Тешко е да се поверува дека конечно добивме нова Silent Hill игра. Уште потешко е да се поверува дека е феноменална игра! Иако многу скептици не веруваа во успехот на играта, ние знаевме подобро. Bloober Team e квалитетно студио кое одамна се има докажано со нивните претходни наслови, особено со неодамнешната Layers of Fear 2. За време на првата недела од излегувањето, ни беше посебно мило да ги читаме и гледаме рецензиите за играта. Од неодамна, меѓутоа, благодарение на нашите пријатели од CD Media, ја добивме екслузивната можност да навлеземе во магловитиот град и целосно да се изгубиме во пеколниот лавиринт од опасни суштества и предизвикувачки загатки.


Како веродостоен римејк на играта од 2001 година, Silent Hill 2 е игра која се одликува со впечатлива приказна која ќе ве држи во неизвесност до самиот крај. Дизајнот на мапите е паметно проширен, веродостојно осликан и квалитетно пополнет со бројни контекстуални индиции. Во случај да бевте импресионирани од последната Resident Evil, а фасцинирани од втората Alan Wake, SILENT HILL 2 ќе знае како да ви посака пеколно добредојде и да ви се провлече под кожа.







Психолошки хорор со неспоредлива длабочина
Silent Hill 2 ја започнувате со загрижувачките размислувањa на Џејмс Сандерленд. Џејмс се наоѓа на влезот на Сајлент Хил – мало и опустошено рудатско градче во Мејн. Уште од првата локација, градот остава впечаток на мистериозно, но опасно место, вознемирувачки исткајано со суптилни наднормални елементи. Но, Џејмс нема избор. Иако има три години како неговата жена, Мери, е почината, содржините на едно писмо го имаат наведено да мисли дека би можел да ја види изгубената половина во нивното посебно место – Silent Hill. И така започнува вашето патување.
Огромно внимание е посветено на приказната во Silent Hill и на детално разработување на ликовите. Џејмс e комплексна личност која веродостојно реагира на околината и дава сѐ од себе да се справи со психолошкиот хорор, пеколните суштества и емоционалните растројства. Низ 20 часовната кампања, бројните пресврти, сукоби и разговори забележително го менуваат Џејмс и во ниеден момент не го прикажуваат како еднолична, второстепена личност која е тука да го реализира дејството. Напротив, тој е клучниот елемент околу кој сѐ останато гравитира, поплочувајќи пат за раскажување лична, длабока и емоционална приказна во пеколен амбиент.

Сонлива реалност
Воопшто не е тешко да гледате на римејкот на Silent HIll 2 на ист начин како ситуацијата со римејкот за Resident Evil 2. Иако има многу работи се директно извлечени од играта од 2001-та година, многу други работи се доработени, поместени или проширени за да подобро да се вклопат во свежата визија на девелоперите и модерната побарувачка на гејмерите. Независно од дискутабилните промени во областите или приказната, бројните фановини на дамнешниот хит ќе се чувствуваат како да се дома со веродостојниот римејк и со задоволство ќе препознаат бројни елементи кои ја истакнуваа оригиналната игра.
Карактеристично за овој серијал, често ќе се наоѓате во ситуации да не сте сигурни дали Џејмс навистина се наоѓа во градот или пак едноставно го сонува еден од најкоплицираните сонови. Густината на маглата, невообичаените ликови, интеракцијата со монструозните суштества, сѐ остава некој надреален отпечаток. Мапите се внимателно изработени, а собите се макотрпно пополнети до најситните детали, пружајќи ви бројни можности за длабока имерзија. Во вториот дел од играта, кога лудилото ќе се појача на 11-ка, реалното станува аборбирано од пеколниот хаос. Таквото нешто се прикажува на најразлични начини; од одлепените тапети, преку угнетувачката мрсолива материја, па сѐ до креативно осмислените непријатели.




Избалансиран коктел од битки и загатки
Соочувањето со непријателите има посебна тежина, константно алудирајќи дека не сте супер херој или командос со неограничена муниција, туку нормален човек изложен на серија од ненормални услови. Поради тоа, ќе мора да внимавате на непредвидливото приближувањето и нападите на непријателите. Потребно е стабилно да нишаните, да погодувате критички точки (како нозе за успорување), или да одите со лична пресметка, користејќи ладно оружје. Има некој магичен и остар контраст помеѓу користење огнено оружје, кое знае да биде заглушувачки гласно, и користење меле оружја,при што доминираат тапите удари и тешките воздишки.
Низ бројни аспекти на играта, ќе решавате и паметно-осмислени загатки. Некои од нив знаат да бидат исклучително предизвикувачки и да ве замислат на кратко, но ниедна од загатките не делува како да е нелогична и, со тоа, нефер. Со малку време и експериментирање, ќе дојдете до задоволителното решение. Навистина ни се допаѓа тоа што загатките не се премногу лесни. Како резултат, секое нивно разрешување ве исполнува со огромна еуфорија и потајно ве подгурнува за понатамошно истражување. Загатките нудат одлична можност за Џејмс да може да се приземји и да одмори од агресивните непријатели, давајќи му нешто поразлично за разбивање на монотонијата.

Кои се Bloober Team?

Кликнете на сликите за да ги прочитате нашите рецензии!




Како веродостоен римејк, Silent Hill 2 пружа модернизирани можности за навраќање во култната игра, посетување на бројни познати места и соочување со најразлични суштества за кои не бевме размислувале долго време. Преку нудење незаборавна приказна со одлична глума, импресивни визуелни и звучни ефекти, како и макотрпна реставрација на тивкиот град, Bloober Team успешно вдахнуваат нов живот во критички-признаената игра.
На моменти, камерата знаеше тврдоглаво да одбива послушност и да не сака да го прикаже баш она што ние очајно моравме да го видиме. Покрај ова, некои од движењата и нападите ни се чинеаа на моменти трапави и нереалистични.
Надвор од ова, Silent Hill 2 е вистинско ремек дело кое ќе се споменува на ист начин на кој се споменува успехот поврзан со римејкот за Resident Evil 2. Поради ова, доколку барате одлична приказна и бројни можности за губење во една сонливо-застрашувачка димензија, Silent Hill 2 е наша топла препорака, особено сега пред Halloween-ското расположение.

Повеќе детали за играта
- Произведува: Bloober Team SA
- Издава: KONAMI
- Жанр: психолошки хорор
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 8 октомври 2024
Оценка
- Вкупна оценка: 9
- Приказна: 10
- Гејмплеј: 8
- Графика: 9
- Звук и музика: 10