На веб страната на Wired денеска беше објавен краток водич за како може да ги следите Олимписките игри преку интернет. Во викито се набројани неколку интернет сервиси и веб сајтови кои започнувајќи од официјалното отвoрање на ЛОИ (петок, 8 август) ќе емитуваат видео содржини и преноси во живо онлајн.
Американскиот медиум NBC, кој ги има ексклузивните права за пренос на Олимпијадата во САД најави дека на својот веб сајт ќе објавува голем број на содржина, односно 4 стримови во живо и 3,000 часа онлајн видео.
Google исто така најави дека преку YouTube ќе пренесува по 3 часовни видео содржини секој ден со помош на Olympics Broadcasting Service. Видеата ќе можат да се пронајдат на канал специјално наменет за ЛОИ 2008. Содржините на YouTube нема да имаат пренос во живо, но ќе овозможат видеа со дневни прегледи и поважни случувања. Материјалот ќе биде достапен за гледање во 77 земји (официјално не е достапен во Македонија).
CCTVOlympics.com ќе пренесува преку 5,000 часа видео, но само за Кина и Макао.
BBC Sports е официјалниот емитувач на ОИ за Велика Британија и ќе овозможи 6 канали кои ќе се концентрираат на дневни прегледи и интервјуа со спортисти.
Yahoo7 ќе обезбеди посебен онлајн портал на кој ќе можат да бидат пронајдени стримови во живо, како и дневни прегледи, интервјуа и прилози.
Канадската телевизија CBC Olympics на својот веб сајт исто така ќе овозможува преноси во живо, прегледи на настани и специјални прилози.
Иако се очекува некои одовие содржини да бидат ограничени според гео-локација на корисникот, не се разочарувајте… за повеќе информации како може да ги избегнете географските ограничувања разгледајте ги следниве линкови или прогуглајте нешто на таа тематика:
– http://www.techcrunch.com/2008/01/06/accessing-hulu-pandora-and-other-sites-from-outside-of-the-united-states/
– http://ask.metafilter.com/22899/How-do-I-trick-the-BBC-to-think-I-am-in-the-UK
Оф-лајн инфо: Чисто како дополнителна информација, денеска во дневниот печат прочитав дека МТВ официјално на македонски и албански јазик ќе ја пренесува Олимпијадата во Македонија.






