До неодамна корисниците кои сакаа да играат некоја Android видеоигра на својот десктоп компјутер требаа да инсталираат емулатор. Иако видеоигрите за Android не бараат некои исклучително високи перформанси, ова не може да се каже и за емулаторите кои не се штедливи со ресурсите на компјутерот.
На крајот на минатата година Google ja претстави Google Play Games, Windows апликација која на корисниците им овозможува да играат Android видеоигри директно на својот десктоп. Секако дел од функционалноста на апликацијата е и едноставното продолжување на игрите од еден на друг уред. Па играчите ќе треба само продолжат од каде што застанале на својот телефон или компјутер.
Од јануари сервисот во затворена бета верзија беше достапен во Хонгконг, Јужна Кореа и Тајван. Од оваа недела Google Play Games for PC е достапен во отворена бета за корисниците од овие држави плус во Тајланд и Австралија.
Една од работите кои се променија во периодот од затворената бета се потребните хардверски спецификации. Потребен е SSD со 10GB слободен простор; 4 јадрен процесор, 8GB RAM и интегрирана графичка картичка. Претходно беше потребно два пати повеќе простор на дискот, 8 јадрен процесор и гејминг графичка картичка. Со оглед на хардверските потреби на игрите за паметни телефони, ова секако е премногу. За апликацијата е потребен барем Windows 10 оперативен систем.
Секако кога овие платформи се во прашање, поважно од самата апликација е содржината која ќе ја понуди. Во моментов на Google Play Games има четириесетина игри. Summoners War, Cookie Run: Kingdom, Last Fortress: Underground, Magic Rush: Heroes, Idle Heroes, War Planet Online: MMO Gamе се дел од првите достапни игри.
За жал за сите кои немаат трпение немаме добри вести. Сервисот е во јавна бета на овие 5 пазари и барем засега нема најава за проширување на нови. Ако отидете на веб-страницата ќе ве пречека порака дека нови региони ќе бидат додадени оваа година. Секако ќе може да се регистрирате за новости кога платформата ќе биде достапна во Македонија.
Покрај емулатори како BlueStacks и Nox на корисниците на Windows 11 веќе им се достапни Android апликациите преку продавницата за апликации на Amazon.