Едвард Сноуден најави дека на 10. ноември во 22:30 часот по македонско време ќе има обраќање на кое ќе зборува на тема приватност и Доналд Трамп, пренесе Engadget. Обраќањето доаѓа брзо по изборот на г. Трамп и најверојатно Сноуден ќе зборува за шансите за враќање на „Патриотскиот акт“, законот во САД кој по терористичкиот напад на 11-ти септември им овозможи на федералните власти поголема слобода во искористување на што е можно повеќе начини, по цена и на човечките права и приватноста, да спречат нови напади и закани.
Неколку часови по затворањето на првите избирачки места во САД, штом стана извесно дека г. Трамп има реална шанса за претседателското место започна и „паниката“ во Калифорнија. Дел од наговестувањата беа претерани и покрај најавата за селење од САД бараа и референдум за отцепување на Калифорнија. Добар дел од медиумите започнаа со прогнози на што ќе значат промените во Белата Куќа за компаниите од Силициумската Долина.
Дел од неговите ветувања за крај на досегашната пракса предвидуваат повисоки даноци за робата и увозот особено од Кина. Ова е лоша вест не само за Apple кои беа дел во фокусот во кампањата, туку за скоро сите компании во ИТ светот бидејќи најголем дел од производите во оваа индустрија се произведени во Кина. Во текот на кампањата тој неколку пати повтори дека ќе ги врати Apple во САД. Ова ќе биде сериозен проблем за најголем дел од производителите на хардвер. MIT објасни зошто овие компании работат во Кина, а поевтината работна рака е сосем мал дел од поевтините телефони.
„Аll Аmerican iPhone“ е сценарио замислено како телефон изработен од американски атоми. Ова е невозможно сценарио, бидејќи голем дел од металите и елементите кои се потребни за изработка на iPhone ги нема во САД. Дури и за најголемиот дел на iPhone кој треба да се изработи од алуминиумот нема рудници во САД, па мора да бидат изработени од рециклиран алуминиум. Неодимиум, лантан, хафниум воопшто и нема во САД. Во вакво сценарио Аll American iPhone не може да се изработи, објаснуваат при дискутирање на сценаријата од MIT Technology Review.
Силициумската Долина продолжува со водството како технолошки лидер, најмногу поради можноста за „увоз“ на кадар. Доколку г. Трамп го оствари своето ветување и ги укине H-1B визите, тоа ќе бидат одлични вести, но за Европа. Европската Унија неколку години се обидува да ги задржи стартапите и кадарот во своите граници, досега со ограничен успех бидејќи контактите, капиталот а и пазарот е поатрактивен во Америка. Најавите за промени во САД значително ќе ја олеснат работата во Европа, барем во овој поглед.
Еден од секторите за кои TechCrunch предвидува проблем се обновливите извори на енергија. Компаниите кои произведуваат енергија од овие извори, во минатиот период заработија дел од парите пред се благодарение на субвенциите. Очекувањата се дека под водство на г.Трамп, субвенциите би можеле да престанат. Ова може да го намали интересот за инсталирање на соларни панели за 60 отсто според проценките во статијата на TechCrunch.
Една од областите кои г.Трамп најави дека ќе ги зајакне е сајбер безбедноста. Ова секако е без основа, безбедноста е во рацете на агенциите кои и сега имаат доволно средства; и претежно зависи од експертите од Силициумската Долина.
Петер Тиел, кој беше единствениот јавен поддржувач на Трамп од ол-стар тимот на Силициумската Долина, се чини дека добро го проценил пазарот и однесувањето. Доколку биде советник на г. Трамп транзицијата можеби ќе помине (без)болно.