Верувале или не, 70% од луѓето имаат проблеми со станување наутро. Дали ова навистина е така? Не знаеме, штотуку ја измисливме статистиката, но претпоставуваме дека воопшто не ви беше тешко да поверувате во неа, нели?
MotionAlarmClock и сонливата зомбификација низ собата
Утринското станување навистина знае да биде проблем, а честите доцнења најмногу се должат на исклучување на алармот и одново заспивање. MotionAlarmClock е апликација за iOS која сака да стави крај на ваквите успивања. Оваа апликација не ви дозволува да го прекинете алармот со примитивно тапкање на екранот. Не, не. За да го прекинете алармот потребно е да го земете телефонот и да се движите со него низ собата неколку секунди. Ако и после тоа се успиете, па, претпоставуваме дека треба да си ја пробате среќата со малку поразлична апликација, овој пат за Android…
Shake-it Alarm и будењето на целата зграда
Горната апликација не ви го прави ќефот, нели? Во ред е, можеби сте вие човек кој не е по шетањето, но сака да го разбие сонот на малку поразличен начин, но со иста ефикасност. За среќа, Shake-it Alarm нуди не еден туку два начини! Секојпат кога ќе заѕвони алармот потребно е да го тресете целиот телефон исклучително брзо, екстра брзо, за да се истиот исклучи. Или, а ова е големо ИЛИ, можете да пробате да врескате во телефонот, екстра гласно, и алармот ќе се исклучи. Не се шегуваме, пробајте, комшиите ќе ви се благодарни.
Alarmy и зен будењето за вистинските интелектуалци
Тука некаде се освестиме дека можеби не сите се ексцентрици и некои луѓе сè што сакаат е релативно нормална апликација која не бара анксиозно тресење или цмиздрење. За жал, немаме таква апликација, но чувствувавме потреба да го регистрираме фактот. Она што имаме е апликација која е и за Android и за iOS, а е замислена или да пушта гласна музика или нежни мелодии, во зависност од тоа како се чешлате. За целосно расонување, може да ви понуди да решавате математички проблеми или пак да одите во другата соба каде ве чека кафе и бар код за скенирање (кафето е изборно). Штом го скенирате бар кодот, алармот ќе прекине.
Што ќе нѝ е алармот доколку не можеме да спиеме?
Несоница е озбилен проблем и доколку имате проблеми со спиење, а топлото млеко не помага, аларми се последното нешто што ви паѓа на памет. Во тој случај, можеби би требало одново да се истренирате како правилно да спиете. И за тоа има апликација, повеќе за неа можете да прочитате тука!