Што носи новата надградба на pulse.eco – платформа за животна средина

Повторно започна периодот на годината во кој квалитетот на воздухот е една од главните теми на разговор, а црвените „кругчиња“ на МојВоздух се најсподелувани слики на друштвените мрежи. Една од апликациите кои меѓу другото овозможуваат следење и на квалитетот на воздух е pulse.eco – апликација креирана од група ентузијасти во Netcetera.

Корисниците на pulse.eco покрај квалитетот на воздух може да ги следат и температурата, влажноста на воздухот, притисокот и бучавата на локациите на кои има сензори. Најголема предност на платформата е crowdsourced Internet Of Things мрежата која може да се проширува со дополнителни уреди (сензори) кои може да ги додаде секој.

Апликацијата неодамна доби надградба и нови функционалности. Дел од надградбата се додавање на повеќе јазици, подобрување на стабилноста, корисничкото искуство и неколку нови интересни и корисни функционалности. pulse.eco е бесплатна, и е достапна за преземање на Google Play и нa App Store.

За надградбата на pulse.eco зборувавме со Панче Чавковски и Филип Сарџоски дел тимот на pulse.eco.

Веќе постојат неколку македонски апликации кои имаат делумно слична функционалност. Каде сега се предностите на pulse.eco?

pulse.eco е всушност платформа со сопствени мобилни апликации. За разлика од останатите, јадрото на pulse.eco е crowdsourced Internet Of Things мрежа што значи дека секој може да ја прошири таа мрежа со сопствени или 3rd party уреди, и на крај да ги прегледува податоците преку веб или мобилните апликации. Дополнително, сите податоци кои се прибирани од pulse.eco мрежата или интегрирано од други извори се отворени и веќе има неколку други системи и апликации кои работат на база на API-то на pulse.eco.

И да, дали спомнавме дека мобилните апликации се open-source? :)

Со надградбата се додадени неколку нови функционалности, како одлучивте што е потребно да се додаде? Имаше барање од корисниците или самите видовте каде има простор за надградба?

Комбинација од двете. Секако имавме колекција од барања или идеи за подобрување од корисниците, но дополнително ние практикуваме и „eat your own dogfood” пристап, односно сите ние кои придонесуваме кон апликациите или платформата сме и нивни активни корисници и работиме да ја направиме подобра и полесна и покорисна за наште блиски, нашите корисници и секако за нас.

пулс еко апликација
пулс еко апликација
пулс еко листа на градови
пулс еко персонализирани податоци

Имаше ли некоја претходна функционалност за која одлучивте дека не е потребна или дека нема интерес?

Листата од сите градови и села каде што има pulse.eco мрежа. Најголем дел од корисниците прегледуваат податоци за една или неколку локации. Поради тоа, изборот го заменивме со пребарување и листа на омилени локации што мислиме дека е многу попрегледно и попознато за користење, следејќи примери од повеќе апликации за временска прогноза.

Додадени се неколку јазици, какво е искуството досега, има ли интерес во другите држави?

Интернационализацијата ни беше функционалност која долго време ни беше присутна во backlog, но и многу корисници ни ја побараа. Иако ентузијастите немаат проблем при користење на апликацијата на англиски јазик, кај пошироката јавност тоа не е така. Додавањето на новите јазици придонесува за многу поголема прифатеност во земјите каде што веќе сме присутни, а тоа што преводите ни се исто така open-source, овозможува други заедници поентузијастички да ни се придружат. Покрај тоа што апликациите се достапни на англиски, македонски, германски и романски, моментално активно работиме на српски и француски преводи.

Предност на апликацијата е што овозможува ентузијастите сами да постават сензори, какво е искуството со ова досега?

Кај оние ентузијасти кои сакаат или немаат проблем со составување на електронски сетови, искуството е одлично. Во наредниот период ние и ќе додадеме нови опции за сетови кои ќе работат преку Wi-Fi или LoRaWAN и би имале нови функционалности. Сепак, една од целите е да дојдеме до можност корисниците да купат веќе изграден уред и да можат само да го додадат во мрежата. За жал, ова досега се покажа тешко за имплементација, но ние не се откажуваме од идејата.

pulse.eco LoRaWAN уреди

Што е следно? Имате ли веќе некоја следна функционалност в предвид?

Уште од почетокот на овој проект, па се до сега, главната идеја е останата иста. Нашата цел е да го направиме учествувањето во платформата и собирањето на податоци што е можно полесно, а од друга страна да ги направиме тие податоци подостапни и со попрегледен приказ за да бидат разбрани од сите. Во иднина сакаме да го прошириме дофатот на платформата со други типови на сензори и мерења, предвидување на различни параметри, известувања и слично.

За крај, како изгледа според првите податоци од апликацијата, ќе дишеме ли загаден воздухот и оваа година?

pulse.eco е crowdsourced IoT платформа која собира повеќе мерења од околината, а не само присуство за ситни честички во воздухот. Движењето на дел од вредностите, во голема мера би зависело од надворешни фактори, а можеби највеќе од временската прогноза. Она што можеме само да кажеме е дека системот за прогнозирање на податоци ни е функционалност која веќе е во развој, а до тогаш, ние ќе ви прикажуваме тековни, историски и агрегирани податоци од сите уреди во нашата мрежа.

За повеќе навремени информации, надградби и функционалности на pulse.Eco следете ги нивните канали на друштвените мрежи Instagram, Twitter и Facebook.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
1 Коментар
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
Boban Stojanovski
19 days ago

За позафатени луѓе би било одлично да може да се купи готово сензорче, интеграцијата со системот колку што видов е прилично едноставна.