Веројатно нема причина да ве потсетуваме на Wordle. Играта e супер заразна и во еден период беше на самиот врв, барем кога „puzzle“ игрите се во прашање. Играта доби милион клонови и локализирани верзии, а имаше и верзија на македонски! На крајот на јануари New York Times ја купи играта за необјавена седумцифрена сума.
Но сега е сепак време за нова игра. Connections е поедноставна игра во која треба да пронајдете поврзаност помеѓу различни зборови. Во играта има 16 зборови кои се поделени во 4 групи по 4 збора. Играчот треба да ги открие групите и да ги смести зборовите во секоја група. Ова не е премногу тешко, но е потешко отколку што изгледа на прв поглед. Понекогаш некои од зборовите изгледаат како да припаѓаат во повеќе групи, а тоа е направено намерно. За време на откривањето се дозволени најмногу 3 грешки. Четвртата грешка значи и крај за играта.
Како и со Wordle и за Connections е достапна една загатка дневно, па ако ја решите, па и ако не ја решите ќе мора да чекате еден ден за следниот предизвик.
Играте е креирана на Game Jam хакатон во јуни оваа година. Достапна е од истиот месец, но тогаш единствено како веб верзија. Загатките и зборовите не се генерираат туку ги внесува уредник. Токму ова ги прави поинтересни, па различни зборови може да припаѓаат во различни категории. Понекогаш ќе бидете сигурни дека знаете точно кој збор каде припаѓа, што за жал нема да биде случај (на тебе мислам Papyrus >.<).


Во моментов Connection е на второто место по популарност од игрите на New York Times. Првото место секако и натаму е за Wordle.

Раст на игрите како начин да се привлечат читатели
Од купувањето на Wordle, интересот за видеоигри на New York Times забележа значителен пораст. Процената е дека само од Wordle неколку месеци подоцна New York Times има нови десетици милиони читатели, пишува TechCrunch. Весникот има 9,1 милиони „дигитални“ претплатници. Претплатата во второто тримесечје на 2023 пораснала за 7% на 409,6 милиони долари.
Успехот на Wordle и како последица на ова привлекувањето на нови претплатници, е најголема причина за развој на видеоигри во New York Time. Претплатата за игри е 5 долари месечно, а апликацијата е преземена 11 милиони пати од 2019 година.







