Нема никакво сомневање во популарноста на Vampire Survivors. Оваа игра успеја до тој степен да го привлече вниманието со едноставниот, но неверојатно забавниот гејмплеј, да стотици слични игри веќе можат да се најдат на ионака презаситениот пазар. За една од такви игри пишувавме пред недела дена. Слично на Yet Another Zombie Survivors, многу девелопери се трудат да ги искористат клучните елементи од Vampire Survivors, но и да воведат нешто ново.
Денеска, Gamecraft Studios го прави истото – ја зема основната формула на VS, но ја меша со најпрепознатливите механики на DOOM. Она што произлегува е FPS bullet hell акција низ бесконечен ходник каде користите десетици и десетици оружја (ОД ЕДНАШ) за да ставите крај на илјадници и илјадници вампири. Дами и господа, ова е Vampire Hunters.
Rogue-lite лудило
Во Vampire Hunters почнувате со само едно оружје и со само еден непријател. Ходникот во кој се наоѓате се извлекува до бесконечност, а вие мора да сте постојано во движење доколку сакате да преживеете (за одредено време). Секое оружје на кое ќе наидете инстантно станува дел од активниот арсенал од оружја.
Со само еден клик, ги активирате сите огнени оружја, додека студените оружја се активираа само откако непријателите ќе се осмелат да ве гушнат. Движејќи се низ ходникот, убивајќи легија и легија од вампирски суштества, ќе можете да отклучувате и бројни пасивни и активни способности, а еднаш кога неминовната смрт ќе стапи на сила, светата roguelite клетва диктира да почнете сè од почеток….

Како Roguelite игра, во Vampire Hunters ќе можете да отклучувате одредени надградби кои ќе ви се пропратни со секој ран. За исполнување одредени достигнувања и предизвици ќе добивате парички со кои ги правите оружјата поефикасни или пак отклучувате корисни пасивни способности, како поголема издржливост, шанси за избегнување напади, побрзо репетирање оружја, и слично. А, откако ќе земете некое оружје и откако ќе се соочите со некое суштество, ќе можете повеќе детали да прочитате за истите во одделот Collections.

Масакар кој допрва ќе се рафинира
Иако првично не би помислиле, Vampire Hunters е дел од раниот пристап на Steam и ќе остане така во наредните четири месеци. Дел од летото и есента тимот планира да ги искористи за додавање нови содржини, балансирање и полирање на играта.
Иако играта ни делува доста стабилна, не радува планот за нови мапи, оружја, чудовишта и надградби. Моментно, играта има само неколку мапи и по десетици оружја, надградби и непријатели/ босови.

За брзо време ќе видите сè што може да понуди Vampire Hunters, но тоа никако не значи дека и играта за брзо време ќе ви здосади.
Напротив, доколку сте фанови на вакви игри, шансите се дека одновно и одново би и се навраќале – гејмплејот е брз, непредвидлив и, да бидеме искрени, има нешто особено интересно во елиминирање бранови и бранови вампири кога голем дел од екранот ви е исполнет со оружја како пламенофрлач, црево со крстена вода, SMG, ракети, миниган, сечила, ласери, магии и многу, многу повеќе!
Имајќи толкава разорна моќ на само клик далечина е кул и слабо експлоатирана механика во видео игрите.









Повеќе детали за играта
- Произведува: Gamecraft Studios
- Издава: Gamecraft Studios
- Жанр: Action Roguelike, RPG, Bullet Hell
- Платформа: Microsoft Windows
- Дата на излегување: 26 јули 2023