0 коментари 4 мин. читање 23 февруари, 2024

Matchmaker Agency e визуелен роман со стројнички предиспозиции

Денот на вљубените дојде и помина, но доколку барате продолжување на таквата магична атмосфера, тогаш играта на Niji Games и MelonCat се чини како интересна алтернатива.

Љубов на прв поглед?

Наследувајќи ја една од најпопуларните агенции за склопување познанства, вашата задача ќе биде да пронаоѓате (љубовни) интереси за вашите клиенти, да го зголемувате рејтингот и да печалите доволно пари за да не ја изгубите агенцијата.

Таквото нешто воошто нема да е лесно бидејќи, кога се работи за романтика, вашиот лик е млад и крајно неискусен. Згора на ова, клиентите се непредвидливи и не можете секогаш да знаете дали сте го донеле вистинскиот избор. Предизвикот не застанува тука и набргу ќе сфатите дека сте и во константна трка со времето.

Времето игра клучна улога

Она што сакаме да кажеме е дека, наспроти што би можеле првично да помислите, Matchmaker Agency не е „само“ визуелен роман со релаксирачки гејмплеј.

Иако приказната се одвива како еден визуелен роман, сепак имате бројни механики кои имаат пуштено длабоки корени во time management систем. Тоа значи дека не можете вистински да се опуштите и сте под константен притисок да не пропуштите некој важен детаљ, особено за време на интервјуата со клиентите. Дополнително, мора да размислите на каква локација да ги испратите потенцијалните романтичари и какви подароци да одберете за нив. Ех, не е лесно да се биде стројник.

Директно од вашата скромна канцеларија ќе можете да разгледувате и изведувате бројни маркетиншки стратегии, ќе добивате подобар увид во вашите клиенти, а и ќе можете да пристапувате до најразлични надградби. После секој успешен состанок, ќе можете ем да ги надградите вашите вештини ем да ја подобрите вашата канцеларија, со што арсеналот на алатки и тактики се зголемува.

Имајте во предвид дека во секој даден момент е ограничен бројот на клиенти со кои можете да работите, а во случај да ја потфрлите работата со одреден пар, вашата репутација ќе страда. Доколку често ви се случува да организирате неуспешни состаноци, да одбивате кандидати или пак да ги игнорирате потребите на моментните клиенти, вашата репутација може да дојде до нула. Во тој случај, играта автоматски завршува.

И покрај сево ова, Matchmaker Agency се одликува со оптимистични, шаренолики цртежи, разиграна музичка подлога и позитивни вибрации. Доколку отсекогаш сте мислеле дека ве бива како стројник, играва е одлична можност за проверка на вашите способности. 😊

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Niji Games, MelonCat
  • Издава: Soft Source Pte. Ltd.
  • Жанр: Визуелен роман, симулација
  • Платформа: Microsoft Windows
  • Излезена на: 14 февруари 2024
Avatar photo
Напишано од

Мартин Јованчевски

Мартин Јованчевски е автор соработник на IT.mk. Долгогодишен рецензент на игри, програми и на сè што се осмелува да оди рака-под-рака со дигиталното.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top