Google Chrome од 2020 е примарен прелистувач на над 2,65 милијарди корисници. Во Македонија 72,58 отсто од мобилните корисниците го користат Google Chrome. Kај десктоп корисниците оваа бројка е и поимпресивна и 81,37 отсто го користат прелистувачот, покажува извештајот на Statcounter.
Брзината, едноставноста за користење, безбедноста и присутноста на сите платформи се дел од причините за популарноста на Chrome. Секако ова не значи дека најпопуларниот избор на корисниците не е без грешки. Прелистувачот е прилично „тежок“ кога се во прашање ресурсите и ако се отворени повеќе табови може да „изеде“ и повеќе од половина од расположливата RAM меморија.
Новата надградба на Chrome која компанијата ја најави во декември доаѓа со две нови функционалности, „Memory Saver“ и „Energy Saver“. Според најавата двете функционалности треба да се активни ако сте на актуелната 110-верзија на Chrome.
Како да ги активирате „Memory Saver“ и „Energy Saver“
„Memory Saver“ им дава приорите на активните табови и апликации. Неактивните страници остануваат присутни во табот, но не се ажурираат во позадина. Кога корисникот ќе отиде на овој таб, страницата одново се вчитува.
За да ја активирате или да проверите дали е активна „Memory Saver“ функционалноста одете на:
chrome://settings/?search=memory
Тука треба да го видите полето за активирање на „Memory Saver“. Ако не ја гледате функционалноста одете на:
chrome://flags/#high-efficiency-mode-available
Тука активирајте #high-efficiency-mode-available и потоа вратете се на претходниот линк. Ќе може да ја активирате функционалноста, да ја исклучите, или да одберете страници за кој менаџирањето со меморија нема да важи, и ќе продолжат да се ажурираат и кога не се активни.
„Energy Saver“ како што навестува името им помага на корисниците да заштедат батерија. Очекувано функционалноста нема да работи на десктоп, но е исклучително корисна за лаптоп или Chromebook корисниците.
За промени во ова нагодување корисникот треба да оди на:
chrome://settings/?search=battery
Ако не може да видите никакво поле за батеријата, и не пристапувате од десктоп, активирајте го:
chrome://flags/#battery-saver-mode-available
Потоа може да ги промените нагодувањата. Корисниците може да одберат дали да активираат штедливо работење. Ако е активирано, може да се користи секогаш кога уредот не е приклучен на полнач или кога капацитетот на батеријата ќе падне под 20%.