Игрите со мешана реалност (MR) влегуваат во нова возбудлива фаза, нешто што е директно инспирирано од технолошкиот напредок и зголемениот интерес на корисниците за овој сегмент од гејминг индустријата. Еден од најистакнатите двигатели на оваа поле во последните неколку години е и романскиот стартап MixRift. Преку седумнеделна pre-seed инвестициска рунда, стартапот неодамна обезбеди 1,6 милиони долари, поддржан од страна на фондови за ризичен капитал како што се Outsized Ventures, Underline Ventures и SOSV.
Сепак, изминатите неколку години бележат и критичен предизвик за индустријата: базата на корисници на хардверот е во забележителен пораст, но понудата на разнолика и забавна содржина е ограничена.
Компанијата MixRift, предводена од извршниот директор Боби Воику, директно се справува со овој јаз. Тоа што фокусот на тимот е на создавање игри кои се интуитивни и длабоко имерзивни, допринесува да генерираат значително внимание и да привлечат публика со различни интереси. Како резултат, нивните игри стануваат примамливи и за гејмерите и за пошироките корисници на оваа технологија.
Во интервју за IT Logs, Воику споделува што ја издвојува MixRift во конкурентниот MR пејзаж. Покрај прониклив увид во визијата зад нивните гејмерски иновации, добиваме и подобра претстава за претстојните трендови кои ја обликуваат иднината на мешаната реалност.
IT Logs: Што ја издвојува MixRift од другите компании кои работат на игри со мешана реалност?
Боби Воику: Нашето студио за мешана реалност (МР) произлезе од заедничката визија за трансформирање на игрите преку технологите кои се сеуште во развој. Со клучна експертиза за имерзивно играње игри, го имаме маркирано потенцијалот кој произлегува од мешаната реалност долго пред тој да се појави.
Она што не издвојува е нашата итеративна развојна стратегија. Нашиот приоритет е на првичните урнеци и на брзото создавање прототипови, а не на вложување време во само еден наслов. Добиваме кориснички увиди за понатамошно развивање и зајакнување на нашите игри. Ова ни помага да го премостиме јазот помеѓу дигиталниот и физичкиот свет, нешто што е овозможено преку игрите со мешана реалност.
На кој начин MixRift ги прави игрите со мешана реалност ем да се забавни, ем да се лесни за играње?
За разлика од традиционалните и стандардните VR игри, игрите со мешана реалност се значително полесни и подостапни. Со мешање на виртуелниот свет со реалното опкружување на играчот, игрите со мешана реалност создаваат имерзивни, познати и удобни средини. Оваа рамнотежа привлекува поширока и поразновидна публика, од посветени ентузијасти за игри до повремени играчи.
Крајниот тест за успехот на играта е ако играчот ужива во неа. За да ги задржиме нашите корисници ангажирани, се стремиме да понудиме опсег на разнолики игри. Нивните содржини се дизајнирани и развиени на начин кој ги прави забавни независно од возраста и потеклото на играчите. Разновидноста гарантира дека нашите игри никогаш нема да станат застарени, туку ќе останат возбудливи и иновативни.
Го проширивме нашето портфолио, објавувајќи два нови наслови за платформите Meta Quest и Apple Vision Pro: „Fractured“, MR игра со која спојува имерзивни 3D-загатки во уникатната околина на играчот, како и „Hell Horde“ – ретро инспириран шутер кој ги редефинира границите на адреналинските битки во мешана реалност.
Исто така, возбудени сме да споделиме нова игра, дизајнирана специјално за помлада публика, токму на време за празничната сезона: Crit Attack! Новото издание е совршен пример за нашата посветеност да создаваме искуства што резонираат со сите возрасти и интереси, нудејќи забавна и привлечна авантура за играчи од секаков вид.
Со константниот раст на пазарот на MR игри, како MixRift планира да остане еден чекор напред од конкуренцијата?
Се претпоставува дека пазарот ќе оствари заработка од 58,3 милијарди долари до 2030 година, со CAGR од 71,3% . Напливот е поттикнат од главните технолошки играчи како Meta и Apple и иновациите што го поттикнуваат интересот на потрошувачите, означувајќи го почетокот на областа на интерактивната забава.
Ние се ориентираме според очекуваниот пораст на хардверот за игри. Во MixRift, правиме значителни инвестиции во истражување и развој, се со цел да да го одржиме нашето лидерство во технологијата за мешана реалност, вклучувајќи сопствени алатки и графички енџини. Стратешките партнерства ќе играат клучна улога во нашето патување. Ние активно бараме соработка со производителите на хардвер и креаторите на интерактивна содржина.
На кои долгорочни трендови поврзани со мешаната реалност компанијата има за цел да капитализира?
Пејзажот постојано се развива, поттикнат од хардверските напредоци кои можат да ги редефинираат корисничките искуства. Со големите чекори во технологијата за прикажување и зголемената процесорска моќ, ваквите иновации ги поместуваат границите на имерзија. Мешаната реалност станува сè понепречена, нудејќи им на корисниците попривлечна средина, истенчувајќи ги линиите помеѓу физичкиот и дигиталниот свет и менувајќи го начинот на кој комуницираме со технологијата.
Друг тренд е вниманието кон создавање извонредни социјални искуства, каде што корисниците можат да си играат едни со други во заеднички виртуелни простори, унапредувајќи ја поврзаноста и соработката меѓу луѓето.
Како компанијата го замислува пејсажот на игри со мешана реалност во следните пет години?
Во текот на следните пет години, успехот на игрите со мешана реалност ќе се потпира на еволуцијата на хардверот. По метежот околу Apple Vision Pro, пазарот покажа дека недостатокот на корисниците може да ја намали возбудата. Игрите со мешана реалност ќе се развиваат одделно од традиционалните игри, со иновации во хардверот и извонредните искуства кои ќе го поттикнат клучниот раст. Сепак, додека технологијата не стане попристапна, поширокиот пазар на традиционалните игри ќе остане најпопуларен.
Тука стапува на сцена MixRift. Забележавме одлична можност на оваа поле: додека побарувачката за искуства со мешана реалност вртоглаво расте, има значителен недостиг од впечатливи MR игри . Овој јаз е местото каде што сакаме да оставиме свој белег. Ние не сакаме само да фигурираме како двигатели на бранот од иновации – ние имаме за цел да го дефинираме, создавајќи извонредни искуства кои ја менуваат играта што ги поместуваат границите на она што е можно во индустријата.