Пишувањето на кодот е лесниот дел. Како ИТ професионалци, тоа веќе знаете, и потребно е само време додека да се добие вистинскиот производ. Концентрирањето на големата слика, односно гледајќи го својот замислен бизнис одозгора наместо одвнатре е вистинскиот предизвик со кој се соочуваат новите ИТ стартап бизниси. Иако ИТ професионалците скоро секогаш сакаат да најдат начин да го скокнат целиот тој дел и да преминат директно на кодирање, тоа неминовно води кон толку многу пропаднати стартап идеи.
Идеја
Не чекајте да ви текне нешто што го нема до сега. Едноставно, разгледајте околу себе, најдете нешто што не чини и ако знаете начин да го направите да профункционира, ете ви ја стартап идејата. Пример, Поправи.мк е одлична идеја која е корисна алатка и која се исплатеше освојувајќи го првото место на Vip Android предизвикот.
Најуспешните идеи досега биле кога на корисниците им била понудена истата основна идеја но со подобра технологија и функционалноост. Пример за тоа е Google, кои имаа идеја да создадат едноставен интернет пребарувач кој ќе ја исполнува функцијата и нема да е натрупан, како што беше тогаш и е сега Yahoo, кој беше доминантен додека Google стартуваше. Нивната идеја се вртеше околу индексирање на поголем дел од мрежата, користење на линковите за да се рангираат резултатите од пребарувањето и чисти и едноставни страници со минимални текстуални реклами. Очигледно дека нивната идеја им носи континуирано профит низ годините и се покажа многу успешна.
Во моментов, можат да се најдат многу работи кои можат да се подобрат на интернет. Кога еден ИТ професионалец ќе почне да размислува во таа насока, можностите се бесконечни. Исто така, вреди да се внимава на моментот дека стартап идејата не е главниот дел, туку дека е само почетокот. Една идеја треба константно да се развива за да биде успешна. Има многу работи на кои треба да се внимава и повеќе од што треба на идејата, како на пример…
…луѓето
Тимот кој ќе работи е многу важен. Важно е кои се вашите партнери и кого ќе вработите.
Кога се работи за ИТ стартап компании, многу голема предност е основачите да се ИТ професионалци. Тие ја разбираат технологијата која треба да се користи, ги знаат можностите и ограничувањата и проблемите кои можат да се појават. Основачите кои не се ИТ професионални, можат да се изгубат во светот за кој разбираат малку и да имаат послаби резултати. Исто така, не се во предност кога се работи за вработување на членови во тимот. ИТ професионалците ќе знаат дали оние кои ги приклучуваат кон нивниот тим се добри програмери, и дали нивниот профил одговара на тоа што компанијата сака да го работи.
Стартап компаниите најчесто почнуваат со тим од познати луѓе, или вработени кои биле препорачани од познати. Затоа атмосферата во стартап компаниите е поопуштена, но мора да се внимава на продуктивноста. Ако можете, вработете луѓе кои ја сакаат работата која ја работат: програмер кој ќе остане до 4 часот наутро ако има грешка во кодот, или пак дизајнер кој нема да се откаже додека не ги исправи и последните 2 милиметри.
Што сакаат корисниците
Исто така, уште една голема грешка која ја прават ИТ професионалците е негрижата за оние кои ќе го користат тоа што сакаат да го пласираат. Може да направите некоја ептен кул апликација која на вас ќе ви биде супер корисна, ама ако на никој друг не ми е, тогаш џабе инвестицијата од време и пари. Оваа грешка беше многу честа почетокот на експанзијата на интернетот, па имавме можност да видиме многу стартап компании кои веднаш пропаѓаа.
Како да дознаете што сакаат корисниците? Набљудувајте. Гледајте како реагираат на конкурентните производи. Направете прототип и бета верзија на вашата планирана апликација, закачете ја и сумирајте ги резултатите. Истражувајте, размислувајте, менувајте. На овој дел треба навистина да му се посветите. Не помага многу тоа што вкусот на корисниците се менува како модата, и што морате да го пратите.
Пари
Ако не се финансирате сами, овој дел е навистина важен за вас. Наоѓањето инвестиции е тешко.
Како и да е, морам да споменам дека најчестата причина поради која згаснуваат стартап компаниите е дека им снемува средства. Oбидете се да најдете инвестиција на креативен начин. Се работи за Интернетот, прозорец кон светот, искористете ги сите негови можности и не се грижите за одбивањето. Секогаш постои ново место за барање инвестиции.
