Секое утро Симеон почнува со работа во 8 часот. До 15 часот е првата смена, потоа следи пауза за одмор и теретана, а во 18 часот почнува втората смена која најчесто трае до полноќ, а понекогаш и подолго. Така изгледа секојдневието на овој 25-годишниот програмер од Скопје кој истовремено е и основач, продукт менаџер, човек за продажба, маркетер и поддршка за корисниците.
Ова секако не е типичната слика за млад програмер кој работи во една просечна ИТ компанија во Македонија. Но Симеон се обидува да изгради сопствена компанија, а неговиот главен фокус денес е OptaReach, SaaS платформа за B2B outreach која ги обединува различните канали за комуникација со потенцијални клиенти. Производот поддржува LinkedIn, Reddit, X и мејл, а идејата е корисникот да не мора да користи повеќе различни алатки за да управува со својата комуникација.
Но, зад OptaReach има повеќе од една година тестирање, грешки и промени на насоката, а приказната на Симеон, пак, започнува многу порано.

Сè почнало со хакатони и натпревари
Симеон почнал да се интересира за технологијата уште како средношколец. Наместо програмерското знаење да го задржи само за себе, почнува да учествува на натпревари и хакатони. „Уште од средно имав учествувано на многу различни натпревари каде што освојував први места, на пример хакатони за отворени податоци, сива економија, НАСА Space Up Challenge“, раскажува тој.
Тие искуства му дале нешто што подоцна ќе му биде потребно многу повеќе од техничкото знаење – самодоверба. „Сето тоа ме вовлече да имам некаква самодоверба и да направам нешто посериозно“, вели Симеон.
Првиот посериозен обид бил продукт базиран на спортски податоци. Симеон, заедно со тим од уште двајца програмери, ги структурирал податоците и ги продавал како API пристап на други програмери.
Тоа не бил само експеримент, бидејќи продуктот успеал да дојде до околу 8.000 долари месечни повторливи приходи. Но, и покрај тоа, приказната завршила. „Стигнавме некаде до 8 илјади MRR, но одлучивме дека не може да се продолжи на таков начин и решивме да го исклучиме продуктот“, раскажува тој.
За еден млад основач, гасењето на продукт кој веќе носи приходи не е лесна одлука. Но, токму тука почнува еден од најважните делови од неговото претприемачко искуство, а тоа е дека не секоја работа што функционира треба да продолжи по секоја цена.
Паралелно со развојот на сопствени продукти, Симеон работел и за клиенти. Пред да ја отвори компанијата, работел на платформата Upwork и токму заработката од тие ангажмани му овозможила да создаде финансиска основа за следниот чекор.

Еден од клиентите подоцна продолжил да соработува со него, а првиот прилив во новоотворената компанија Silyze дошол токму од тој клиент. Ова е важен детал во приказната бидејќи Симеон не започнал со голема инвестиција или фонд кој стои зад него, туку почетниот капитал го создава преку сопствената работа.
Истовремено, тимот предводен од него паралелно развивал SaaS продукт и работел со други клиенти, а токму комбинацијата на двете активности покажала каде лежи проблемот. „Увидовме дека тоа е проблем бидејќи за да растеме требаше посветеност, особено во делот на продажбата и дистрибуцијата“, вели Симеон.
Во јануари 2026 година дошла одлуката да се фокусираат на сопствениот SaaS продукт. За Симеон, тоа значело откажување од сигурниот приход од клиенти и преземање на ризик дека следните месеци ќе бидат многу потешки. „На почетокот трошиш пари, а првите месеци додека да почнеш да имаш некаква заработка е доста тешко“, раскажува тој.
OptaReach и лекцијата за дистрибуцијата
OptaReach официјално започнува во јануари 2026 година, но како и во секоја SaaS приказна, патот до денешната верзија не бил директен. Имало повеќе верзии, тестирања и промени, а денес тимот постојано работи на нови верзии од продуктот.
Од самиот почеток идејата била да се поддржат повеќе канали, наместо да се биде уште една алатка фокусирана само на еден тип на outreach. „Навистина верувам во продуктот. Целта е да му ги дадеш сите канали од интерес и кога продаваш во B2B битно е секаде да му пристапиш на потенцијалниот клиент и да добиеш барем некаде одговор“, вели Симеон.
Идејата е пораките од различните канали да завршуваат во еден интерфејс. „Имаме еден унибокс, односно едно место да доаѓаат пораки од сите канали каде што правите outreach“, објаснува тој.
Но, техничкиот дел е само половина од приказната, а другата половина е продажбата. Токму тука Симеон признава дека долго време имал проблем. „Сум имал доста периоди кога само работев и градев, да направиш функционалности кои се одлични, но никој нема да ги види. А без дистрибуција, џабе куцаш“, вели тој.

Тоа е веројатно една од најважните лекции што ги учи како основач. Програмерот може да помине недели во градење совршена функционалност, но ако не разговара со клиентите, не знае дали таа функционалност воопшто решава реален проблем.
Програмерот мора да излезе од комфорната зона
За Симеон, ова е една од најголемите промени што ги носи претприемништвото, бидејќи да бидеш добар програмер повеќе не е доволно.
Мора да знаеш да зборуваш со клиенти, да продаваш, да го претставиш производот, како и да изградиш публика. „Проблемот го имав долго време, цело време да програмираш но да не си гласен околу тоа што го работиш. А тоа не бара програмирање, туку нешто надвор од комфор зоната“, вели тој.
Затоа денес работи и на сопствениот персонален бренд. „Битно е да градиш и персонален бренд, каде што и сам се ставаш во тој spotlight, пред публиката, за да докажеш дека го сакаш тоа што го работиш“, вели Симеон.
За него, тоа е и начин да се изгради доверба. „Повеќе ми е да докажам дека верувам во ова и дека на тој начин клиентите ќе видат дека се вложуваме и самите ние веруваме во тоа, и дека не е само за да направиме продажба, тука дека навистина сакаме да им помогнеме“, додава тој.
Уште од првиот ден, пак, OptaReach не е замислен како продукт само за македонскиот пазар. Конкуренцијата се компании со десетици вработени, посилен бренд и значително поголеми ресурси.

