоцна достигна неверојатен успех со Life is Strange,За Don’t Nod се зборува дека се студио кое не се врзува за еден жанр или еден серијал и често експериментира со игрите на кои работи. Нивната трета игра, Vampyr, е карактеристичен пример за ова, а подоцна и истото се направи со Jusant.
Моментно, студиото работи на играта Lost Records: Bloom & Rage – преубава наративна авантура сместена во 90-тите години на минатиот век.
Книга, филм, музика; три во едно!
Со месеци баравме игра која мајсторски ги разраборува сите аспекти во играта, посветувајќи подеднакво внимание на приказната, како и на музичката подлога, гејмплејот и графиката. Banishers: Ghosts of New Eden нуди врвен квалитет и се истакнува како монументално достигнување за француското студио. Релативно долга, но одлично разработена игра која ќе ве држи во фасцинантна неизвесност сѐ до самиот крај.
Повеќе детали за играта
- Произведува: DON’T NOD
- Издава: Focus Entertainment
- Жанр: Акциона RPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 12 февруари 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9.5
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 9
- Графика: 9
- Звук и музика: 10