Општина Тетово стартува пилот проект со кој софтверски ќе ги заштити личните податоци на туристите. Според македонските закони, хотелите и другите угостители мора да ги поднесат податоците од туристите до властите заради евиденција. Но, вака се појавуваше проблем на споделување на премногу лични податоци.
Со новото софтверско решение, хотелите и другите објекти електронски ќе поднесуваат селектирани информации. Ќе се испраќаат податоци како од каде се гостите, колку време престојуваат и кој пол се. Но, личните информации, како име или број на пасош ќе бидат заштитени, бидејќи нема потреба општината да ги знае.
„Моментално туристите во Општина Тетово се пријавуваат со име и со презиме, овие информации нема потреба да ги има Општината затоа што со што на тој начин се крши законот за заштита на личните податоци. Хотелиерите до локалната самоуправа, информациите за туристите ќе ги доставуваат преку посебен софтвер, тие информации ќе содржат податоци, од каде има туристи, колку има туристи, за да може Општината да ја одреди таксата што треба да се наплати за престој на туристите“, вели Адријан Бесими од организацијата ИКТ за промени.
Пилот проектот, насловен “Акциона мрежа за добро владеење”, а финансиран преку програмата за претпристапна помош (ИПА) на Европската комисија, сега се спроведува само во Општина Тетово, но можно е да биде проширена и низ цела Македонија.