Морате да бидете трпеливи и да ги штедите средствата. Секој стартап бизнис треба многу време за да се развие, и нормално е првите неколку години да работи со загуби. Ако вашата услуга е дизајнирана да биде подобра од другите, корисниците ќе поминат на ваша страна, само треба да имате трпение.
Значи, подгответе се за сомнителниот почеток. Ако издржите, наградата ќе биде ваша.
Дали сте спремни за ваков потфат?
Кој би бил вистинскиот профил за оваа работа? Според некои најидеално е да се стартува бизнис додека сте помеѓу 23 и 38 години, да сте добар ИТ професионалец кој сака да го реши финансискиот проблем наеднаш, наместо да биде плаќан постепено низ конвенционалниот работен век. Тоа дали сте добар ИТ професионалец е дискутабилна работа, но веројатно самите ќе сфатите со текот на времето.
Стартап бизнисот е рискантна, динамична и стресна работа. Треба навистина да размислите дали сакате да се впуштите во нешто такво. Бидете спремни дека ќе треба да поднесете повеќе стрес отколку на обично работно место. Како и да е, ваквиот начин на работа особено ако сте во идеалната старосна граница е можеби и вистинското нешто, затоа што впрочем не губите многу. И да пропадне, имате време да се кренете на нозе, а искуството кое ќе го стекнете е непроценливо.
Заклучок
Кога ќе се погледне големата слика, ова веќе не изгледа само како парче код кој треба да се искодира нели? Се надевам во Македонија ќе има се повеќе ИТ стартап бизниси од млади ентузијасти. Многу .мк сервиси чекаат да бидат подобрени. Среќно!
KickStarter е само ако имаш сметка во USA. Друга работа, пробај да најдеш инвеститор и презентирај му ја идејата преку емаил, па може и нема да ја видиш реализирана од некој друг.
Многу убаво напишано… Браво :)
[…] This post was mentioned on Twitter by itcommk and tatanasoska, YES Incubator. YES Incubator said: Стартап бизнис – повеќе од само код – http://it.com.mk/startap-biznis-povekje-od-samo-kod/ Одличен тект на @itcommk […]
Супер Тамара!
нема ништо лошо во тоа ако првиот обид бил неуспешен – впрочем, голем дел од стартап бизнисите пропаѓаат во првите две години ( околу 50%, некаде прочитав).
Ситуацијата која ти се случила не е ништо невообичаено, добро е што брзо сте ја „пресекле“. Во вакви случаи, искуството е „добивката“.
Супер, баш ми е драго што некој се обидува да направи нешто свое, а не се сведува на бизнис план на хартија (понекогаш дури ни тоа).
Мислам дека е добро кога се пишуваат вакви статии и да се спомнуваат личните искуства, макар тие да биле и целосен „неуспех“ – бидејќи така читателите ќе имаат чувство дека читаат дело на некој што навистина се занимава со оваа област.
Поздрав и многу успех во реализацијата на идните проекти – многу се радувам на ваквиот ентузијазам.
Владимир,
Чекам целосно позитивно искуство за да го споделам. Не сакам да можеби ги разочарам читателите ако веднаш кажам дека мојот прв обид не бил успешен.
Моите досегашни два обиди:
Првиот се сопна кај тоа што идејата ни изгледаше на нас интересна и многу профитабилна, ама ја тестиравме во пракса излезе катастрофална: тоа што може на луѓе заинтересирани за ИТ да им изгледа интересно, на повеќето им е само збунувачко.
Другиот е сеуште во фаза на собирање тим, па ќе видиме како ќе се одвива, точката собирање средства ќе биде пресудна овој пат.
За стапката на успешност, искрено знам повеќе кои се обиделе и не успеале вклучувајќи се и себе со првиот обид, иако мислам дека тоа е поради упорноста, никој што го знам немал трпение да помине низ оние неколку сомнителни години. Како и што кажав во текстот, не штети да се обидуваш упорно додека се годините пред тебе, секако ако не трпиш големи загуби, нели?
Благодарам за коментарот,
Тамара Атанасоска
It.com.mk е стартап. Teкстот е IT.com.mk approved! :P
Прашања до авторот на текстот:
Колкаво е твоето лично искуство со стартап бизниси? Дај ни пример за твојот личен пример (негде каде што си била директно инволвирана во стартапот и која е неговата стапка на успешност денес).
Како автор на текст кој треба да ги советува читателите, би сакале да знаеме дека советите ги добиваме од некој кој веќе „засукал ракави“ во оваа област, а не ни раскажува лекции од учебник. Со тоа би имала кредибилитет за пишување написи на вакви теми.
Ништо лично кон авторот, останатите параметри на текстот се одлични (разбирливост, правопис и граматика, структурираност на текстот и тек)