Mafia.mk е прва македонска онлајн игра налик на друштвена мрежа која се бави со организираниот криминал. Играта е веб базирана, значи ви треба прелистувач за да ја играте и е едноставна текстуална игра. Вие сте криминалец кој се обидува да стигне до врвот на подземјето. Крадете автомобили, лижавчиња од деца, продавате дрога со цел да се собере поголема почит и секако – пари. Звучи навистина криминално, но покрај забавниот аспект има и едукација вели Трајче Петров алијас SkechBoy, студент на електро-технички факултет и еден од креаторите на Mafia.mk.
„Идеjата ни е играта да не биде од оние игри само за губење време, но и играчите во текот на играњето да можат да научат нешто. Исто така со играта не сакаме да го прикажеме криминалниот живот како полесен начин за збогатување, туку последиците од него.“ вели Трајче објаснувајќи дека во играта има берзи, трговија и работа со недвижности.
Иако е текстуална и веб базирана сепак играта е доста динамична и има што да се прави. Пример во моите два обида да украдам автомобил завршив во затвор полн со други фатени играчи. Кога сте во затвор неможете да правите ништо, едноставно дремете неколку минути или часови зависно од извршениот криминал. Успеав да скршам кола, да украдам велосипед, но кога се обидов да украдам лижавче од бебе бев нападнат и изгубив крв. Во моја одбрана бебето беше набилдано. Kога пак се вклучив денес бев 3 пат нападнат од другите играчи и ме ограбија, а добив и порака за сојузништво…
Mafia.mk е проект на 4 апсолвенти од електро-техничкиот факултет Трајче Петров, Бобан Кузманоски, Никола Војновски и Пламен Желзнаков кои решија да направат ваква игра поради интересот за принципот на кој работат онлајн игрите, и бидејќи нема слична во сајбер .mk просторот. Но зошто да се застане тука? Трајче најави и проширување на Мafia.mk на повеќе пaзари.
„Веќе сме во постапка за ширење на Европскиот пазар. Играта ќе биде достапна и на повеќе јазици (англиски, српски, германски, бугарски) на www.mafiaonline.eu.“
Повеќе за Mafia.mk можете да најдете и на Facebook.
Коментари
21 коментари
Коментарите се затворени.