The Alters е амбициозна научно-фантастична игра со survival концепти. Играта се испорачува од полското студио 11 Bit Studios, студио кое е познато по своите наслови што ги спојуваат механиките за преживување со длабока човечка драма и морални дилеми. Претходните дела на студиото, како што се This War of Mine и Frostpunk, ја етаблираа нивната репутација за истражување на човечката состојба под притисок. Истава тема е продолжена и раздлабочена и во The Alters, само од малку поралична sci-fi перспектива, но со истиот огромен потенцијал за воведување уникатни механики, како во наративот, така и во гејмплејот и во графиката. Како резултат, добивате комплетен наслов кој задоволително жонглира елементи на авантура, изградба на база, управување со работници и интерактивна RPG приказна, се со цел да го редефинира жанрот на научно-фантастичното преживување.

Вие сте Јан Долски – вселенски рудар и единствен преживеан од катастрофална експедиција. Наоѓајќи се на непријателска планета која е уништена од радијација, соочени сте со неизбежно уништување од смртоносно сонце. Со оглед на тоа дека сте сам, неспособни сте да управувате со вашата мобилна база и, поради тоа, принудени сте да создавате алтернативни верзии од себе, познати како алтери за да формирате екипаж. Овој очаен чин го поставува теренот за длабоко лично патување на преживување и самооткривање. Имено, со создавање алтернативни верзии од себе си, секоја нова личност која ја добивате е оформена од различна клучна одлука од вашето минато. Поради ова, секој алтер поседува уникатни вештини и емоционални длабочини. Соочувајќи се со бројните емоционални празнини на алтерите се создава фасцинантен парадокс: иако го решавате проблемот со отсуство на екипаж, истовремено создавате сложен внатрешен, психолошки предизвик каде сте принудени да се соочите со фрагментирани аспекти од сопствениот идентитет, претворајќи го управувањето со екипажот во длабока форма на само-управување и интроспекција. На овој начин, преживувањето на планетата станува длабоко лично и емотивно патување на себеоткривање.

Управувањето со односите и индивидуалните потреби на алтерите е од најголема важност. Секој алтер има свои стравови, емоции и желби, слично на цивилите во „This War of Mine“ или населението во „Frostpunk“. Неуспехот да се задоволат овие потреби може да доведе до последици: намалена продуктивност, бунтовничко однесување, па дури и отворен бунт. Играта ве предизвикува да управувате со кревките динамики и проблематичните личности во екипажот. Ова вклучува обезбедување приватни спални соби и квалитетна храна, или користење на простории како соба за дружење или соба за размислување, нагласувајќи ја во процесот компонентата на симулација на управување со работници и постојаниот морален баланс. Бидете спремни да донесувате тешки избори, бидејќи задоволувањето на потребите на сите често е невозможно. Со оглед на тоа што алтерите се буквални манифестации на минатите избори на Јан, вашата интеракција со нив и последователните наративни гранки стануваат директен коментар за вашите сопствените вредности и одлуки.

Вие се наоѓате во огромна, тркалезна мобилна база, која претставува единственото засолниште и оперативен центар на непријателска планета. Оваа база е клучна за преживување, нудејќи безбедност од заканите и служејќи како центар за изработка и управување со алтерите. Нејзината мобилност е од витално значење, бидејќи Јан мора постојано да ја движи за да избега од смртоносното сонце. Базата може да се прошири со различни модули, од кои секој нуди уникатни функции неопходни за преживување и благосостојба на екипажот. Па така, можете стратешки да градите, проширувате, преуредувате или дури и да ги враќате модулите, правејќи стратешки избори врз основа на моменталните потреби и долгорочните цели. Преживувањето зависи и од собирањето ресурси како метали, минерали, органски материи и ретки нуспроизводи од аномалии. Иако некои може да се собираат рачно, изградбата на рударски пунктови е приоритет за одржливо производство. Ресурсите се користат за изработка на предмети, развој на базата и нејзино движење, со што се нагласува класичната јамка на преживување – собирање и изработка – надополнета со стратешко поставување на пунктови и критична потреба за резерви.

Постојан предизвик во играта е балансирањето помеѓу создавањето предмети за алтерите (за морал) и предмети кои ја туркаат мисијата напред (како детектори за аномалии). Секоја одлука има тежина, бидејќи никогаш нема да можете да ги задоволите сите потреби. Вкупната маса на базата, под влијание на модулите, влијае на органските ресурси потребни за движење, принудувајќи ве да проценуватете какви би биле придобивките наспроти мобилноста. Физичката структура на базата станува директен одраз на приоритетите на играчот – дали ќе ја стави благосостојбата на Алтерите на прво место, со ризик да го забави бегството, или безмилосно ќе ја намали базата за максимална ефикасност, ризикувајќи го менталното здравје на екипажот? Ова создава сложена, меѓусебно поврзана мрежа на системи: ниски ресурси го спречуваат градењето, недостаток на комфорни модули го намалува моралот, нискиот морал ја намалува продуктивноста, а зголемената маса на базата го прави движењето поинтензивно за ресурси. Играта бара холистички пристап кон управувањето, каде постојано мора да ги балансирате непосредните потреби со долгорочната цел за бегство, покажувајќи дека преживувањето е деликатен, повеќеслоен балансирачки чин.

Самата планета и смртоносно сонце се дополнителни непријатели принудувајќи ве постојано да управувате со циклусот ден-ноќ и да ја заштитите базата со радијациони филтри. Постојаното одбројување создава итност, претворајќи го сонцето во активна, немилосрдна закана што го диктира темпото на играњето. Покрај сонцето, планетата е преполна со бизарни и смртоносни аномалии кои бараат специфични алатки како скенер или луминатор за откривање или неутрализирање, честопати штитејќи вредни ресурси. За да се ублажи радијацијата и да се справи со аномалиите, мора да изработувате филтри и да развивате тактики, одлучувајќи дали да истражувате опасни области за поголеми придобивки. Како што прочитавме во една рецензија, „времето во играта е динамичен, исцрпувачки ресурс, активно манипулиран од околината и внимателно управуван од дизајнот на играта“.

The Alters се издвојува со иновативните механики, трансформирајќи го традиционалното клонирање во длабоко истражување на идентитетот и изборот, беспрекорно интегрирано со робусна изградба на база, сложено управување со ресурси и немилосрден предизвик за преживување против непријателска планета и нејзините смртоносни аномалии. Силата на играта лежи во нејзината способност да ги испреплетува овие сложени системи во длабоко емотивен и разгранет наратив, редефинирајќи што може да биде наративно водена игра за преживување преку спојување на научно-фантастичното преживување со уникатна психолошка драма центрирана на само-клонирање и егзистенцијално истражување. Со своите повеќекратни завршетоци, разгранети приказни и инхерентна можност за повторно играње од истражување на различни композиции на алтери и морални избори, The Alters ветува богато и разновидно искуство што поттикнува повеќекратно играње, зацврстувајќи ја репутацијата на 11 Bit Studios за смели, срдечни и интелектуално стимулирачки гејмерски искуства.



