Пред две години тим ентузијасти се собра и започна да работи на својата идеја: „Да им ја олесни работата на фотографите, видеографите, видео едиторите и студијата, а на клиентите да им овозможи брз и едноставен начин за ангажирање соодветни професионалци“. Идејата е да се надминат некои од најчестите проблеми и предизвици во креативната работа. Пронаоѓање нови клиенти, комплексно договарање на ангажманите и нејасна комуникација околу очекувањата и роковите се дел од најздодевните, но и незаобиколни делови на креативната работа. Затоа, Pic A Pro гради платформа што ги поврзува двете страни според конкретните потреби на проектот, ставајќи го фокусот врз поедноставен процес, транспарентност и поголема доверба.
Платформата ја гради мултидисциплинарен тим предводен од Тео Костовски, фотограф, видеограф и визуелен уметник. Тој ја внесува личната перспектива од самата индустрија. Заедно со Филипa Бибановска (Маркетинг директор), Себастијан Зиндл (CTO), Сара Треневска Куновска (PR директор) и со поддршка од интернационалниот бизнис ментор Крег Стивенс (Head of Business Development), тимот ја подготвува платформата за глобален раст.

Бета-тестирање за 100 одбрани корисници
Стартапот веќе помина низ менторски програми и акцелератори како „Имам Идеја 2“ во Startup Club Skopje, меѓународниот GIST Accelerator во Тирана, како и низ повеќе локални настани и презентации. По повеќе од 1 500 пријавени заинтересирани корисници, на 2 октомври Pic A Pro официјално ја претставува својата бета-верзија на Startup Revolution AI Summit во Скопје, каде избрани 100 тестери ќе добијат прв пристап до платформата.
Ова бета-лансирање е од пресудно значење за тимот, Тука за првпат треба да се види како платформата функционира кога во неа влегуваат корисници без претходно познавање на производот. Аналитиката и бројките ќе го следат целиот пат; од креирање профил и портфолио, до испраќање понуди, комуникација, плаќање, испорака и рецензии. Кај клиентите, пак, се тестира дали процесот на пребарување, резервација и плаќање може да се одвива комплетно интуитивно.
„За нас вистинскиот тест е едноставен: дали целиот тој процес може да се случи од почеток до крај без ние да мораме да интервенираме во позадина. Ако одговорот е да, тогаш знаеме дека имаме добра основа врз која можеме да продолжиме да градиме.
Но, бројките и аналитиката нема да ни кажат сè. Подеднакво ни е важен и директниот feedback од тестерите – дали се чувствуваат сигурно додека ја користат платформата, дали им е едноставна и, најважно, дали навистина им олеснува нешто што досега им било комплицирано.“ – истакнуваат од Pic A Pro.

Вештачка интелигенција како асистент, а не замена за авторот
Покрај главната платформа, Pic A Pro најавува и развој на AI асистент (co-pilot) за креативци. За разлика од трендовите каде технологијата се обидува да го замени човекот, нивниот пристап е строго фокусиран врз зачувување на автентичноста.
Целта на асистентот не е да ги одредува креативниот дел, како кадарот, монтажата или визуелниот јазик. Наместо тоа треба да преземе сè што одзема време, а не е суштина на креативната работа: организација на проекти, подготовка на понуди, комуникација со клиенти, планирање moodboards и административни задачи.
„Дури и кога станува збор за покреативни задачи, не сакаме однапред да дефинираме каква улога треба да има AI во нечиј креативен процес. Секој фотограф или видеограф има свој начин на работа, а дали, кога и во која мера ќе користи AI треба да остане негов личен избор.
За нас е важно технологијата да биде достапна како алатка, без да го диктира процесот и без да ја преземе креативната контрола од човекот.
Автентичноста ни е особено важна затоа што креативната работа не е само крајниот производ. Зад неа стојат личен стил, искуство, перспектива и начинот на кој конкретниот човек го гледа светот. Тоа не сакаме да го замениме“.

Од локална идеја до глобална платформа за креативната економија
Искуствата стекнати преку програмите во Скопје и Тирана, како и соработката со Крег Стивенс од Arizona State University, го научиле тимот на две клучни лекции: дека решението мора да биде флексибилно и да се развива, а дека луѓето зад проектот се вистинскиот мотор на промената.
Денес, процесот на еден креативец е целосно расцепкан. Се користи Instagram за портфолио, WhatsApp за комуникација, а различни други сервиси за испорака, организација и наплата. Визијата на Pic A Pro е сите тие парчиња да ги спои на едно централизирано место.
„Визијата е да изградиме место каде креативците можат да ја покажат својата работа, да најдат клиенти и проекти, да соработуваат, да комуницираат, да управуваат со работата, да наплатуваат и безбедно да ги испорачуваат финалните материјали.
Почнуваме регионално, но амбицијата од самиот почеток е глобална.
Ако за неколку години Pic a Pro успее да го направи целиот тој процес поедноставен – од пронаоѓањето на работа до реализацијата и испораката на проектот – тогаш ќе бидеме таму каде што сакаме да бидеме. Креативците секојдневно губат време и енергија на десетици мали задачи и проблеми кои сами по себе изгледаат незначително, но заедно можат да одземат простор колку една цела креативна идеја. Ако Pic a Pro успее да отстрани барем дел од тој товар и да им остави повеќе простор за самата креативна работа, тогаш ќе знаеме дека сме изградиле нешто што има вистинска вредност“.

Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...