Денес се поголем дел од времето го поминуваме на друштвените мрежи и на некој начин тие веќе се дел од нашиот секојдневен живот. Од една страна бидејќи тие нудат брза комуникација со нашите пријатели и ни овозможуваат да запознаваме други луѓе, додека пак од друга страна ни овозможуваат за многу побрзо време да дојдеме до некоја информација, отколку што останатите медиуми ги пренесуваат.
Во текот на минатата недела и викенд се одржа регионалната конференција за друштвени мрежи – Твитоманија, на која присуствуваа околу 600 посетители и нешто повеќе од 100 предавачи, а како тема за денес ќе ги извоиме двете предавања за Twitter именикот – Tvitni.me и еден навистина интересен локален сервис за следење на друштвените мрежи – PeekMedio.
Tvitni.me е едноставен сервис на кој се собрани голем дел од Twitter корисниците од регионот и може да ви помогне доколку барате одредени луѓе од одредена област. Бројката на корисници од Македонија е многу мала, па доколку сакате да бидете индексирани, можете да се пријавите овде. Исто така, овој сервис нуди информации за тоа колку сте активни на Twitter, како твитате во последните 7 денови и кој е вашиот Klout и Twitter Grade рејтинг. Интересен е фактот дека авторот на овој сервис, за време на својата презентација истакна дека голем дел од македонските Twitter корисници се активни на англиски јазик. Не знаеме од каде е таа информација, но звучи малку чудно. Инаку, сличен таков сервис веќе постоеше во Македонија. За тие што не се сеќаваат, 140.mk.
За разлика од Tvitni.me кој нуди само некои основни информации за корисниците и служи како база на Twitter корисници од регионот, PeekMedio нуди следење и анализирање на комуникацијата на друштвените мрежи. Овој сервис нуди следење на податоците низ Facebook, Twitter, YouTube, па дури и блоговите и форумите. Но, во моментот целосно се покриени само изворите од Србија и Хрватска, додека на остатокот од регионот се работи.
На страницата за следење на Твитосферата можете да ги видите најпопуларните твитерџии и како се движи нивниот број на следачи. Исто така, сервисот нуди и пребарување според корисничко име, биографија, локација или по хаштаг. Во моментот се индексирани 27,432 корисници, додека скоро 600 од Скопје. Покрај тоа колкав е бројот на следачи и колку твитови објавуваат корисниците на ден, PeekMedio овозможува да видите кога некој корисник е најактивен и која е стапката на ретвитови и фејвови по твит. Исто така, можете да видите и со кои корисници најчесто комуницираат.
Уште еден дел од PeekMedio кој е достапен за пошироката јавност е категоријата за блогови од каде што можете да следите кои се најпопуларни блог написи во последните неколку денови или месец, најдобрите блогови и кои се актуелните теми во регионот.