Меѓу нив се и компании како Lemlist, која Симеон ја наведува како пример за конкурент со повеќе од 40 милиони долари ARR. Тоа е огромен јаз за тим од тројца луѓе, но Симеон во тоа гледа и потврда дека постои пазар.
„Се натпреваруваме со компании кои имаат повеќе од 60 вработени, кои имаат подобар и попознат бренд, но ние сме подготвени бидејќи ова исто значи дека има простор на пазарот за натпреварување“, вели тој.
Тимот засега не бара инвестиција, а Симеон продолжува сам да го финансира развојот и средствата што ги заработува повторно ги вложува во продуктот. „Не бараме инвестиција, а финансирањето е од мене самиот. Сето тоа што го заработив сега го инвестирам во продуктот“, вели тој.
Следната голема цел е 5 милиони долари ARR (годишен повторлив приход). Како што вели Симеон, тоа е амбиција која денес изгледа далеку, но логиката е постепено да се гради компанијата преку приходи од корисници, а не преку инвестициски рунди.
Како млад програмер кој ја започнал кариерата пред експлозијата на генеративната ВИ, Симеон има интересна перспектива околу тоа што е нејзината вистинска предност. Тој ја користи вештачката интелигенција во развојот на OptaReach, но не ја гледа како замена за програмерското знаење. „Ја користиме за да го подобриме продуктот, помага во програмирање, но мора да го имаш контекстот“, вели тој.

Според него, неговата генерација е во интересна позиција бидејќи дел од програмерската кариера ја започнала во период кога немало големи јазични модели.
„Иако сме помлада генерација, и ние фативме некој период кога немаше LLM модели и на тој начин научивме да функционираме, така што сега е многу полесно и исто така побрзо“, вели тој, додавајќи дека иако технологијата е тука како алатка и е лесно пристаплива, производот сепак мора да решава проблем.
Уште нешто што е интересно е тоа што ангажманот на Симеон не престанува само со OptaReach, бидејќи како секој сериски претприемач, тој има повеќе проекти, а еден од нив е и Telentir, гласовен агент базиран на вештачка интелигенција и наменет за компании и јавни институции што секојдневно обработуваат голем број телефонски повици.
Платформата може автоматски да одговара на често поставувани прашања, да собира информации од корисниците, да закажува термини и повратни повици, како и да ги пренасочува посложените барања до соодветен оператор. Но за ова повеќе во некоја следна сторија.
Што значи да се биде млад претприемач во Македонија
Низ разговорот Симеон повеќепати потенцира дека не ја гледа Македонија како причина поради која некој не може да изгради глобален продукт. Но истовремено, тој не го романтизира ниту претприемништвото како пат по кој треба да оди секој млад човек во Македонија.
Постојат периоди кога нема доволно клиенти. Постојат моменти кога вложуваш пари, а резултатите не доаѓаат, а постојат и денови кога се прашуваш дали вреди да продолжиш, објаснува тој.
„Сум имал моменти кога и немаш многу надежи, но сепак си истраен во тоа што го правиш, стануваш, облекуваш фармерки и си во движење“, вели тој. Токму тука го гледа значењето на издржливоста. „Кога не гледаш никаква бела точка, но сепак си решен да продолжиш и да бараш резултати“, вели Симеон.
Има и едноставна причина зошто е подготвен да преземе таков ризик – има 25 години и е подготвен на сите околности кои ги носи претприемничкиот живот. „Сега сум и во години кога можам да ризикувам“, вели тој, потенцирајќи дека тука ризикот не значи неодговорност, туку обид да се создаде нешто.
„Ако навистина сакаш да создаваш, тогаш ќе најдеш начин. Можеби претприемништвото не е за секого, но секој може да си го најде патот и целта која сака да ја постигне. Сите што сакаат нешто слично, ги охрабрувам да се обидат во тоа“, вели Симеон.
Младиот програмер не крие дека инспирацијата ја црпи од различни луѓе. На еден од ѕидовите во канцеларијата има и постер од Кристијано Роналдо, кого Симеон го зема како пример не поради спортските резултати, туку менталитетот.
„Сакам да имам таков менталитет“, вели тој. Неговата филозофија е да земе нешто од различни луѓе и искуства и да создаде сопствен модел. „Од сите идоли собираш по нешто, комбинираш, и потоа добиваш своја слика, сопствена персона“, вели Симеон.
Можеби најважната лекција за него, пак, е дека успехот не се гради кога сè оди добро. „Кога оди сè добро и кога е линеарно, тука нема некој предизвик. Но кога има предизвици и притисоци, тогаш се гради карактерот“, вели тој.

OptaReach сè уште е на почетокот. Тимот има неколку клиенти, има повратни информации од пазарот и продолжува да го менува продуктот, а целта е подобра дистрибуција, подобар производ и постепено градење на приходите. „Навистина гледам вредност во ова, се посветувам целосно, и верувам дека ќе успее. Даваме сè од себе, немаме страв и одиме напред“, вели Симеон.
Истовремено, неговата приказна веќе праќа една јасна порака. „Најбитното е секое утро да станеш и покрај сите околности да правиш напори да продолжиш“, вели Симеон, кој го слуша сопствениот совет и го прави тоа секое утро во 8 часот.
Дискусија
Уште никој не искоментирал на темава, биди прв...