„Да, и јас би сакал да технологијата посериозно се третира и секој поголем медиум во Македонија има сериозна научно/технолошка редакција. Но не е така. Скоро сите национални медиуми или немаат редакција за технологија, или ако имаат се на ниво пониско од тоа што го нудат порталите, а и поголем дел од порталите нудат ‘gadget’-инфо, а не некоја посериозна анализа за бизнис решенија или за потенцијално влијание на технологијата врз сектори од економијата.“ вели Игор Трајковски, креаторот на Time.mk, во коментарите подолу.
Во светот технологијата е развој, во Македонија таа е… еј, види робот, хаха!
И покрај тоа 2 милијарди сме на интернет, покрај тоа што технологијата во само последниве пет години ни го смени начинот како комуницираме, покрај тоа што eдни од најмоќните брендови се ИКТ компании, и покрај тоа што тие компаниите вредат милијарди, покрај тоа што тие ја движат иновацијата, покрај тоа што ОН и ЕУ велат дека информатичко комуникациската технологија е потребна за економски развој… и покрај сите факти технологијата во Македонија останува занимливост, проследена на забавните портали, проследена само со кратки глупави и неточни текстчиња во „големите“ медиуми.
Зошто?
Мислам дека македонските медиуми (читај: новинари) не се разположени да еволуираат и да ги користат новите технолошки алатки. Споредете ги со светските медиуми и ќе ја видите разликата.
Технологијата (некаде заедно со бизнис,) како категорија имаат New York Times, BBC, Guardian, Wall Street Јournal, France24, Bloomberg вклучува ИТ вести во секоја категорија… и интересно Deutsche Welle на англиски, но не и Deutsche Welle на македонски.
Македонските медиумите имаат немаат категорија „технологија“.
Не е само во пари и техничка опрема. Колку новинари имаат блогови, колку од нив користат веб 2.0 алатки за анализи и собирање информации. Последниот пропуст на Дневник може да се препише на сите медиуми, впрочем го видовме тоа во неколку наврати. Наместо да се погугла и да се провери изворот, тие земаат здраво за готово, како, небаре, изворот им е „длабоко грло“ и излегуваат со нејаснотии…
Да, медиумите треба да се фатат за гуша, бидејќи на крај тие се одговорни за погрешно и недоволно информираните граѓани и бизниси.
Технологијата е нешто што ме занима, т.е. занимливост?
Делува како ИТ и комуникацијата да е стрпана и скриена во подрум, техничка поддршка, нели? Сепак, во Македонија најголемите рекламни кампањи ги прават мобилните оператори. Секако, тие форсираат цени, тарифи, пакети итн., но заборавате дека тие продаваат и телефони и мобилни услуги.
Денешниве телефони имаат мал милион апликации, различни оперативни системи, детали кои сигурно ќе ве заинтересираат кога ќе сакате да купите или продадете мобилен. Vip не за џабе даде 500.000 денари за најдобра Android апликација. One не за џабе стартува свој Android предизвик.
Сите овие вести се проследени во медиумите со краток текст од неколку реда. Не зашто ќе направат реклама на операторите, туку бидејќи не знаат што е Android, iOs, дека бизнис телефонот BlackBerry има најголем удел од пазарот на паметните телефони итн… делуваат како да не ги ни интересира.
Сега вие, корисниците, како ќе дознаете кој мобилен е за вас, како ќе дознаете што сега може да направите со паметните телефони? Како ќе дознаете дека мобилните уреди и Интернетот се алатките кои вие можете да ги користите, бизнис алатки!
Само пред некој ден од Обединетите Нации побараа поголем пристап кон интернет во земјите во развој за да не се заостане зад економскиот развој. Европската Унија веќе ги ја реформира телеком индустријата, и ја спрема Дигиталната Агенда за да овозможи поефикасна функционирање на институциите, бизнисот, образованието и животот.
Tехнологијата е бизнис? Mа немој…
Едни од најголемите брендови во светот се ИТ компании. 2 милијарди луѓе, револуционирање на бизнисот и комуникацијата, огромна економска моќ, единствени компании кои не пропаднаа по економската криза, туку излегоа недопрени и успешни со профит… но да не навлегуваме во куп детали. Еве неколку примери: Apple, имаат буџет од 51 милијарда долари, претставија нови нешта и сега прашањето е што ќе направат следно, како ќе ни го променат животот. Или пак Microsoft кои спремаат 1 милијарда долари за маркетинг кампања за Windows Phone 7.
Всушност погледнете ја само моќта на Google. Pingdom објави интересна статистика за секое поле каде Google е крал, монопол. Не е само во интернет пребарувањето, ниту во мобилното пребарување, туку и во рекламирањето, веб анализата и онлајн медиумите.
Зошто светот, а не и Македонија?
Доволно е да си размислите дека вие ова го читате не на хартија, туку на екран, некој можеби на мобилен или iPad, некој дошол до текстот преку Facebook, друг преку Skype, Twitter, можете и да искоментирате слободно и ќе сфатите дека технологијата е тука, а Вие веќе немате избор.

Коментари
5 коментари
Коментарите се затворени.