Започнува четвртата Start програма на акселераторот SuperFounders Skopje. Сите македонски стартапи кои се во рана фаза на развој се поканети да аплицираат за менторство од истакнати претприемачи, тренинг за развивање на бизнис план, и шанса да се претстават на меѓународни стартап настани.
„Предност имаат стартапи кои најдобро ги исполнуваат критериумите за избор, наведени на страната за пријавување. Ќе ги потенцирам комплетноста и квалитетот на тимот, потенцијалот на бизнисот и изработениот прототип/демо“, вели Александар Тасев, ко-основач на SuperFounders Skopje.
Start програмата трае два месеци во кои стартапите се обучувани од искусни ментори за како се презентира пред публика, како се открива MVP-то, и совети како да го реализираат својот стартап. На крај на програмата ќе има Demo Day, кога стартапите се претставуваат. Но овојпат влогот ќе биде малку поголем. За прв пат во Start програмата, најдобрите два стартапи ќе бидат поканети да поминат две недели во европските акселератори NUMA, Lisbon Challenge by Beta-i, H-Farm, преку Startup Exchange.
Меѓу успешните приказни на Start програмата се стартапите ShowShake, кој е платформа за краудбукинг на бендови, и Quorio, стартап кој ве учи да пеете. Секоја година, со секоја нова програма, конкуренцијата станува се подобра. Според Александар, стартап сцената во Македонија полека се развива, како што има се поголем интерес да се стартува компани, така има и поиновативни продукти.
„Имаме очигледен напредок со самото тоа што свесноста е подигната и се повеќе индивидуалци се решаваат да го инвестираат своето време и пари во развој на иновативни стартап. Како што спомнав, нас редовно не контактираат нови заинтересирани тимови за поддршка од Superfounders, а веројатно за тоа има придонес и достапноста на грантовите од новиот Фонд за иновации. Со нашето искуство и мрежа сме во идеална позиција да им помогнеме на сите што сакаат да аплицираат за инвестиција во тој фонд“.
Заинтересираните стартапи имаат рок до 25-ти март, 2015, да се пријават. Првите презентации се веќе од 27-ми март. Повеќе информации на официјалниот сајт.







